Косово и Србија ќе ја стават на тест дипломатијата на Трамп
Автор: Димитар Бечев
Ал џезира
Во 2016 година Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД делумно поради ветувањето дека ќе ги склучи најдобрите договори за САД на меѓународната сцена. По четири години ветувањето не се оствари. Ниту „првата фаза“ од трговскиот договор што го потпиша со Кина, ниту новосклучениот договор со талибанците во Авганистан можат да се квалификуваат како извонреден преврат во надворешната политика.
Дали може да извојува голема победа во Европа? Се чини дека токму тоа е прашањето. Во понеделникот српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот косовски колега Хашим Тачи беа на состанок во Белата куќа со советникот за национална безбедност Роберт О’Брајан и американскиот амбасадор во Германија, Ричард Гренел, кој исто така е специјален пратеник на Трамп за Србија и Косово од октомври минатата година.
Многумина набљудувачи за Балканот го гледаат состанокот како јасен знак дека американскиот претседател сака Белград да ги нормализира односите со Приштина. Да се убедат Србите да го прифатат Косово, а за возврат Приштина да направи отстапки би значело дека САД ќе го наметнат своето влијание во регионот, додека локално се шпекулира дека тоа во иднина може да му донесе и Нобелова награда на Трамп.
Решавањето на долгогодишниот спор за суверенитетот ќе направи ЕУ, кон која актуелниот претседател во Белата куќа нема искрени симпатии, да изгледа лошо, поради неуспехот да ги реши зголемените тензии во нејзиниот двор.
Не е изненадување тоа што американската дипломатија функционира на Косово. Вашингтон сè уште има големо влијание кај албанското мнозинство, како и кај другите Албанци кои живеат на Балканот благодарение на интервенцијата во 1999 година. Иако многумина во Косово несомнено се сомневаат во укинувањето на трговските санкции, сепак тие го сметаат Вашингтон за најголем меѓународен сојузник и не сакаат да го налутат.
Од друга страна значително се намалува влијанието на ЕУ во државата. Неподготвеноста на Брисел да го укине визниот режим за граѓаните на Косово и покрај целосното спроведување на сите технички услови од страна на владата, е многу чувствителна тема во Косово. Освен државите како Молдавија, Грузија и Украина, сите останати земји од Западен Балкан можат да влезат во ЕУ без виза. Косовците исто така им завидуваат на Србите заради почеток на преговорите за влез во Унијата додека нивното барање се игнорира.
Иако јасно е дека развојот на настаните се одвива зад сцената, нормализацијата во односите меѓу Косово и Србија можеби нема наскоро да се случи. Претседателот Тачи, кој силно лобира за спогодба, дури и се залага за идејата за размена на територии, изгледа како да го губи влијанието.
По изборите лани во октомври, Демократската партија на Косово на Тачи прејде во опозиција. Новиот премиер и лидер на партијата Самоопределување, Албин Курти, зазеде бескомпромисен став кон Србија. Тој остро ги критикуваше плановите за размена на територија што ги предложија Тачи и Вучиќ. Курти исто така сака да му ги одземе овластувањата на Тачи во надворешната политика. Неговиот министер за надворешни работи Глаук Коњуфца неодамна отповика амбасадори од неколку клучни главни градови, меѓу кои и Вашингтон. Курти можеби ќе реши да прифати дел американските барања, како што покажува писмото до Трамп, но нема да брза да склучи договор со Вучиќ.
На крајот топката ќе биде префрлена кај ЕУ. Краткорочното внимание на Трамп и претстојните американски претседателски избори со сигурност ќе го стават Косово на крајот од приоритетите на администрацијата во блиска иднина. Ричард Гренел, пратеникот на Трамп за Косово и Србија, неодамна беше назначен за нов директор на државното разузнавање. Неговите заменици најверојатно ќе му го одвлечат вниманието од Балканот.
Во меѓувреме, ЕУ ќе продолжи одблиску да се вклучува во тензиите што се зголемуваат во нејзиниот двор. Во мај, хрватското претседавање со Советот на ЕУ ќе го организира годишниот самит на ЕУ за Западен Балкан во Загреб. Хрватска, несомнено, меѓу главните прашања на дневниот ред ќе го стави визното олеснување за Косово. Со преземање на итни активности за ова спорно прашање, ЕУ може да ја врати поддршката на Косово и повторно да стане главен посредник во преговорите меѓу Белград и Приштина.
Покрај неодамнешниот позитивен развој на настаните, мали се шансите на Косово да се случи голема спогодба под покровителство на Трамп. Но како што покажуваат неодамнешните успеси на дипломатските напори, може многу да се направи за да се обноват преговорите за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Бидејќи мали се шансите дека администрацијата на Трамп активно ќе се вклучи во преговорите, ЕУ треба да ги засили напорите за да го реши прашањето.
Превод: Билјана Здравковска