Номадот Ацо Шопов, 2

Кон мотивот птица-езеро, низ призмата на авторовата душевна сугестија што многу повеќе е проникнување на објектот, своевидно просветлување, отколку истакнување на личното, Шопов се навраќа и во својата последна збирка „Дрво на ридот“, во песните „Како најубавите катрени од народната поезија“ и „Гнездо во брановите“. Но за разлика од концизноста, збиеноста на минијатурите од „Слеј се со тишината“, овие песни се широки, со изразена наративност – испрекинати приказни во стихови.
Една птица од топлите јужни краишта, изморена од долго летање и замелушена од врела сончевина…

Додека во „Лов на езеро“ гладната птица го напаѓаше езерото, тука улогите се изменети; разбеснетото езеро ја проголтува изнемоштената птица:
Грбавите бранови ѝ заличуваат на птицата на нејзиното старо добро легло свиено во дрвото и таа со последни сили се стрмоглавува кон своето гнездо со страшен свиреж на воздухот мине низ гранките и без крик удира и исчезнува во брановите.

Ако лирско-исповедното на песната, како што забележува Димитар Митрев во предговорот на „Златен круг на времето“ се издвои во изборот на „мотив(ите) како израз на неговите длабоки интимни преокупации“, како и во анимистичкото согласие на поетот и природата, тогаш „Гнездо на брановите“ и повеќето песни во „Дрво на ридот“ би можеле да се согледаат во контекстот на опсесивната тема „болно тело“, за која зборува Ефтим Клетников: „… поетот телото го остава да боледува во една симболична амбиентација на природата, го вградува како органски дел во нејзината монументална слика“. На крстопат меѓу заздравувањето и исчезнувањето, натопен во една речиси пантеистичка трансвест, Шопов, во проникнувањето на принципот или, уште повеќе, во духот на суштествувањето, прави неопходна разлика меѓу просторот кому му е поетички и егзистенцијално посветен и оној аморфниот, вонпесната.

Птицата и езерото, со сета жестокост, двосмиленост и можности во нивниот сооднос, се доживуваат како супституција на имагинарното во стварноста, предизвик за номадска селидба на поетот во природата и обратно. Поетот-номад патува за да остане во дослух со космичката енергија што тогаш протекува низ зборовите.

Во песната „Како најубавите катрени во народната поезија“, самовилскиот коњ-птица, тоа чудесно суштество со митолошко потекло, ги инкарнира позитивните сили во номадолошката поетика, низ содејството на далечното со блиското („откривајќи ја татковината, се открива светот“), на надворешното со внатрешното („човекот е огромен, океанот мал“).

(продолжува)