За време на животот, од крајот на 18 и почетокот на 19 век, Вилијам Блејк важел за маргинален уметник. Неговите дела, особено стиховите, биле и премногу чудни за тогашниот крајно конвенционален уметнички естаблишмент. Но англискиот книжевник и сликар доживеал вистинска ренесанса во текот на 20 век во популарната култура.
Иако митологијата на Блејк е присутна во најразлични обрасци на општеството, особено на англосаксонското говорно подрачје, референциите на уметникот и неговите мотиви се најочигледни во филмот. Во последните педесетина години филмската уметност е исполнета со примери на употреба на стихови и слики од огромниот опус на Блејк. И додека хорор-филмовите изобилуваат со илустрации преземени од Блејк, каде што предничи трилогијата работена по романите на Томас Харис за Ханибал Лектор, и во последното остварување на данскиот режисер Ларс фон Трир, „Куќата што ја изгради Џек“, се присутни неговите стихови: „Тигаор живее од крв и убиства, убива јагниња…“ од збирката на Блејк „Песни на невиноста и искуството“.
Повеќето дела на седмата уметност ги користи Блејк онака како што веројатно и би сакал, како бунт против вкоренетите принципи и осветлување на новиот, поинаков пат, а самиот живот на англискиот уметник е најдобро сведоштво на отпор спрема системот.
„Во пламенот паднаа ангели…“ е делче од стих, додуша малку променет, од неговото дело „Америка: пророштво“ (1793), кое во еден момент го изговара протагонистот на култниот филм на Ридли Скот од 1982 година, „Блејдранер“.
Кога станува збор за употребата на неговите уметнички дела во популарната култура, „Ерусалим“ на Блејк е ненадминат. Бројот на филмови во кои како звучна подлога се појавува ова дело е огромен, всушност делот „Песна за Милтон“, која денес е најголемата англиска патриотска песна, како и неофицијална химна, а се користи дури и на венчавки. Меѓу најновите филмски примери во кои е употребена е „Томб рајдер“.
Антисистемскиот елемент, пак, е најочигледен во остварувањето на Тони Ричардсон од 1962 година, „Осаменост на тркачите на долги патеки“.
– Ајде да го изградиме Ерусалим меѓу овие тмурни сатански воденици – пишува Блејк, кој утопистичката визија на новиот Ерусалим директно ја спротивставува на системот во кој живеел, односно изразува отпор кон тогаш надоаѓачката индустријализација.
Под влијание на Блејк, Алан Силито, член на групата драмски писатели „Гневни млади луѓе“, која бегала од конвенционалната драматургија, го изнедрил делото „Осаменост на тркачите на долги патеки“, објавено во 1959 г., како театарска драма, за потоа Ричардсон да го претвори во филм.
И во филмовите „Мртов човек“ на Џим Џармуш и „Последните денови“ на Гас ван Сант, главните јунаци го носат името на англискиот уметник.. Стихови од „Претскажувања на невиноста“ на Блејк исто така се појавуваат во остварувања на Џармуш, како и во независниот филм од 2011-та „Во спалната соба“. Филмот го следи ликот чие име е Вилијам Блејк, а го игра Џони Деп. Тој меѓутоа нема поим за постоењето на поетот, туку само го носи тоа име, а кога е прогонет и се наоѓа на потерница, ранет во шумата го среќава Индијанецот Нико. Кога Блејк му се претставува на Нико, овој помислува дека се работи за еманација на самиот поет и одеднаш почнува инспирирано да ги рецитира неговите стихови.