Александар Прокопиев
Вчудовиден од нивната убавина коњот летна кон девојките, се мушна меѓу нивните ѕвездени боски за да отпочине и за да ги заборави поројните црни дождови.
„Светот е извезен од најубавите катрени на народната поезија“.
Саноќ сонуваше како гушнат со катрените.
Разговор води за животот на живите и со невидливи нишки ги поврзува со умрените.
Окрепен од свежоста на езерото, летачкиот коњ, наспроти црните дождови што „како крупни сачми го удираа по очи“, го прелетува светот за да стигне дури до поларните бели ноќи и смирен, да заспие меѓу ѕвездените боски на небеските девојки. Во сонот се премостува границата меѓу живите и мртвите, процес на кој самовилскиот коњ е навикнат од бајките, остварувајќи ја симболиката на непрекинливоста и постојаната обнова на летот, поттикната од праенергијата на езерото и на народната поезија.
Меѓу стиховите од „Слеј се со тишината“ и оние од „Дрво на ридот“ се протега период од четврт век, дваесет и пет години на едно немирно поетско и човечко искуство, низ кое Шопов ја дополнуваше, моделираше својата поетика. Но низ сите преобразби, поетот ѝ останал верен на својата номадска сушност, што не само спонтано и убедливо се реинкарнира во најразлични видливи и невидливи облици на животот туку и сопственото устремно освојување на смислата на живеењето и впуштањето што се одигрува со помошта на духовните поттикнувачи населени меѓу природата и во зборовите.
Претходно предложената анимистичка одлика е сепак недоволна за толкување на суштинската поетичка стратегија на Шопов, иако е присутна неговата верба во вдомување на духовните сили од природата во зборовите и во можноста со нивно дејство да се активира поетскиот чин, кој затоа станува и магиско ритуален. Во неговата поезија се остварува еден поширок, доследен филозофско-поетички концепт, кој, мислиме, е најадекватно да се означи како геопоетички. Ќе се обидеме.
Во „Синуховата приказна“, најпопуларното раскажувачко дело во Стар Египет во текот на цел милениум, главниот јунак, угледен Египќанец од времето на XII династија, во тревожно бегство од злосторствата по убиството на фараонот Аменемхат ја минува границата на империјата и преку Синај стигнува до Палестина и Сирија. Во далечните непознати предели, соочувајќи се со сите предизвици во непознатиот, непредвидлив свет, успева да се најде себеси, да се стекне со достоинство и богатство, за триумфално да се врати во татковината. Многу векови подоцна, Мацуо Башо, големиот косоок хаиѓин и талкач по белите патеки на феудална Јапонија, ќе запише: „Ова секако не значи дека сум вљубеник во осамата што посакува да се скрие во планините еднаш засекогаш.
Едноставно, јас сум пречувствителна личност, која се повлекува од општеството кога ќе се истроши од животот со луѓето. А кога само ќе се потсетам на својот лекомислен живот, гледам дека еднаш посакав посигурна служба, нешто околу трансакции на земјиште, но веќе следниот миг почувствував тегобен страв од манастирските ѕидови. Се предадов на талкањата наоколу како облак на ветрот и сето време го трошев обидувајќи се да ја дофатам убавината на цвеќињата и птиците. Практично, тоа стана суштината на мојот живот.
Неспособен да си пронајдам поинакво засолниште, се држев до таа тенка линија… Би сакал само да кажам дека сум длабоко убеден – на светот не постои место без Нестварност“.
Потрагата а не бегството, тишината а не осамата, согласијата а не синтезите, се некои од клучните поими на геопоетичката креација. Во поезијата на Ацо Шопов тие се присутни и инспиративни уште од стихозбирката „Слеј се со тишината“, што уште од насловот ја најавува потребата од тишината. Но таа тишина, како и онаа на Башо, е навестувачка, акустична – таа може да го прими, за потоа да го каже неизреченото. Се отвора кон духот, интуитивно го насетува одговорот.
(продолжува)