„Омаж на 1969“ е насловот на актуелната изложба во музејот на Виктор Вазарели во Будимпешта, која се занимава со неговата изложба од 1969 г. во тамошниот „Кунстхале“. Будимпештанскиот музеј е еден од трите на светот што им оддаваат почест на делата на овој унгарски уметник и визионер, кој бил попознат во странство отколку во својата земја. Музејот е отворен во 1987 г. во присуство на уметникот, а на отворањето му претходела колекцијата што неколку години порано ѝ е донирана на Будимпешта и привремено сместена во Музејот на ликовните уметности. Покрај сопствените, Вазарели дарувал уште 26 дела со геометриска апстракција и кинетичка уметност од својата збирка, меѓу кои и дела на Јосеф Алберс, Жан Арп, Соња Делоне и Ле Корбизје.
Изложбата од 1969 година на Вазарели била негова прва средба со унгарската публика. Тогаш оваа земја зад Железната завеса станала свесна за постоењето на апстрактната уметност. Изложбата е отворена на 18 октомври, а затворена за 23 дена, во кои ја виделе речиси 100.000 луѓе, што во тоа време било рекорд. На отворањето биле уметникот и неговата сопруга, галеристката Денис Рене, како и голем број француски новинари и критичари.
– Вазарели ја покори Будимпешта. Во работните денови изложбата е преполна, а книгата на гостите е исполнета со редови на одушевување. Во салите има и уметници што го опседнуваат персоналот за каталог, кој не е достапен. Професионалниот успех и успехот на публиката е целосен – вака пишувало за изложбата во ликовната рецензија на водечкиот унгарски весник „Непсзабадсаг“.
Еден од клучните делови на изложбата е документарниот филм на Ана Херско, направен за време на изложбата во 1969 година. Во тоа време уметникот бил на врвот на својата кариера и ги прифатил цврстите левичарски убедувања, а филмот јасно ја прикажува неговата борба во бурниот свет на утопија и дистопија, која прераснала во акутен социјален проблем. Најинтересните делови од филмот го прикажуваат Вазарели како работи на поставување на изложбата, со неизоставната цигара во рака и без заштитни ракавици, како лежерно низ салата ги пренесува делата што денес на аукциите достигнуваат вредност и до половина милион долари.
Роден на 9 април 1906 година, во Пеќ, Унгарија, уметникот Виктор Вазарели првично студирал медицина, но наскоро ја напуштил за да почне да слика на академијата „Подолини-Волкан“ во Будимпешта. Германскиот баухаус бил еден од стиловите што најмногу влијаеле на Вазарели пред тој да стане патријарх на оп-артот, апстрактна форма на уметност со геометриски шеми, светли бои и просторна измама. Тој создава различни оптички обрасци со кинетички ефект и прави мрежа во која ги уредува геометриските форми во брилијантни бои, на таков начин што окото гледа флуктуирачко движење.