Истражувањата за земјите од регионот, покажуваат дека 11 отсто од работниците во Хрватска, односно девет проценти во Македонија, имале искуство со работа на интернет-платформи, додека Србија е оценета како една од земјите со најголем процент за вакво работно ангажирање
СРБИЈА
Во Србија во наредниот период во големите градови ќе се спроведе првото национално истражување за процената на бројот на дигиталните работници, кои се ангажирани на онлајн-платформите, но и на тие што работат на повик, преку мобилните апликации. Сознанијата што ќе бидат добиени од истражувањето, кое се спроведува од Центарот за истражување на јавните политики, ќе бидат искористени за промовирање на предлозите за повеќе законски решенија, во врска со регулирање на работноправниот статус на т.н. гиг-работници.
Прелиминарните истражувања покажуваат дека речиси една третина од анкетираните дигитални работници го имаат регулирано својот статус, но другите се во сивата зона на вработеност, во отсуство на други законски решенија, како што е статусот на независни работници, според примерот на веќе постојните слободни професии во Србија (уметници, новинари, свештеници). Така, оваа категорија работници остануваат во евиденцијата на Националната служба за вработување или се водат како неактивно население, а нивната работа останува невидлива, пишува „Политика“.
Јелена Бојобиќ, директорка за регулаторна реформа во НАЛЕД, истакнува дека на дигиталните работници не им се исплати да работат преку регистрација на сопствени фирми.
– Најчесто тоа е нередовен приход, како по износ така и по динамика на исплата, па овие работници главно работат во сивата економија. Кога станува збор за земјите од регионот, истражувањата покажуваат дека 11 отсто од работниците во Хрватска, односно девет проценти во Македонија, имале искуство со работа на интернет-платформи, додека Србија е оценета како една од земјите со најголем процент за вакво работно ангажирање – објаснува Бојовиќ.
Од НАЛЕД предлагаат во Законот за труд да се уреди можноста за работа преку платформи како посредници во ангажирањето, како и со другите флексибилни облици на ангажирање работници, како што е поповолното работење на нецелосно работно време, статусот на хонорарци, како и поделба на работници меѓу двајца работодавци…
– Паралелно со ова, се прави и анализа за посебните видови работи, како што се домаќинките, дадилките, собирачите на секундарни суровини, физичките работници во секторот за градежништво, сезонските работници во туризмот. Изработката на двете анализи е предвидена со акцискиот план за спроведување на Националната програма за сузбивање на сивата економија. Првите предлози за измена на законите ќе бидат дефинирани до крајот на годинава – вели Јелена Бојовиќ.
Во Србија бројот на дигиталните работници е во постојан пораст, но проблем е што нема податоци за обемот на оваа дејност. Недостигаат податоци за нивното учество во вкупната вработеност, демографските и професионалните карактеристики, а не е решен и нивниот статус на платформата во рамките на националното законодавство.
Во декември 2019 година на познатите дигитални платформи биле регистрирани околу 30.000 граѓани од Србија, која има најголем број активни дигитални работници во споредба со земјите од регионот, односно од Бугарија, Хрватска, Грција и Унгарија. На оваа категорија работници досега им било советувано да регистрираат сопствена претприемачка агенција за да можат да дејствуваат легално и да остварат право на здравствено и пензиско осигурување.