Првпат земјата во текот на изминатата година беше во негативен природен прираст на населението, и тоа во сите четири тримесечја од годината. Шест региони во земјава и 51 општина беа во негативен природен прираст. Тоа практично значи дека населението во државата со ваков тренд ќе се намалува, наместо да расте, и дека белата чума ја стигна и Македонија, една од последните држави во регионот што досега имаа минимален раст на населението
Скопските општини, големите градови од Пелагонија и речиси сите општини од источна Македонија ја однесоа државата во негативен природен прираст на населението. Најголема стапка на морталитет има во Битола, Прилеп, Карпош, Кисела Вода… Минатата, 2019 година државата ја заврши со 687 помалку родени од умрени лица. Се родиле вкупно 19.725 деца, а умреле 20.412 лица. Со ова, Македонија и официјално влезе во фаза на поголем морталитет од наталитет или, како што се нарекува, во негативен природен прираст. Тоа практично значи дека населението во државата со ваков тренд ќе се намалува, наместо да расте, и дека белата чума стигна и во Македонија, една од последните држави во регионот што досега имаа минимален раст на населението. Прашањето што се поставува во јавноста е дали Македонија има сериозна стратегија за зголемување на наталитетот.
Од четирите статистички тримесечја, само во третото тримесечје има повеќе родени од умрени, но не доволно да го покрие негативниот прираст на другите три тримесечја. Најкритично во 2019 година било во првото тримесечје, кога имало 4.555 живородени деца, а 5.631 умрено лице, со разлика од 1.076 помалку родени од умрени лица.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородените деца во четвртото тримесечје од 2019 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 0,5 отсто и изнесува 5.103 живородени деца.
Бројот на умрените лица во четвртото тримесечје од 2019 година бележи намалување од 1.1 отсто во споредба со истото тримесечје од 2018 година и изнесува 5.152 лица, а од нив 32 се умрени доенчиња. Природниот прираст за последното тримесечје од годината е негативен и изнесува минус 49, што значи дека за толку лица бројот на живородените деца е помал од бројот на умрените лица.
Демографот Дончо Герасимовски вели дека наталитетот, како во претходните години така и оваа, е во опаѓање. Но посочува дека минатата година разликата е што морталитетот или бројот на умрените лица е во пораст.
– Првпат Македонија е во негативен природен прираст, и тоа во сите четири тримесечја од годината. Шест региони во земјава и 51 општина се во негативен природен прираст. Но,се потврдија процените со последните резултати. Македонија беше една од последните држави во регионот што досега имаа минимален пораст на населението. Овој процес во преостанатите земји од поранешна Југославија, како во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, а од минатата година и во Словенија и во соседните држави како Бугарија, е почнат многу порано. Демографска транзиција оди низ цела Европа, а и Македонија веќе не може да се издвојува од тој процес – посочува Герасимовски.
Според него, потребно е да се преземат итни, директни и конкретни мерки, зашто очигледно е дека сето она што се преземаше со години како популациска стратегија не дало плод.
– Потребна ни е популациска политика. Неминовно е Владата да го отвори прашањето за стратегија за демографската и популациска политика во државата. На пример, во Србија, тамошниот претседател Александар Вучиќ поведе постапка, односно назначи министер без ресор за популациска политика и формира комисија што ќе работи на ова прашање. И многу други земји имаат почнато низа активности – објаснува Герасимовски.
Социолозите сметаат дека треба да се преземат мерки за стимулација на наталитетот, преку разни бенефиции за жената, за да има таа можности и услови за репродукција, наспроти мерките за стимулирање трето и четврто дете, кои не дале плод.