ССК: Договор за трилатерална соработка
Со меморандум за соработка, Македонско-швајцарскиот бизнис-клуб при Сојузот на стопански комори ја зацврсти соработката со Бугарско-швајцарската трговска комора. Меморандумот го потпишаа претседателката на Македонско-швајцарскиот бизнис-клуб, Јасминка Талеска, и претседателот на Бугарско-швајцарската трговска комора, Бони Бонев. Целта е унапредување на соработката, вмрежување на компаниите, активности за зајакнување на партнерството, промоција на трговијата и економската соработка.
Талеска истакна дека потенцијалите за соработка меѓу коморите се големи, особено во доменот на ИКТ-секторот, фармацевтска индустрија, секторите осигурување и финансии, како и индустрија, со оглед на тоа што се зголемува деловната соработка со Швајцарија.
– Билатералните економски односи што ги градиме со Швајцарија одат во нагорна линија. Во таа насока меморандумот е можност за зајакнување на релациите, вмрежување илјадници компании за заемна промоција и интерес за соработка на повеќе полиња – кажа Талеска.
Според статистичките податоци, трговската размена меѓу Македонија и Швајцарија во 2019 година изнесува 92 милиони евра, со остварен извоз од 36 милиони евра и увоз од 56 милиони евра.
Македонско-швајцарскиот бизнис-клуб е формиран во ССК, со поддршка на Амбасадата на Швајцарија.
„Мастеркард“ очекува помали приходи поради коронавирусот
Американската компанија за кредитни картички „Мастеркард“ проценува дека нејзините нето-приходи во првото тримесечје ќе бидат помали за два-три отсто во однос на претходната прогноза, во случај и натаму да продолжи епидемијата на коронавирусот.
Компанијата сега очекува пораст на приходите меѓу девет и 10 отсто во ова тримесечје, бидејќи ковид-19 влијае врз патувањата во странство и интернет-тргувањето.
„Мастеркард“ очекува порастот на нето-приходите на годишно ниво во 2020 година да биде на долната граница меѓу 11 и 13 отсто, во случај влијанието на вирусот да биде ограничено само на првото тримесечје.
Секој жител на Хонгконг ќе добие по 1.280 американски долари
Секој постојан жител на Хонгконг постар од 18 години ќе добие 10.000 хонгконшки долари (1.280 американски долари) во рамките на олеснувањата што владата реши да ги подели за да им го олесни животот на граѓаните и компаниите.
Со оглед на тоа дека уште 700 милиони хонгконшки долари ќе бидат потрошени на туризам, Владата поради силните удари врз економијата во 2020/2021 ќе мора да издвои рекордна сума пари.
Економијата на Хонгконг со месеци е погодена од долгите антивладини протести и, дополнително, од епидемијата на коронавирусот, поради што властите беа под голем притисок да повлечат од големите фискални резерви на земјата за да ги спасат економијата и административните региони во Кина.