Шпанскиот првак е дел од речиси сите позитивни суперлативни категории во анализата што ја направи Европската ракометна федерација (ЕХФ)
Во пресрет на нокаут-фазата во ракометната Лига на шампионите (ЛШ), Европската ракометна федерација (ЕХФ), преку статистички податоци, направи најава на учесниците и опиша дел од рекордите и остварувањата на тимовите- учесници. Така, во 176 одиграни натпревари во групната фаза од ЛШ, ракометарите постигнале 10.046 гола, што претставува рекорд откако е воведен тековниот систем на натпреварување (последните пет сезони). Тоа се осум гола повеќе во однос на сезоната 2018/2019 и 135 гола повеќе од сезоната 2017/2018. Во групата А беа постигнати 3.205 погодоци, во групата Б 3.289, во Ц 1.633 и во Д 1.718 гола.
Шпанскиот првак Барселона е дел од речиси сите позитивни суперлативни категории во анализата на ЕХФ. Барселона, Веспрем и ПСЖ се најзаслужни за рекордниот број голови сезонава. Шпанскиот клуб го има најдобриот напад во групната фаза со просек од 34,5 гола по меч, Веспрем од 32, а ПСЖ реализира во просек по 31,7 гол по натпревар.
Барселона е единствениот тим меѓу учесниците во групите А и Б што ги доби сите мечеви на домашен терен. Во Ц и Д непоразен на свој терен заврши Динамо Букурешт. Каталонците се тие што ја прекинаа импресивната серија на францускиот гигант ПСЖ, кој имаше низа од 41 последователен натпревар без пораз на домашен терен. Серијата им започна во ноември 2014 година, а им траеше до 1 декември со триумфот на Барселона од 35-32. Во 2-то коло од групната фаза, Шпанците ја забележаа највисоката победа сезонава, со позитива од 24 гола на дуелот со Целје (45-21).
Седум поранешни освојувачи на титулата европски првак ќе бидат дел и од годинашното осминафинале во ЛШ. Тоа се: Барселона (1996, 1997, 1998, 1999, 2000, 2005, 2011, 2015), Кил (2007, 2010, 2012), Вардар (2017, 2019), Монпелје (2003, 2018) Целје (2004), Фленсбург (2014) и Киелце (2016). Во оваа фаза, минатата сезона имаше четири. Седум од осумте минатогодишни четвртфиналисти ќе бидат дел од годинашното осминафинале: Вардар, Веспрем, Барса, ПСЖ, Киелце, Фленсбург и Сегед. Меѓу тренерите што сезонава ќе водат екипи во нокаут-фазата најмногу освоени титули во ЛШ има Талат Душебаев (4), Чави Пасквал (2), Патрис Канајер (2) и Раул Гонзалес (1). Тренерот на Васпрем Дејвид Дејвис и стратегот на Кил, Филип Јиха, имаат освоено титули во ЛШ и како играчи на Суидад Реал и Кил, додека, пак, тренерот на Фленсбург, Маик Мачула, има титула како помошник-тренер на Љубомир Врањеш во Фленсбург.
Од вкупно 176 меча во групната фаза, вклучувајќи ги и бараж-дуелите за осминафинале, 103 завршија со победи на домашната екипа што е за пет повеќе од ланската сезона, 57 меча завршија со успех на гостите или девет помалку од лани, а 17 меча завршија без победник, односно пет повеќе од минатата сезона. Натпреварот од 3-то коло од групната фаза меѓу норвешкиот првак Елверум и францускиот шампион ПСЖ се одигра пред најмногу публика (12.377), а на 25 натпревари во групите А и Б присуствувале повеќе од 5.000 гледачи по меч.