Прво европска армија, па нуклеарни боеви глави, сега и разузнавачка служба

Иако одамна ја потресуваат различни внатрешни и надворешни кризи, амбициите на ЕУ растат со разместувањето на тектонските плочи за глобално влијание на
суперсилите. Форматот на ЕУ од поодамна е предмет на измени заради поголема ефикасност на сите полиња, но веќе е очигледен стремежот на одредени
европски структури Унијата да поприми прерогативи на една супердржава и да биде светска сила. Иницијативите за формирање европска армија, па потоа и намерата ЕУ да биде нуклеарна сила, заклучно со последниот неформален
поттик за единствена разузнавачка агенција на ЕУ, откриваат нова перспектива за
насоката на развој на Унијата

 

По најавите дека Европската Унија има намера да прерасне во нуклеарна сила и по напредувањето на процесот за формирање европска армија, во јавноста е обелоденета нова иницијатива, која има цел интегрална синхронизација на дејствувањето на разузнавачките служби на ЕУ-членките и зголемување на обемот на размената на доверливи информации меѓу службите на државите-членки на Унијата.
Темата за измена на габаритот на разузнавачките служби во смисла на некаква форма на интеграција, стана вртоглаво актуелна во безбедносната јавност, откога регионални и светски медиуми информираа дека претставници на 23 европски земји во Загреб потпишале иницијален договор со кој се покажува намера за зголемена размена на информации меѓу европските служби и се завршува проектот за основање разузнавачки колеџ во Европа.
Хрватскиот портал „Еурактив“ на темава информира дека минатиот месец со потпишувањето на иницијативата се утврдени целите на колеџот, неговата сфера на дејствување и неговото управување.
Загрепскиот весник „Јутарњи лист“, пак, додава дека идејата за основање колеџ ја дал францускиот претседател Емануел Макрон со говорот на „Сорбона“ во септември 2017 година, кога зборуваше за посилна Европа.

Амбициозни планови за идната улога на Унијата – Фото: Игор Бансколиев

– Макрон тогаш изрази потреба за основање своевидна европска разузнавачка академија во која разузнавачките заедници на земјите-членки на ЕУ дополнително ќе се зближуваат преку обуки, образование и размена – пишува весникот.
Медиумите потсетуваат дека Франција во март минатата година ги собра европските безбедносни и разузнавачки служби и тогаш практично започна работата за осмислување на дејствувањето на разузнавачкиот колеџ во Европа.
– Учеството во разузнавачкиот колеџ, кој би требало да биде лоциран во Загреб и европските медиуми го нарекуваат „школа за шпиони“, им е понудено на 30 држави од Стариот Континент од кои 27 се членки на ЕУ плус Велика Британија, Норвешка и Швајцарија, а досега 23 држави официјално се придружиле на иницијативата на Франција. Во оваа група земји се вбројуваат Германија, Италија, Хрватска, Холандија, Унгарија, Португалија, Австрија, Белгија, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Летонија, Литванија, Малта, Норвешка, Романија, Словенија, Шпанија, Шведска и Велика Британија – информираат упатени извори за хрватскиот „Јутарњи лист“.
Во изјава за балканската телевизија Н1 директорот на хрватската агенција за разузнавање и безбедност, Даниел Маркиќ, рече дека актуелната иницијатива е јасен доказ дека на Европа ѝ е потребна соработка и размена на информации на стратегиско ниво за да се гарантира безбедноста на државите во Унијата.
Американскиот магазин „Политико“ во своја анализа на темава информира дека последната иницијатива на ЕУ говори дека „европските шпиони се согласуваат да споделуваат битни информации“.

Магазинот анализира дека иако формирањето единствена разузнавачка агенција на ЕУ не е во фокусот на оваа иницијатива, сето претставува добра платформа за разузнавачка заштита на европските држави од заканите на исламскиот тероризам, дејствувањето на крајно десните групи, сајбер-заканите и заштитата на компјутерските системи.
„Политико“ пишува дека доколку плановите се спроведат по планираното, колеџот би започнал со работа месецов, а оваа образовна институција би се екипирала од членовите на дипломатската „рака“ на ЕУ-државите, кои во својата работа имаат стекнато големо воено и разузнавачко искуство.
Од македонска перспектива на настаните, безбедносните аналитичари велат дека актуелните случувања се исклучително битни за нашата држава, бидејќи и ние во одредена точка во иднината со сигурност ќе станеме составен дел на структурата на Унијата, а со самото тоа и дел од еден поширок габарит на разузнавачка европска заедница.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски смета дека оваа европска иницијатива е за поздравување бидејќи на ваков начин во иднина ќе се формира успешен разузнавачки ЕУ-механизам, кој навреме ќе ги превенира заканите и за Унијата и за Македонија, бидејќи како држава ние се стремиме во скоро време да станеме членка.
Стефановски додава дека и досега во практика европските служби тесно соработува и разменува безбедносни информации, но сето тоа се спроведува во најголем дел преку чадорот на НАТО.
Со овој иден разузнавачки колеџ и со можноста во иднина да се формира единствена заедничка разузнавачка европска служба, се отвора вратата за уште побрза и поекспедитивна соработка на разузнавачите од ЕУ.

[email protected].