По завршувањето на Првата светска војна, пандемија на грип го погоди светот, во која настрадаа најмалку 50 милиони луѓе. Какви лекции можеме да научиме од таа пандемија за да се справиме со епидемијата на коронавирусот?
Пред повеќе од сто години, додека луѓето закрепнуваа од глобална војна со околу 20 милиони жртви, светот одеднаш мораше да се соочи со нешто уште посмртоносно во тоа време – појавата на нов вид грип. Пандемијата, која стана позната како шпански грип, според некои тврдења, првично се појави во преполните кампови за обука на армиите на западниот фронт. Несанитарните услови, особено во рововите по должината на француската граница, овозможиле инкубација, а потоа и ширење на грипот. Војната заврши во ноември 1918 година, а војниците од боиштата го пренесоа смртоносниот вирус во своите домови, па светот се соочи со уште поголема катастрофа. Се верува дека шпанскиот грип уби меѓу 50 и 100 милиони луѓе.
Во наредните години и децении, светот претрпе многу пандемии, од кои најмалку и три појави на тежок грип, но ниту една друга пандемија не беше толку смртоносна и далекосежна како таа што беше предизвикана од шпанскиот грип. Денес, кога светското внимание е свртено кон справувањето со епидемијата на новиот коронавирус, наречен ковид-19, поучно е да се анализира што сме научиле од една од најкатастрофалните болести во поновата човечка историја.
Многу од луѓето што го загубија животот од ковид-19 всушност настрадаа од тешка форма на пневмонија, која се развиваше додека имунолошкиот систем слабееше од битката со новиот вирус. Овој симптом на коронавирусот е сличен со тој на шпанскиот грип, иако мора да се напомене дека стапката на смртност од ковид-19 е многу пониска од таа на шпанскиот грип. Сепак, постарите лица и оние со слаб имунолошки систем се најчести жртви на болеста, подлегнувајќи им на инфекциите што ги предизвикува пневмонијата.
Воздушниот сообраќај беше во почетна фаза кога изби шпанскиот грип. Сепак, само неколку места на Земјата ги избегнаа страшните последици од грипот. Неговото ширење во светот одеше побавно, преку железничкиот и водениот сообраќај наместо преку воздушниот. Во некои населени места, со месеци, па дури и со години немаше ниту еден заразен, но сепак на крајот грипот и таму зеде свои жртви. Во местата што успеаја да се заштитат од грипот честопати се употребуваа техники на заштита што се користат и сто години подоцна. На пример, во Алјаска, една месност во заливот Бристол речиси целосно го избегна грипот. Локалните власти тогаш ги затворија училиштата, ги забранија јавните собири и го затворија пристапот до селото од главниот пат. Иако тоа беа релативно ниски технолошки мерки, вакви ограничувања во обид да се запре ширењето на коронавирусот се користат и денес, како на пример во кинеската провинција Хубеи или во повеќе населени места во северна Италија.
Лекарите го опишаа шпанскиот грип како најголемиот „медицински холокауст во историјата“, но не само поради фактот што тој уби толку многу лица туку и затоа што многу негови жртви беа здрави и млади луѓе. Во обични услови, здравиот имунолошки систем би можел релативно добро да се справи со грип. Но овој вид грип толку брзо и сеопфатно го напаѓаше имунолошкиот систем, што предизвикуваше прекумерна реакција позната како „цитокинска бура“, поплавувајќи ги белите дробови со течност, што беше совршен извор на секундарни инфекции.
Интересно е што повозрасните лица не беа толку погодени од шпанскиот грип. Се претпоставува дека тоа е така зашто во текот на 19 век луѓето преживеале многу сличен вид грип, што со текот на годините ги направил поимуни. Од друга страна, со новиот коронавирус, постарите лица и лицата со хронични болести се изложени на многу поголем ризик. Иако бројките уште се мали, најголема смртност има кај лица што се повозрасни од 80 години.
Шпанскиот грип изби во време кога човештвото само што излезе од светска војна, во која виталните јавни ресурси беа пренасочени кон воени операции. Идејата за јавен здравствен систем само што почна да се раѓа во повоените држави, иако реално само средната класа и богатите можеа да си дозволат посета на доктор. Грипот зеде многу жртви во сиромашните квартови и во преостанатите урбани области, каде што економската моќ на граѓаните беше на многу ниско ниво. Тој ја погоди сиромашната популација, која живееше во ужасни нутриционистички и санитарни услови и која често веќе се мачеше со други здравствени проблеми.
Грипот поттикна развој на јавните здравствени системи во развиениот свет, бидејќи владите и научниците сфатија дека пандемијата ќе се шири пребрзо и дека единствениот начин да се запре е преку создавање јавен здравствен систем достапен за сите. Тие сфатија дека поединечното лекување нема да биде доволно и дека затоа е потребно мобилизирање на ресурсите како во услови на војна. Во такви услови е потребно ставање под карантин на лицата што покажуваат симптоми на болест, издвојување на лицата што страдаат од потешки болести, како и ограничување на движењето на луѓето за да може болеста постепено да го намалува својот интензитет.
Јавните здравствени мерки што се преземаат денес за спречување на ширењето на новиот коронавирус се всушност истите оние мерки што имаа најголем ефект во борбата против шпанскиот грип пред повеќе од сто години.