Со почетокот на летната сезона и сè поинтензивното вжештување на скопскиот асфалт, повторно се актуализира темата за скопското езеро Треска. Некогаш, оваа локација претставувала место на кое скопјани можеле да се освежат и да ги избегнат летните горештини, да се изладат и да уживаат во природата. Но денес тоа не е така.
Рекреативното езеро Треска во скопската општина Сарај е отворено во далечната 1978 година, а било изградено со средства обезбедени преку самопридонес од граѓаните. Во првите години од почнување со работа, комплексот што е на околу 8 километри од главниот град, претставувал атракција во летните денови. Има повеќе различни причини зошто езерото веќе скоро две децении не функционира и е напуштено, а низ годините честопати во медиумите се појавуваа информации за негова реконструкција, подобрување и реновирање на инфраструктурата и враќање на стариот шарм, но тоа никогаш не се случи.
Сега, на местото од некогашниот камп, има само нефункционални приколки, а оние што се функционални, многу малку и ретко се одржуваат.
Ингеренциите за водење на езерото Треска со владина одлука ѝ се доделени на општината Сарај, но од градот Скопје изјавија дека се подготвени заеднички со оваа скопска локална самоуправа да изработат и да реализираат проект за ревитализација на овој градски рекреативен појас. Според информациите од градот, Советот на Скопје има донесено одлука за воспоставување соработка со конкретно дефинирана цел за изработка на проект за ревитализација на оваа локација. За оваа намена, градот од сопствениот буџет ќе издвои 7 милиони денари со пресметан ДДВ, од кои во буџетот за 2018 година во износ од 3 милиони денари, од буџетот во 2019 и во 2020 година 2 милиони денари.
Во насока на тоа да се подобрат условите и да се уреди просторот во реонот околу езерото Треска, за пролетниот ден на администрацијата на општината Сарај, во соработка со комуналните претпријатија од општината и учениците и наставниците од локалните училишта, реализираа акција за чистење. Тогаш, надлежните изјавија дека целта на акцијата е да се зачува животната средина и попатно да се издигне свеста за значењето на природата.
Од општината Сарај велат дека изминатиот период работеле на тоа да се санираат инфраструктурата и реонот околу езерото, ја искосиле тревата, ги испразниле санитарните јазли, ги поправиле тушевите и го средиле уличното осветлување. Најважно, од оваа скопска општина потврдија дека водата во езерото Треска е исправна и дека граѓаните ќе можат да се капат во него.
Многумина, кои во минатото многу често го посетувале скопското езеро Треска, денес се разочарани од тамошната ситуација и од условите што постојат. Повозрасните се потсетуваат дека во деновите кога езерото било вистинска атракција и се надеваат дека надлежните ќе направат нешто за подобрување на условите на оваа локација.
– Некогаш Треска беше атрактивно место за младите, но и за постарите скопјани да дојдат и да уживаат во природата и во водата. Оние што поради најразлични причини во јули и во август не отишле на одмор и останале во Скопје доаѓаа тука и ги минуваа врелите скопски денови. Денес, знам да отидам дотаму, но само на неколку часа, колку за кратка прошетка, но не повеќе од тоа – вели граѓанин од скопската општина Ѓорче Петров.
Со оглед на тоа дека градот и општината Сарај најавија некаков вид соработка и веќе се одвоени средства од буџетот на градот за ревитализација на езерото Треска, се очекува во следниот период да се изработи проект за ревитализација на овој градски рекреативен појас. Потенцијалот и можностите на езерото Треска, неговата околина богата со чист воздух и природа со ревитализацијата сигурно би ги вратиле скопјани на оваа локација. Останува отворено прашањето дали оваа или некои следни години повторно граѓаните на главниот град ќе имаат можност да се рекреираат, сончаат и да уживаат во убавините на Треска, а проектите да не бидат само ветувања оставени на хартија. П.С.