Купот на европските нации во 1968 година доби ново име, Европско првенство (ЕП), на кое Италија ја освои првата и досега единствена шампионска титула. ЕП 1968 се играше според правила што одамна не важат, како на пример по реми победникот се одредува со фрлање паричка, ако тоа се случи во финалето, се игра нов меч, немаше измени ако некој се повреди итн
Италија, Рим, Фиренца и Неапол беа домаќини на третото Европско првенство (ЕП) во 1968 година, под новото име (дотогаш беше Куп на европските нации). Освен промената на името на шампионатот, имаше промени и во форматот, со настап во квалификациите на вкупно 31 репрезентација од земјите-членки на Европската фудбалска унија (УЕФА). Наместо по два меѓусебни нокаут-меча, се играа натпревари по групи, а потоа осумте победници се квалификуваа за четврт-финалето, по кое најдобрите четири, Италија, Англија, СФР Југославија и СССР, се пласираа на финалниот турнир.
Ова првенство се памети по три работи. Прво, по играњето два финални меча само за три дена, на 8 и на 10 јуни, помеѓу Италија и СФР Југославија. Првиот натпревар заврши без победник, 1-1, а според правилата мораше да се игра втор меч, во кој Италија триумфира со 2-0.
Втората работа беше пласманот на „аѕурите“ во финалето со фрлање паричка (тоа правило не важеше за финалето), откако полуфиналниот натпревар Италија – СССР во Неапол, по 120 минути игра, заврши без победник и без голови, 0-0.
Третата беше елиминацијата на Англија во полуфиналето од СФРЈ, во Фиренца (0-1). Тоа беше изненадување, бидејќи Англија беше актуелен светски првак, во чиј состав беа Боби и Џеки Чарлтон, Боби Мур, Роџер Хант, Џеф Харст, Мартин Питерс, голманот Гордон Бенкс итн. Но реши голот на Драган Џаиќ во 86-та минута.
Европското фудбалско првенство годинава во 12 земји е јубилејно, на 60-годишнината од првото, одржано во 1960 година. До почетокот на 16-от шампионат, „Нова Македонија“ периодично објавува приказни за минатите првенства на Стариот Континент, за неговата еволуција, за поединците и за репрезентациите што го обележија ова натпреварување
– Во Рим имавме огромни проблеми против Југославија, која тогаш имаше многу добра репрезентација, морам да го признаам тоа. Југославија водеше со 1-0 сѐ до финишот, кога за нас беше досуден слободен удар, по што преку Анџело Доменгини постигнавме гол. Да бидам искрен, не заслуживме да ремизираме. Но излезе така и финалето мораше да се повтори по два дена. Во вториот меч победивме со 2-0, со головите на Луиџи Рива и на Пјетро Анастази. Дефинитивно заслуживме да победиме на тој натпревар – се потсетуваше подоцна на тие настани голманот на Италија, Дино Ѕоф, еден од петтемина италијански фудбалери што беа избрани во најдобриот тим на шампионатот.
Во аналите, од квалификациите за ова ЕП, ќе биде запишана рекордната посета во историјата на континенталните првенства, од 130.711 гледачи (според други извори 134.461) на стадионот „Хемпден парк“ во Глазгов на мечот Шкотска – Англија (1-1) во групата 8. Куриозитет од ова ЕП е и тоа што репрезентациите немаа право на замени доколку некој играч им се повредеше за време на натпреварот.
Италијанците имаа пех во полуфиналниот меч против СССР, во Неапол (0-0), кога уште во петтата минута им се повреди Џани Ривера и остатокот од мечот го играа со 10 фудбалери. На СФРЈ истото тоа ѝ се случи на мечот против Англија, кога во осмата минута се повреди Ивица Осим. Но, и покрај тоа, двете репрезентации ги добија тие натпревари.