Срцето е најважен фактор за секој спортист да извојува победа и спортска слава, но не само спортски мотивирано срце туку и физички здраво срце, кое ќе може да го издржи натчовечкиот напор до толку посакуваните спортски победи и медали. На патот до победите и трофеите, спортистите се подготвени да го жртвуваат своето здравје. Секојдневно сме сведоци на сѐ поголем број инциденти на спортските терени, дури и со фатални последици. Кај нас ваквите спортски трагедии, за среќа, се ретки, но во регионот и во светот се многу чести

Смртта на младиот српски фудбалер Предраг Меничанин (26), кој минатата недела како последица на срцев удар колабира за време на тренинг, одново ја наметна темата за тоа кои се причините поради кои на младите спортисти им се случуваат вакви трагедии додека се на теренот и што треба да се направи сево ова навреме да се спречи.

Здравствената заштита на спортистите и на лицата што се занимаваат со спорт станува важен сегмент во здравствената заштита на секоја нација. Пред спортската медицина, која е носител на оваа заштита, се поставуваат голем број прашања и проблеми што ги засегнуваат спортистите и спортските работници. Во врвниот спорт, кој сѐ повеќе се комерцијализира, се присутни оптоварувања, кои многу често ја надминуваат границата на издржливост на спортистите, а тука е и сѐ помасовната појава на допингот, кој влијае многу негативно на здравјето на спортистите.

– Здравото срце е клучот за способноста и можноста на еден спортист да се занимава со кој било спорт. Но не само спортски мотивирано срце, туку и физички здраво срце, кое ќе може да ги издржи напорниот тренинг и мечот за победа. Затоа правилниот тренинг, здравата исхрана и личната грижа за здравјето, се задача и обврска на секој спортист, а редовниот и детален спортски преглед, е една од клучните работи што треба да ја прави секој што се занимава со професионален и аматерски спорт – вели пензионираниот специјалист за спортска медицина при Институтот за физиологија, проф. д-р Слободан Николиќ.

Меѓу најчестите посочени причини за појава на трагични настани на спортските терени, лекарите ги посочуваат аритмиите, односно скриените заболувања на кардиоваскуларниот систем, каде што спортот преку зголеменото оптоварување е само активатор на несреќата. Затоа, за да се откријат несаканите и скриени аномалии кај спортистите, во Законот за спорт на Република Македонија, е пропишан задолжителен спортски преглед за секој спортист на секои шест месеци.

– Деталниот спортски преглед ги открива сите аномалии на телото. Зависно од спортот со кој се занимаваат, имаме различни антропометриски мерења на спортистите. Крвната слика и спорометријата се задолжителни кај сите возрасти, а клучот за одредувањето на способноста, дали еден спортист може да се занимава со спорт е реакцијата на срцето на стрес-тестот, односно работата на срцето под оптоварување – истакна Николиќ, кој посочи дека стрес-тестот не се прави на деца до осумгодишна возраст.

Меѓу другото, Николиќ посочи дека во неговата кариера секојдневно среќавал спортисти на кои поради откриени аномалии на срцето за време на спортските прегледи им било забрането занимавање со спорт, имало и такви што биле препраќани на Клиниката за кардиологија за понатамошни испитувања и лекувања, а и такви што продолжиле да се занимаваат со спорт, но под одреден режим и контрола. Според Николиќ, едни од најчесто детектираните аномалии кај децата спортисти се рамните стапала и искривениот ’рбет.


Зошто се потребни спортско-медицинските прегледи?

Секој човечки организам е индивидуален и не сме секогаш сигурни дека ќе даде позитивен одговор на физичката активност. Тоа, пред сѐ, зависи од моменталната здравствена состојба, па затоа пред секое почнување со физичко вежбање мора да се направи преглед, а понатаму систематски контролни прегледи. Кога здравствената состојба е сериозно нарушена, не се дозволува занимавање со спорт. Кај тие дечиња гледаме со договор, пред сѐ на тренерите, родителите и со наше стручно мислење, да им овозможиме блага физичка активност, која нема да му наштети на нивното здравје, а истовремено ќе ги ослободиме од мислата дека се болни, што е многу значајно за нивниот психофизички развој. Ретки се случаите каде што има целосна забрана за физичка активност и тие речиси и не стигнуваат до нас, вели Темелкоска.


И на децата им требaaт спортски специјалистички преглед

Несоодветната и недоволна здравствена заштита, на децата што се занимаваат со спортско-рекреативна активност, може да доведе до големи последици врз нивното здравје, а понекогаш последиците може да бидат катастрофални, со несакан исход. Нивната физичка активност мора да биде строго контролирана и соодветно дозирана од тренерите, а здравствената заштита и контролата да бидат задолжителни, според прим. д-р Нада Темелкоска, специјалистка по спортска медицина.
– Контролираната здравствена заштита кај која било возраст на деца што се занимаваат со спортска и спортско-рекреативна активност е потребна и неопходна. Таа е регулирана и со Законот за спорт на Република Македонија, во кој јасно стои дека лицата што се занимаваат со спорт, односно спортско-рекреативна активност, се должни да подлежат на здравствена спортско-медицинска контрола, независно на која возраст се или за која спортска дисциплина станува збор – нагласува Темелкоска.


Фудбалерите најподложни на смртни случаи

Фудбалот како најпопуларен спорт во светот има најмногу регистрирани играчи, па со самото тоа и најмногу ненадејни смртни случаи на теренот. Затоа, ако не се спроведуваат соодветните задолжителни медицински прегледи, тогаш шансите некое срцево заболување да остане незабележано по зголемениот физички напор и со тоа да предизвика и смрт, секако, се многу поизразени. Зачестеноста на ненадејната смрт на теренот меѓу спортистите во различни светски истражувања се движи помеѓу еден во 40.000 и еден во 80.000 случаи, со тоа што постојат значајни регионални разлики. Во спортската историја има повеќе примери каде што спортисти починале во моментите кога биле активни на теренот. Во оваа пригода ќе се потсетиме на некои од нив.
Том Симсон, британски велосипедист, починал од срцев удар во текот на тешкото искачување на планината Монт Венту. Кошаркарот на Бостон, Американецот Реџи Луис (27), кому му предвидуваа блескава кариера, починал на 27 години откако колабирал на теренот, а докторите само констатирале срцев удар. Слично нешто се случило и со Американецот Зек Апшо од САД (26), и со Гркот Василис Георгарос (17). Хрватскиот фудбалер Бруно Бобан (26) паднал и починал, откако му се слошило на фудбалски натпревар. Истата судбина ја доживеале и Британецот Даниел Вилкинсон (26), Србинот Стефан Тодоровиќ (19), Рапи Фати од Бурунди (28)… Првиот смртен случај на терен е забележен на Летните олимписки игри во 1912 година, кога португалскиот маратонец Франсиско Лазаро починал додека трчал, како последица на топлотен удар. Г.И.