Шарапова со трофејот од Ролан Гарос

Русинката Марија Шарапова (32), по 28-те години дружење со тенисот, реши да се збогува со него и сега се подготвува за „искачување на друга планина и за натпреварување на друг вид терен“

Петкратната гранслем-шампионка и поранешен светски рекет број 1, Русинката Марија Шарапова (32), најави збогување со тенисот по хроничните проблеми со рамото и по падот на 373-та позиција на ранг-листата на ВТА.
– Како да го оставите зад себе единствениот живот што некогаш сте го знаеле? Како да се оддалечите од терените на кои трениравте уште од времето кога бевте мало девојче, од играта што ја сакате, онаа што ви предизвика многу солзи, но и радости што не можат да се искажат, спорт каде што најдовте семејство, заедно со навивачите, кои ве поддржуваа повеќе од 28 години? – напиша Шарапова во модниот магазин „Ванитифер“.

Шарапова ќе остане запаметена како една од најголемите тенисерки во својата ера. Само Американките, сестрите Серена и Венус Вилијамс, имаат освоено повеќе гранслем-титули меѓу активните тенисерки. Нејзините успеси на тениските терени придонесоа таа да стане спортистка со најголема заработка во поголемиот дел од кариерата. Според процените на „Форбс“, таа е спортистка со најголема заработка 11 години во низа.
Шарапова стана глобална спортска ѕвезда со триумфот на Вимблдон на возраст од 17 години во 2004 година, како трета најмлада победничка, по Лоти Дод (1887) и Мартина Хингис во (1996), двете на 15-годишна возраст. Шарапова потоа победи на САД опен (2006), на Австралија опен (2008) и на Ролан Гарос, (2012 и 2014). Русинката заминува како една од 10-те жени освојувачи на четири гранслем-титули и како поранешен светски рекет број еден, која имаше огромно влијание во спортот и во светот на славните.

Во 2016 година дојде шокантната вест дека не го минала допинг-тестот за кардијалниот лек мелдониум, кој на почетокот на таа година беше додаден на листата на забранети супстанции. Шарапова беше суспендирана на две години, а потоа казната ѝ беше намалена на 15 месеци. Таа се врати на терените во април 2017 година, но не успеа да ги повтори претходните успеси, стигнувајќи само до 21-та позиција на ранг-листата на ВТА, пласирајќи се само во едно гранслем четврт-финале. Шарапова првпат го зеде тенискиот рекет в раце на четиригодишна возраст. Две години подоцна се пресели на Флорида, САД со својот татко за да тренира и не ја виде мајка си две години.

– Јас му го дадов животот на тенисот, тенисот ми даде живот. Ќе ми недостига секој ден, ќе ми недостигаат тренинзите и дневната рутина. Се будам в зори, ја врзувам прво левата, а потоа десната патика, па ја затворам вратата на теренот пред да ја удрам првата топка во денот. Ќе ми недостигаат мојот тим, тренерите. Ќе ми недостигаат моментите кога седам со татко ми на клупата за вежбање. Исто така и ракувањето, по победа или по пораз, сеедно, како и спортистките, кои го знаеле тоа или не, ме принудија да дадам сѐ од себе. Гледајќи назад, сфаќам дека тенисот беше мојата планина. Тој мој пат беше исполнет со долини и со заобиколници, но погледот од врвот беше неверојатен. По 28 години и пет гранслем-титули, јас сум подготвена за искачување на друга планина, да се натпреварувам на друг вид терен – истакнува Шарапова. 


Ѓоковиќ: Шарапова може да биде горда на кариерата

 
Светскиот рекет број еден, Новак Ѓоковиќ, по победата над Филип Колшрајбер во Дубаи, ја замоли публиката да ја поздрави Шарапова со аплауз.
– Таа е голем борец, посветена како ретко кој во нашиот спорт. Силната волја и подготвеноста да ги надмине повредите и операциите, да се врати на теренот и да игра на посакуваното ниво, се навистина инспиративни и покажуваат за каква шампионка станува збор. На крајот од една фантастична кариера таа може да биде горда на себе – изјави Ѓоковиќ.