Грузија, Украина и Молдавија бараат поамбициозна политика на новата самопрогласена геополитичка Европска комисија и ЕУ кон земјите од Источното партнерство. Тие бараат подинамична дебата и поголема финансиска поддршка, посочува Еурактив
Следната деценија треба да мине од надминување на растојанието до надминување на разликите, од создавање врски до создавање заеднички простор, порача Натали Шабанаѕе, грузиска амбасадорка во ЕУ, на годишниот настан за размена на идеи организиран од страна на Центарот за европски студии на политики (ЦЕПС). Според неа, договорот за асоцијација со ЕУ е најопипливата манифестација во политичкиот избор на Грузија и таа прави големи заложби за да го спроведува.
Повиците за поамбициозна политика кон Истокот со трите земји што потпишаа договори за асоцијација со ЕУ и се надеваат дека еден ден ќе влезат во ЕУ, Грузија, Украина и Молдавија, одекнаа и во Европскиот парламент. Во резолуцијата донесена минатиот декември, Еуронест, парламентарното собрание што ги собра европратениците и политичарите од земјите од Источното партнерство, повика да се направи „чекор напред во промовирање поамбициозна употреба на диференцијација и на остварување на принципите – повеќе за повеќе и помалку за помалку“ во рамките на стратегијата „Трио плус 2030“. Идејата ја промовира европратеникот Андриус Кубилиус, во надеж дека „тројниот процес“ може да доведе до формирање нови институции и инструменти за политика.
– Треба да покажеме политичка перспектива на триото – изјави Кубилиус во ноември.
Официјалните претставници на ЕУ и дипломатите се двоумеа дали да го одобрат овој чекор, стравувајќи дека привилегирањето на аспиративните држави може да ги затегнат односите со преостанатите три земји-партнери на Источното партнерство, кои немаат планови за влез во Унијата. Меѓу нив се Белорусија и Ерменија, кои одлучија да ѝ се приклучат на Евроазиската економска унија предводена од Русија, додека Азербејџан, кој е богат со фосилни горива, настојува да одржи еднаква оддалеченост од големите сили.
– Иако нашиот природен тренд е да ги наградуваме најдобрите пријатели, диференцијацијата не треба да штети на „инклузивноста“ – рече Лук Девијн, директор за Источното партнерство во дипломатската служба на ЕУ, во Европскиот парламент минатиот ноември.
Експертите, пак, тврдат дека двете работи можат да одат рака под рака.
Во еден неодамна објавен политички труд, двајца истражувачи на ЦЕПС тврдеа дека политиката на Источното партнерство покажа дека „распоредувањето на низа релативно технички инструменти за мека моќ може да даде резултати од стратегиска важност“. Многу алатки можат дури да бидат и поефективни, за разлика од некои, кои се со политичка реторика на „геополитичката комисија“,. додаваат експертите, што истовремено може да ги зголеми очекувањата околу ефективната улога на „надворешната политика“ на ЕУ.
Во декември минатата година, на министерскиот состанок на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Грузија, Украина и Молдавија ја потпишаа својата прва заедничка политичка изјава за интеграцијата во ЕУ.
Трите држави повикаа на создавање на форматот ЕУ + 3, кој ќе соработува за секторска интеграција во транспортот, енергетиката, но и во другите области, како и да овозможи целосен пристап во четирите слободи на Унијата меѓу кои се и слободното движење на стоки, услуги, капитал и работна сила.
Писмото што беше составено на маргините на Минхенската конференција за безбедност одржана минатиот месец, меѓу другото беше проследено и со лобирање во ЕУ на некои земји, но и комбинирани напори со кои за аспиративните земји истовремено се побара да добијат и неопходна финансиска поддршка. Во заедничко писмо дополнително министрите за надворешни работи на трите држави ја потсетија Комисијата за „важноста и амбициозната поддршка“ на Источното партнерство во ММФ.
Нивото на амбиција на Источното партнерство во голема мера дополнително ќе биде дефинирана по достапноста за финансирање за политиката. Новиот инструмент за соседство, развој и меѓународна соработка на ЕУ (НДИЦИ) ќе го канализира најголемиот удел во фондовите за надворешно дејствување, но износот за финансирање засега останува нејасен, додека продолжува расправијата околу следниот седумгодишен буџет на ЕУ.
Во меѓувреме Комисијата предложи да се издвојат 79 милијарди евра за НДИЦИ, со дополнителни 22 милијарди засилен буџет наменет за политиката на ЕУ кон соседството. Ова би претставувало значително зголемување на финансиите споредено со проценетите 71,5 милијарда евра потрошени за надворешното дејствување во периодот од 2014 до 2020 година.
Сепак, во најновиот документ подготвен од претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, бројот за финансиската политика веќе е намален за 4,4 отсто на 75,5 милијарди евра со дополнително скратување на уште 500 милиони евра, кое првпат се појавува до документ објавен на Комисијата, кој изминатиот период кружеше меѓу земјите-членки на Унијата.
Сево ова на лидерите на здружените земји дополнително ќе им биде разјаснето на следниот Самит на Источното партнерство, кој е закажан за јуни оваа година.
– Сепак, понекогаш кога ќе побарате појаснување она што ќе го добиете не е тоа што сте го очекувале и посакале – рече еден учесник на настанот во ЦЕПС.