По предлогот „Илинденска Македонија“, кој пред извесно време го објавија македонските власти, вчера грчките медиуми излегоа со детали од договорот што бил постигнат и според кој е договорено името „Република Северна Македонија“. Од македонска страна нема потврда ниту демант на ваквите пишувања
Чекајќи го „клучниот“ телефонски разговор на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, со кој, според најавите, требаше да се дефинира договорот за наметнатиот спор за името, некои од грчките медиуми вчера во пресрет на разговорот објавија дека „Република Северна Македонија“ е новото договорено име. Иако до затворањето на весникот во текот на изминатиот ден сѐ уште не беше соопштено од македонската влада кој е нивниот став и дали се случил вториот телефонски разговор меѓу двајцата премиери, од кој требаше да произлезе конечен одговор, дали владите се согласиле за договор за решавање на спорот за името, претседателот Ѓорге Иванов остро реагираше на повикот на премиерот Заев да се даде поддршката за евентуалниот договор од страна на сите политички чинители во земјава со кој се предвидуваат и уставни измени. Претседателот Иванов ја смета за манипулативна изјавата на премиерот Заев дадена во домашните медиуми во која тој оцени дека евентуалното отфрлање на договорот со Грција ќе ги загрози перспективите на Република Македонија за влез во ЕУ и во НАТО и ќе ги зголеми внатрешните опасности. Оваа изјава, според Иванов, „претставува очаен обид за манипулација на јавноста и наведување на македонските граѓани во пресрет на евентуално референдумско изјаснување“. Претседателот Иванов инсистира на решение на спорот без промена на Уставот, односно во согласност со него.
– Склучувањето меѓународен договор содржан во еден или во повеќе поврзани меѓусебни документи треба да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а не да предвидува негова измена, се наведува во соопштение од кабинетот на претседателот. Ваквиот јасен став на претседателот Иванов се случува во чувствителен момент додека вчера се очекуваше вториот телефонски разговор меѓу грчкиот и македонскиот премиер, Ципрас и Заев, од кој треба да произлезе конечен одговор за решавање на наметнатиот спор за името. Претседателот на државата исто така остро ја критикуваше и практиката на телефонски разговори меѓу двајцата премиери за олку чувствителни теми од национален интерес. Иванов смета дека е „несериозно и неодговорно прашањето за името, кое е исклучително важно прашање за граѓаните на Република Македонија, и наметнати технички барања, да се решаваат телефонски и по пат на личен договор меѓу премиерите на двете држави“.
Веднаш по ваквото соопштение на Иванов, вчера се јави и претседателот на Владата, Заев, кој рече дека останува на неговите стојалишта и принципи, како и секогаш градејќи соработка и избегнувајќи кавги или непријатни ситуации.
– Граѓаните се тие што ќе одлучат на референдум, а секако јас како премиер и господинот Ѓорге Иванов како претседател треба да им помогнеме на граѓаните, а не да им одмогнеме – изјави вчера премиерот Заев.
Тој нагласи дека најважно е референдумското изјаснување на граѓаните.
– Референдумот е многу важен за решавање на името – додаде Заев и уште еднаш ги повика сите политички партии, особено претседателот на државата, Иванов, да внимаваат во изјавите и да им помогнат на граѓаните полесно да се изјаснат на референдумот.
Инаку, викендов, неофицијално, доколку се усогласат позициите на двете земји се очекува да се случи потпишувањето на договорот во грчкиот дел на Преспа, по што тој треба да биде ратификуван во македонскиот парламент. Во недостиг од домашни информации што всушност содржи договорот, дали „Република Северна Македонија“ е договорениот предлог, кои се спорните точки и како ќе се спроведува истиот договор, грчките медиуми вчера веќе ги објавија и деталите од „документот“, кој наводно го постигнале премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.
„Република Северна Македонија“ со превод на англиски, опсег на употреба ерга омнес односно за севкупна употреба, „македонски“ јазик со превод на англиски јазик, се делови усогласени во договорот, тврдат грчките медиуми. Според информациите на радиото Њуз24/7, пренесени од провладината „Ефемерида“, двајцата премиери ги договориле и одредниците за „македонски јазик“ и за „македонски државјанин“, а во македонскиот устав нема да има референци за заштита на македонските малцинства надвор од границите. Македонскиот јазик е признаен, со забелешка дека „Северна Македонија“ признава во договорот дека јазикот е со словенско потекло. За националноста, според пишувањата во грчките медиуми, ќе стои терминот „македонска/граѓанин на Република Северна Македонија“, исто така, со забелешка дека граѓаните на земјата не се поврзани со античка Македонија.
Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, вчера остро реагираше на повикот на премиерот Заев да се даде поддршката за евентуалниот договор од страна на сите политички чинители во земјава со кој се предвидуваат и уставни измени. Претседателот Иванов ја смета за манипулативна и изјавата на премиерот Заев, дадена во домашните медиуми, во која тој оцени дека евентуалното отфрлање на договорот со Грција ќе ги загрози перспективите на Република Македонија за влез во ЕУ и во НАТО и ќе ги зголеми внатрешните опасности
Според грчкиот весник „Прототема“ „Скопје побарало преоден период од две години за да ги спроведе уставните промени, Атина сметала дека рамката е голема и дека е доволна една година, па најверојатно ќе се согласат за рок од 18 месеци, бидејќи грчката влада е подготвена да се согласи за средно решение“. Како што наведува грчкиот медиум, македонскиот премиер Заев со писмо во наредниот период ќе ги информира сите 190 земји-членки на ОН дека земјата во иднина ќе го користи името „Република Северна Македонија“ во билатералните односи и во меѓународните форуми. Според „Прототема“, западните влади постојано комуницирале со двајцата премиери за да посредуваат за да бидат надминати разликите во последен момент.
Во исто време шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, вчера најави дека откога ќе се случи потпишувањето на договорот, тие ќе му дадат зелено светло на Самитот на министри за надворешни работи на Европската Унија на 25 јуни, а ако сѐ оди според планираното, до НАТО ќе се достави покана за членство.
– Штом го имаме ратификувано договорот, да се надеваме дека ќе го имаме, од нивното Собрание, како ратификувани и прашањата што ги имаме со Албанија, ние со големо задоволство ќе дадеме согласност за да тргнат по нивниот европски пат – рече Коѕијас.
Потоа, според Коѕијас, наесен би следувал референдум во Македонија, по што Грција и би ја ратификувала во нивното собрание поканата за зачленување во НАТО, која Атина ќе дозволи да ѝ биде врачена на земјава на самитот што ќе се одржи на 11 и на 12 јули.
Паралелно на противењето на македонската опозиција за потпишувањето на договорот со Грција и кај јужниот сосед ситуацијата е слична, односно несогласувањата меѓу власта и опозицијата беа присутни и во текот на изминатиот ден. По ваквите непотврдени пишувања во грчките медиуми следуваа и мноштво реакции на несогласување во македонската јавност.
Академик Митко Маџунков смета дека името не треба да се менува, тоа е вистинска капитулација на Македонија.
– Името не треба да се менува, тоа е вистинска капитулација на Македонија. Светот да има правни аргументи веќе ќе нѐ притиснеше да го направиме тоа со сила – вели Маџунков. Според него, доколку Македонија го потпише договорот тоа ќе значи крај за македонскиот народ и нација.
– Сега кога ќе го потпишеме ова, ако го потпишеме ќе дојде на ред албанската платформа со која ќе се воведе двојазичноста, а двојазичноста значи дека Македонија има еден признаен јазик што е албанскиот и еден јазик во исчезнување тоа е македонскиот. Самиот факт дека се извршени сите подготовки, подготвителни вести како онаа со Бугарија божем за пријателски односи итн., и оваа албанската платформа зборуваат дека ние де факто сме окупирани и дека лошо ни се пишува – истакнува Маџунков.
И поранашната пратеничка и претседателка на партијата Глас за Македонија излезе со остри реакции на мрачните сценарија што ѝ се подготвуваат на Македонија.
– Вознесените генерали имаат намера да кршат Устав, да кршат меѓународно право, резолуции, повелби, да си играат мајтап со Собранието, да местат референдум по потпишување меѓународен договор, да го игнорираат претседателот, добро е сето тоа. Утре, секоја сериозна влада, која ќе води политика во рамките на правото, а не обратно, сѐ со леснотија ќе поништи. Ова им го упатувам на Грците, нашите се изгубени во преводот, да не мислат во ниту еден момент дека успеале да ги уништат македонската нација и идентитет и дека нашле трајно решение – смета Грчева.