Сараиште во 19 век каде што поминувал Осман бегот со својот конј

Дејан Азески

Фељтонот за мешаните бракови, кој изминатите неколку недели се објавуваше истовремено во дневните весници „Нова Македонија“ и „Ослобоѓење Сараево“, го завршуваме со една приказна од македонската историја, која по чудна игра на случајот е зачувана и во народниот фолклор. Се работи за забранетата и неостварена љубов помеѓу тогашниот охридски бег и една од најубавите млади охриѓанки, ќерка на голем христијански првенец и почитуван граѓанин. Оваа приказна ја пласираме за да потсетиме и да истакнеме дека љубовта помеѓу припадници на различни вери се случувала и пред 150 години, но дека и тогаш, како и денес, била жртва на стереотипите

Во сите претходни продолженија на овој фељтон констатиравме една работа – дека во Македонија, како во минатото така и денес, влегување во брак со припадник на туѓа религија или менување на верата поради брак се сметало за голем грев. Едноставно, за една девојка од чесна христијанска куќа зачувувањето на татковата вера се сметало за врвен приоритет поради кој имало случаи и на бранење на верата дури и со животот. За ваквата фанатичност придонеле и периодите на насилно потурчување и исламизација, кои иако немале масовни форми во Македонија, сепак, оставиле длабока трага. Како рецидив на сите тие историски процеси, дури и ден-денес имаме навистина многу малку случаи на мешани бракови во Македонија за кои можевме да пишуваме во овој фељтон. А имаме уште помалку такви познати бракови низ историјата. Но тоа што им било забранувано да стапат во брак на припадниците на различни религии не значи дека тие не се сакале или, како што велат старите, не се бендисувале меѓу себе. Таков е примерот на љубовта помеѓу охридскиот Осман-бег и убавата Рисавги, Хрисалгија, или скратено само Рисе, која е од христијанско потекло и чија приказна е овековечена во една од најпознатите и најубави македонски народни песни: „Ја излези, стара мајко, на пенџерето“.

ПРИНЦОТ (БЕГОТ) НА БЕЛ КОЊ

Според истражувањата на охридскиот историчар и генеолог Владимир Ангелчин Жура, споменатиот Осман-бег минувал секој ден на коњ, одејќи Долни Сарај (каде што била Османската управа во Охрид)

– Еднаш, а можеби и повеќепати, окото му се запрело на тогаш прекрасната куќа со убави пенџери обвиени со лозница и широки чардаци, на охридскиот првенец Андроник Поп Стефанија.

Таму тој здогледал една од неговите ќерки – најмалата, а можеби и најличната, по име Рисе, односно Хрисавгија, чија убавина напросто го маѓепсала и оттогаш срцето негово дерман немало.

Приказната понатаму ни кажува дека Осман-бег попусто ги криел своите чувства, кои на крајот излегле на виделина.

Од друга страна, татко ѝ на Рисе, Андроник, бил човек од почитуван род, татко на повеќе ќерки и синови, кој во тој момент не можел да се согласи и да дозволи таква љубов. А за разлика од другите христијани, Андроник веројатно имал доволно моќ и влијание да го спречи тоа.

Според Ангелчин Жура, Рисе или Хрисавгија, како што ѝ стои во крштеницата, била родена во 1827-та според едни, а според црковните книги стои годината 1832. Кога се разгорела љубовта, таа била на 23-годишна возраст, што ја датира песната некаде токму на средината на 19 век, кога Охрид е во фаза на економски и инфраструктурен процут и во период кога печалбарите и студентите од странство не носат само пари туку и нови идеи.

Охрид во 19 век

БАБА РИСАВГИ И НА ДЕВЕДЕСЕТ ГОДИНИ НЕ ГО ЗАБОРАВАЛА ОСМАН-БЕГ

Но љубовната приказна на Осман-бег и Рисе не запира тука. Иако татко ѝ Андроник Поп Стефанија набргу нашол решение и ја вдомил ќерка си Рисе за Ташко, викан Пељтекот, поради неговата говорна мана, и иако од брачна врска произлегле важни и влијателни личности во Охрид и Кралството Југославија, се памети дека Хрисавгија никогаш не го заборавила ниту Осман-бег.

Според Ангелчин Жура, се знае дека Хрисавгија доживеала мошне длабока старост, над деведесет години… и со растреперен глас расправала за случката со Осман-бег!
Сиот живот го минала во истата куќа, која и ден-денес постои гордо исправена, често седејќи на миндери, до пенџерите од кои првпат го здогледала Осман-бег!
Инаку се работи за куќата во која во дваесеттите години на минатиот век охридскиот градоначалник Сава Тасиќ, син на Рисе, го примил на спиење кралот Александар Караѓорѓевиќ за време престојот во Охрид.

ПЕСНАТА МОЖЕБИ Е НАПИШАНА КАКО ИСМЕВАЊЕ

Македонската фолклорна историја сѐ уште нема расчистено дали самиот Андроник Поп Стефанија нарачал да се напише и испее оваа песна или, пак, охридските чалгии од оваа приказна самите си направиле убава љубовна песна. Но постои и такво мислење дека се работи за една од т.н. наменски напишани песни или подметнати за да се исмее ваквата за тоа време срамна постапка.

Па приказната оди дотаму дека некој од соседите што му завидувал на Андроник на неговото богатство платил пари за да се напише оваа песна и на тој начин да се исмее целата фамилија.

Така мисли и водачот на најновата (четврта) генерација на охридските трубадури – доктор Јован Поп Стефанија.
– Песната во својата содржина дефинитивно има елементи што асоцираат на некој вид исмевање на постапките. Но со оглед дека е поминат цел век и половина и дека таа низ годините претрпела измени и модифицирање, ништо не можеме да знаеме со сигурност – вели тој.

И без разлика како и зошто настанала оваа песна, таа и понатаму претставува една од најпевливите и најприфатените песни, како во Охридско така и во цела Македонија.

ТАТКОТО НА РИСЕ БИЛ ГОЛЕМЕЦ ПРЕД СВОЕТО ВРЕМЕ

Инаку, татко ѝ на Рисе, Андроник Поп Стефанија бил градски првенец, син на најпознатиот охридски хроничар од тоа време Никола Поп Стефанија.
За него е познато дека бил еден од најначитаните и најинформирани луѓе од тој период, кој бил пред неговото време.

Познато е дека преку весници што ги набавувал којзнае од каде редовно ја следел изградбата на Суецкиот Канал и постојано заговарал кај турските власти истиот проект да се примени и на Охридско Езеро, кое, според неговата визија, преку долината на реката Шкумбина во Албанија, би требало да се спои со Јадранско Море и понатаму со целиот свет.

Ова зборува дека веќе на средината на 19 век во Македонија постоела малобројна, но сепак присутна аристократска класа, од која веројатно во иднина се изродиле просветните и револуционерно политичките преродбеници.