Фото: Игор Бансколиев

ИСТРАЖУВАЊЕ НА ЕВРОСТАТ

Темите поврзани со барањето азил на Македонците во државите од Европската Унија, но и на странците во нашата држава се актуализираше неделава во домашната јавност. Европската агенција за азил ЕАСО, во својот последен извештај, информира дека бил регистриран зголемен бројот на барања за азил во Европската Унија, кој потекнувал главно од земји со кои Брисел го укинал визниот режим.
Според ЕАСО, во текот на 2019 г. биле поднесени повеќе од 714 илјади барања за азил во ЕУ, што е зголемување за 13 отсто во споредба со претходната година, а ваквото зголемување било забележано првпат од времето на бегалската криза во 2015 година.
Организацијата заклучила дека зголемувањето не е резултат на нередовната миграција, туку на апликации од граѓани на држави, кои имаат слободен визен режим со шенген-зоната.

ЕАСО во својот извештај информира дека растот на овие бројки е резултат на големиот број апликанти на кои не им е потребна виза за влез во шенген-зоната, што објаснува зошто барањата за меѓународна заштита односно азил се зголемени, а истовремено се детектираните и обиди за нелегални влезови на надворешните граници, кои се во намалувачки тренд.

Во својот документ, организацијата констатира дека лицата што се обидуваат да добијат азил потекнуваат од Венецуела, Колумбија, Хондурас и од Ел Салвадор, но и од Западен Балкан и се додава дека последните, кои потекнуваат од нашиот регион, имаат најмалку шанси да добијат каква било меѓународна заштита или статус по оваа основа.
Во делот на извештајот што се однесува на Македонија се информира дека нашите граѓани влегуваат во групата апликанти, кои неколкупати повторувачки аплицирале за азил откако биле одбиени. Исто така, во документот се наведува дека најниска стапка на одобрување азил во ЕУ имаат граѓаните на Македонија и Молдавците, со еден отсто, а Албанците со шест отсто. Понатаму, слаб процент на одобрување азил има и за лицата што потекнуваат од Венецуела и од Колумбија, и таа се движи меѓу пет и седум отсто.
Од друга страна, стапката на признавање азилантски статус во ЕУ е 33 отсто. Азил најчесто добиваат Сиријците со 85 отсто, Јеменците со 82 отсто и Еритрејците со 81 отсто.

Во меѓувреме, последните статистики на организациите, кои ги следат случувањата поврзани со барателите на азил во Македонија, велат дека лани приближно 300 лица од Блискиот Исток, Азија и од Африка побарале азил, но ниту еден од нив не го добил.
Јасмин Реџепи од организацијата „Легис“, која ги следи движењата и активностите во областа на миграциите и барањата за азил, открива дека во Македонија минатата година околу 300 луѓе побарале азил, но сепак никој не добил право на заштита од македонските власти.
Реџепи објаснува дека луѓето што бараат спaс и азил во нашата држава најчесто потекнуваат од Индија, Пакистан, Бангладеш и од Авганистан. Бројот на барателите на азил од местата од каде што беснеат војните на Блискиот Исток (Сирија и Ирак) сепак е помал, бидејќи таквите мигранти се задржуваат на островите во соседна Грција, од каде што потоа преку легална процедура чекаат да бидат распределени во европските држави.


Реџепи заклучува дека во практика е многу тешко странските државјани да добијат азил во нашата земја, водејќи се токму од фактот дека во текот на целата мината година не е одобрено ниту барање за азил со кое се доделува статус на бегалец, во согласност со Законот за азил и привремена заштита.
– Тоа е така, бидејќи надлежните безбедносни органи во земјава, кои ја следат оваа процедура, најчесто луѓето што бараат азил ги оценуваат како ризични за сигурноста на земјата – вели Реџепи.
Познавачот на случувањата прогнозира дека во скоро време е возможно да се зголеми бројот на мигранти, бегалци и азиланти кон нашата земја бидејќи во моментов се разгоруваат битките во Сирија, а тука ја додава и можноста Турција да ги отвори границите за овие луѓе да заминат на пат кон Европа.
Во контекст на актуелните случувања, треба да се наведат и последните официјални статистики од МВР, кои велат дека во нашата земја минатата година полиција регистрирала 24.601 обид за илегално преминување на границите со соседните земји.
Од МВР информираат дека од вкупниот број, 89,2 отсто од обидите, кои доаѓаат од страна на границата со Република Грција, се спречени.
– Што се однесува до 2020 година, во периодот од 1 до 19 јануари, на границите со соседните земји биле спречени 1.365 обиди за илегално преминување – информираат од Министерството за внатрешни работи.


Пренатрупани живеалишта

Околу 35 проценти од луѓето што престојуваат во државите од Европската Унија (ЕУ), а не потекнуваат од земјите на Унијата, живеат во пренатрупани домаќинства.
Овие информации, кои ги објави Евростат, потекнува од истражувањето спроведено на оваа тема во 2018 година, а дополнително се укажува дека оние што привремено престојуваат во ЕУ се сместени во објекти, кои не ги задоволуваат потребите на домаќинствата.

За споредба, пак, 17 проценти од оние што се матични граѓани на земјите на ЕУ, или 20 отсто што се жители на друга земја од Унијата, се соочуваат со истата состојба со луѓето што не потекнуваат од земјите на државите на европската заедница.
Во истражувањето се додава дека меѓу земјите-членки на ЕУ стапката на пренатрупаност евидентирана за граѓаните што не се членки на ЕУ е највисока во Бугарија – 60 отсто, па потоа следуваат Хрватска – 59 отсто, Полска – 56 отсто, Грција – 55 отсто и Италија 54 – отсто, додека најниски стапки се забележани во Малта – 8 отсто и Кипар – 5отсто.

За државјаните од други земји на ЕУ, стапката на пренатрупаност во живеалиштата е највисока во Грција и во Италија со по 45 отсто, а од друга страна, единствено Малта нема регистрирано ниту еден од овој вид престојувачи.
Понатаму, највисоки стапки на пренатрупаност во живеалиштата според бројот на оние што престојуваат во домаќинствата, во статистиката на Евростат е забележан во Романија – 47 проценти, Бугарија – 44 проценти, Летонија – 42 отсто и Хрватска 41-отсто, додека најниски се во Кипар – 2 проценти и во Ирска – 1 отсто.

[email protected]