Во Скопје денеска се оддржа третиот состанок на Меѓувладина мешовита комисија (ММК) за спроведување на Спогодбата за заштита на македонското малцинство во Република Хрватска и хрватското малцинство во Република Македонија.
Македонската страна во ММК беше предводена од министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, а од хрватската страна од државниот секретар на Средишниот уред за Хрватите надвор од Република Хрватска, Звонко Милас.
-На состанокот разговаравме за активностите кои се преземаат со спроведување на Спогодбата за заштита на македонското малцинство во Република Хрватска, после 8-годишен застој, поради што е констатирано дека е потребно да се посвети внимание на реализацијата на обврските што произлегуваат од Спогодбата меѓу двете држави. Инаку, Спогодбата меѓу Македонија и Хрватска е потпишана во 2008 година. Благодарност до хрватската страна за безпрекорниот ангажман на високиот степен на реализацијата на правата на дијаспората по потекло од Република Македонија во Република Хрватска, во сите области во зачувување на нациналниот идентитет и грижата на Република Хрватска, од финасиски, правен, институционален, образовен, културен аспект, како и за позитивниот процес на интегрирање на нашата дијаспора во хрватското општество- изјави министерот за дијаспора Едмонд Адеми.
Република Македонија и Република Хрватска се пријателски држави. Хрватска е голем поддржувач на Македонија во остварувањето на стратешките евро-атлантски цели, и пријателството и соработката сега има услови да бидат продлабочени на економски, на културен план, низ грижа за правата на малцинствата во државите, но и во интерес на сите граѓани.
– Веќе долго време градиме пријателски однос со Македонија, го унапредуваме статусот на малцинствата во Хрватска. Со моделот кој функционира во Хрватска малцинствата имаат загарантирани права. Со спроведување на Уставниот закон и посебниот закон со кој се уредувааат малцинските права и слободи, се обебзеди поголема застапеноста во претставничките тела на државно и локално ниво, како и во управните и правосудните тела, користење на јазиците и писмата на националните малцинства, воспитување и образование на јазикот и писмото на националните малцинства- изјави Звонко Милас.
Остварување на културна автономија со искажување на сопствената култура и традиција, право на своја вера и основање на верски заедници, пристап до средства, примање и ширење на информации на јазикот и писмото на националните малцинства, се само дел од правата што ги уживаат малцинствата во Хрватска.
Со Уставот на Хрватска, секое малцинство има право да го изучува својот мајчин јазик, вели Ангел Митревски член на Советот за национални малцинства во Хрватска.
– Уставот на Хрватска утврдува секое малцинство да се образува на својот мајчин јазик, ние работиме на тоа поле. Веќе постојат седум училишта каде се изучува македонскиот јазик. Хрватска ја призна Македонија во 1991 година под уставно име, па така слободно можам да кажам дека ние, припадниците на македонското малцинство, не го поддржуваме актуелниот Договор за промена на името на Република Македонија-одговори на новинарско прашање Ангел Митревски.