Најекстремни карантински мерки во светот
Државите во светот воведоа различни карантински мерки во обид да го спречат ширењето на коронавирусот, а милијарди луѓе во моментов се соочуваат со масовни ограничувања на нивните права и слободи. Од една страна, постои согласност дека напорите за запирање на пандемијата бараат привремено да се жртвуваат некои индивидуални слободи, но од друга страна, постои стравување дека властите можат да ја злоупотребат заразата како изговор за спроведување жестоки мерки, кои се екстремни дури и за авторитарните држави. Агенциите на Обединетите нации и други организации за заштита на човековите права нагласуваат дека државите мора да се осигурат дека нивните одговори на пандемијата се „пропорционални, неопходни и недискриминирачки“.
На Филипините, полицијата и локалните власти ги ставаат во кафези за кучиња луѓето што ќе го прекршат полицискиот час или за казна ги тераат да седат на пладне на сонце.
Филипинскиот претседател Родриго Дутерте ги предупреди граѓаните дека им дал наредба на војската и на полицијата да стрелаат во сите што ќе им прават проблеми за време на спроведувањето на карантинските мерки.
– Ова нека биде предупредување. Немојте да се обидувате да ги повредите здравствените работници, лекарите и другите. Мојата наредба до полицијата и до војската е да пукаат во секој што прави проблеми и го загрозува нивниот живот – им порача Дутерте на граѓаните.
Во Кенија, полицијата неделава се извини и изрази сочувство откако застрела 13-годишно момче на балкон, додека спроведуваше полициски час поради коронавирусот. Таткото на убиеното дете изјави дека полицијата упаѓала во населбата и ги тепала луѓето како животни.
Експертите предупредуваат оти некои полициски служби користат исцрпувачки и понижувачки казни за да спроведат карантин меѓу најсиромашните и најранливи групи, вклучувајќи и десетици милиони луѓе, кои ризикуваат да гладуваат ако не работат. Во Индија, на пример, беа објавени снимки на кои се гледа како сезонски работници ги прскаат со хемикалии крај пат за да ги дезинфицираат. Работниците, кои се вратиле од Њу Делхи, биле испрскани со средство за белење, кое може да предизвика оштетување на кожата, очите и белите дробови, објави „Индијан експрес“.
Слични екстремни тактики користи и полицијата во Парагвај, чии службеници дури и ги снимаат тепањата и малтретирањата, а министерот за внатрешни работи на земјата им честита за „креативноста“, пренесува „Гардијан“.
Активистите во Кенија, пак, предупредуваат дека полицијата со своите жестоки тактики не само што ризикува да поттикне паника и страв меѓу населението туку може и да го интензивира пренесувањето на вирусот. Во Момбаса, полицијата фрлила солзавец врз патници на брод, по што стотици луѓе кашлале и си ги бришеле солзите. Полицајците биле снимени и како ги тепаат луѓето.
– Ако целта беше да се заштитат луѓето од ширење на вирусот, постигнато е токму спротивното – нагласи работната група за реформирање на полицијата на Кенија.
Исто така, постојат стравувања дека владите го користат стравот од ширењето на пандемијата за да ги зголемат своите овластувања, притоа носејќи закони што би можеле да се злоупотребат за да се задушат критичарите. Во Унгарија, парламентот донесе нови пакет мерки, кои вклучуваат затворски казни за ширење дезинформации и му овозможуваат на премиерот Виктор Орбан да владее со декрет за време на вонредна состојба, при што не е поставена јасна временска рамка. Критичарите го обвинуваат Орбан дека со таквите мерки сака да ги замолчи опозицијата, медиумите и кои било други неистомисленици.
На Филипините и во Тајланд беа прогласени вонредни состојби, кои привремено им даваат на властите поголеми овластувања. Тие ја вклучуваат и можноста за осуда поради ширење лажни вести, што е нејасен термин, кој, според активистите за човекови права, може да се искористи за злоупотреба на власта.