Фото: Маја Јаневска-Илиева

НАТПРЕВАРИТЕ ПО МАТЕМАТИКА ИНИЦИРАА ГОЛЕМ БРОЈ РЕАКЦИИ,
НО И СПРОТИВСТАВЕНИ ГЛЕДИШТА

„Бројот на недели со непарен датум во еден месец е непарен број, а бројот на сите преостанати денови во тој месец кои имаат непарен датум, е парен број. Во кој ден од седмицата е 29 од тој месец? Дали тој месец може да биде март?“ Ова е само една од задачите по математика, која требало да ја решат четвртоодделенци што учествувале неодамна на општинскиот натпревар по овој предмет. Родители чии деца се натпреваруваа, реагираа дека задачите биле претешки и несоодветни за нивната возраст.
– Моето дете доживеа стрес. Ова ниту го учеле досега, ниту пак се сретнале досега со ваков тип задачи. И наставничките рекоа дека тоа што им се паднало не го учеле воопшто досега со програмата. Требало да се адаптираат задачите во согласност со возраста – вели родител на четвртоодделенец.

Освен тоа, реакции има и за тоа дека од оваа година за натпреварите по математика се плаќаат, зависно од одделението – 200, 300 и 400 денари.
Проф. Ѓорѓи Маркоски, претседателот на Сојузот на математичари објаснува дека реакции за тежината на задачите имало, бидејќи Кембриџ-програмата е направена на тој начин што математиката се учи главно низ игра и не се учи и не се третира посериозно.
– Имаме комисија составена од советници во Бирото за развој на образованието и професори. Задачите се соодветни за возраста бидејќи се направени од луѓе што работат во образование. Тука и Кембриџ-програмата има влијание, бидејќи на часовите сѐ се сведува на игра, а дека тоа е така кажуваат и колегите по биологија, хемија, физика. И сето тоа се провлекува до деветто одделение.

Секоја година имаме реакции од родители за тежината на задачите, а годинава се, ете, поизразени – вели Маркоски.
Тој додава дека секогаш целта е преку натпреварите да се направи селекција, да се намали изборот. Во врска со обвинувањата дека сојузот заработува на грбот на родителите со тоа што наплаќа за учество на натпревар од оваа година, тој вели дека пари им се потребни за да функционираат како сојуз и да се покриваат трошоците.
Македонија е на дното на листите по знаење по математика. Како што вели Маркоски, тоа е така затоа што не се вложува доволно во образованието во поширока смисла.
– Математичарите не се мотивирани. Ако се погоди добар наставник, и ако родителот знае математика, единствено така може детето да напредува. Знаењата по предметот на ниво на држава споредено со други земји ни се слаби зашто наставниците се демотивирани, децата се пренатрупани со предмети, со администрација. На балканско ниво, ние сме меѓу последните, а најдобра е Романија – додава професорот.