Пониските каматни стапки би требало (барем во теоријата) да ги поттикнат поединците на потрошувачка, а инвеститорите да го насочат капиталот кон инвестициите во реалниот сектор, односно компаниите. Меѓутоа постои еден мал проблем. Се наметнува прашањето може ли намалувањето на каматите да биде ефикасен алат во моменталните околности. Ќе им овозможат ли пониските каматни стапки или, подобро кажано, поевтините пари, на компаниите да обезбедат инпути за производство што ги нема поради престанокот со работа на одредени фабрики во Кина? Ќе ги поттикне ли тоа компаниите на инвестиции додека уште не знаат кога ќе заврши заразата и колку уште може да се влоши состојбата пред да стане подобра?

Тајана Штрига

Сите се исплашени од коронавирусот. Ширењето на заразата предизвика посериозни нарушувања на светските финансиски пазари, па американските индекси на акциите ја бележат својата најсилна корекција од избивањето на светската финансиска криза во 2008, односно 2009 година. Светската економија е на климави нозе и инвеститорите се исплашени дека коронавирусот би можел да биде онаа капка што ќе ја прелее чашата и ќе поттурне добар дел од економијата во рецесија. Во меѓувреме, мене повеќе ме загрижува последната одлука на американската централна банка неочекувано да ги намали базните камати за 50 базни поени.
Падот на индексите на акциите е последица на очекувано полошата реакција на компаниите како последица на коронавирусот. Веќе сега одреден број компании се соочуваат со недостиг од набавка на репроматеријали од Кина за производство, па, во рамките на тоа, производствените можности им се ограничени. Освен што пониската продажба значи и помал профит, се претпоставува дека компаниите нема да бидат склони кон инвестирање во такви околности. Од друга страна, паниката што завладеа резултира со помалку патувања, помала туристичка потрошувачка, послаба потрошувачка во рестораните и слично.

Во такви околности падот на вредноста на индексите на акциите не изненадува никого. Во економската литература значајниот пад на вредноста на берзите се наведува како еден од класичните причинители на рецесија. Гледано од таа перспектива, многумина ќе заклучат дека одлуката на американската централна банка да ја намали референтната каматна стапка е соодветен потег. Пониските каматни стапки би требало (барем во теоријата) да ги поттикнат поединците на потрошувачка и инвеститорите да го насочат капиталот кон инвестициите во реалниот сектор, односно компаниите.

Меѓутоа постои еден мал проблем. Се наметнува прашањето може ли намалувањето на каматите да биде ефикасен алат во моменталните околности. Ќе им овозможат ли пониските каматни стапки или, подобро кажано, поевтините пари на компаниите да обезбедат инпути за производство што ги нема поради престанокот со работа на одредени фабрики во Кина? Ќе ги поттикне ли тоа компаниите на инвестиции додека уште не знаат кога ќе заврши заразата и колку уште може да се влоши состојбата пред да стане подобра? Одиме и чекор понатаму: ќе им овозможат ли евтините пари на потрошувачите да ги купат производите што ги нема, како навидум пониската понуда на „Ајфон“, на која укажуваше и самиот Епл? Конечно, ќе ги поттикнат ли евтините пари туристичките патувања и потрошувачката во рестораните ако ви е ограничена можноста за движење или сте исплашени од добивање болест? Одговорот на сето наведено очигледно е – не.
Прашањето што притоа се наметнува е која е целта на одлуката на американската централна банка? Каналот на влијание, се чини, пред сѐ оди преку сентиментот на инвеститорите, надежта дека подготвеноста на централната банка да реагира и да преземе нешто ќе ги смири сите оние што го повлекуваат капиталот од берзанскиот пазар плашејќи се од поголеми загуби.

Меѓутоа, се плашам дека токму ваквата политика би можела да биде чкрапало за една од класичните причини за рецесија – претераниот раст на вредноста на одделни имоти. Инвеститорите соочени со ниските каматни стапки и приноси имаат тенденција да се свртат кон алтернативите што ќе им обезбедат каков-таков принос, што доведува до пораст на цените значително над реалната вредност. Издишувањето на таквиот ценовен балон само по себе предизвикува рецесија.

На сите оние скептични што во себе си мислат дека во американската централна банка бездруго работат добро упатени стручњаци што темелно ги процениле последиците од ваквата одлука, на увид им ги нудам и историските докази што ја поткрепуваат мојата теза. Да почнеме со последната финансиска криза што ја предизвика дувањето балони на пазарот на недвижности, кое беше овозможено со претходно ниските каматни стапки. Со толку мали каматни стапки, многумина купија недвижности за да заработат со подоцнежната продажба. Меѓутоа, кога каматните стапки почнаа да растат, луѓето веќе не можеа да ги отплаќаат кредитите.

Цените на недвижностите паднаа, бидејќи значителниот пораст на понудата ја надмина побарувачката, која потклекна под влијание на повисоките каматни стапки. Ценовниот балон се издиша и кредитот за недвижности чинеше многу повеќе од вредноста на недвижноста. Неможноста за отплата на тие кредити доведе до банковна криза. Ќе потсетам дека одлуката за каматните стапки ја донесе Американската централна банка, како и денес.

За да не остане сето ова само на еден пример, ќе потсетам и на Големата депресија од 30-тите години на минатиот век. Во недостиг од простор за подетално објаснување, само ќе се навратам на цитатите на Милтон Фридман од делото „Капитализам и слобода“, во кое наведува дека токму Големата депресија беше првата проверка на ефикасноста на американската централна банка од формирањето, како и тоа дека на тој прв тест „системот на резерви мизерно пропадна на испитот“.

Колку се пониски приносите, некои од инвеститорите ќе бидат склони да вложуваат во ризични потфати за да обезбедат каков-таков принос, а еден дел од нив ќе се реши за земање кредити со евтини камати, со надеж да го инвестира позајменото и да заработи. Последиците од таквите инвестициски одлуки ги видовме во 2008 година. Можеме само да се надеваме дека пазарот и монетарната власт не ги заборавија пребрзо.
(Новац.хр)