Дејан Азески

Првпат по триесет години е направена компаративна анализа (заедничко истражување) за состојбите со мешаните бракови во двете најмултиетнички држави на Балканот: Македонија и БиХ, која истовремено се објавува во дневните весници „Нова Македонија“ и „Ослобоџење Сараево“. Авторите Суада Арнаутовиќ и Дејан Азески успеаја да пронајдат по пет случаи на јавни личности во мешани бракови и преку нивните примери да ги анализираат состојбите во двете држави. Во денешното издание ја пренесуваме колоритната приказна на естрадниот пар Денис Мурат и Стефани Стефановска, која е поврзана со мешавина од многу култури и религии

Денис Мурат е една од најурбаните градски фаци од помладата генерација во Охрид и Охридско. Многумина го паметат по брилијантните настапи на музичкото шоу „Идол“, но и по многубројните успешни свирки и концерти насекаде низ Македонија и регионот. Познат е и по заедничките настапи како дуо „ДиС“ со својата сопруга Стефани Стефановска. Денис или Дени, како што го знаат охриѓани, е и повеќегодишен успешен службеник на компанијата ТАВ, но сепак во охридската чаршија е најпознат како добар човек со неизмерна желба за дружење. Покрај сево ова, малкумина ќе се потсетат и дека Денис го има едно од најколоритните семејни потекла во цела Македонија. Односно тој е мешавина на неколку среќни католичко-муслимански, муслиманско-православни и православно-католички бракови, кои ги склучувале неговите предци со генерации. Тој го изнесе своето мислење за сето тоа.
– Јас не сум човек што ги дели луѓето по нивната вера и националност. Сметам дека за да постигнеш некаков успех, треба искрено да пристапуваш кон луѓето или кон работата, да си отворен за соработки, амбициозен и позитивен. Бракот и слогата што ја имале моите родители, само ми помогнале во понатамошните препреки во животот да можам полесно да поминувам преку сите предизвици. Татко ми беше муслиман исто така од мешан брак, а мајка ми православна христијанка. До пред неколку години, со нас живееше и баба ми, која беше католик – вели нашиот соговорник.

Во Охридско важат за семејство што ги одбележува буквално сите празници. Дури постои шега дека нивната куќа има најголеми трошоци во годината.
– И да ги славиме и да не ги славиме, кај нас секогаш вратата е отворена. Мајка ми правеше баклава за Бајрам, а сега и сопругата ги почитува сите празници покрај мене, но сѐ уште не знае да ја направи баклавата (се смее). Го почитувавме и католичкиот Божиќ, па секогаш на тој ден добивавме подароци од баба ми под елката – вели Денис.
Тој ваквиот микс на култури во кои пораснал го смета не за проблем туку за голема предност, која многу му помогнала во животот.

– Научивме дека пред сѐ сите сме луѓе, соседи, пријатели, колеги и за добро или лошо треба да сме тука да си помогнеме и да се почитуваме. Моите родители секогаш ме учеле на соживот со луѓе од различна вера. Во нашиот дом не постоеше таков разговор во кој одреден човек се условува со „муслиманот“ и обратно – нагласува тој.
И навистина сево ова што теоретски го кажува Денис неговото семејство со генерации и векови го има потврдено промовирајќи соживот во градот Охрид и на таков начин навистина претставуваат светол пример за другите. Но најинтересно од сѐ, е што истата космополитска приказна продолжува и во следните генерации како што ќе може да видиме и во следниот пасус.

СОПРУГАТА НЕ ЈА ОДБРАВ ПО НАЦИОНАЛНОСТ ТУКУ ПО КРИТЕРИУМОТ ДА БИДЕ МУЗИЧАРКА

Денис и Стефани се еден од навистина поубавите брачни парови на македонската естрада. Каде и да се појават предизвикуваат внимание и позитивни реакции. Поради тоа, веројатно, не е ни случајно што уште од почетокот немало многу двоумење дали треба да стапат во брак.

– Се запознавме спонтано во Охрид, налето. Ни се поклопија енергиите, уште па кога ми кажа дека е музичарка, си реков тоа е тоа. Не се двоумеше ниту таа, за нас националноста не беше табу-тема и никогаш претходно не била – вели нашиот соговорник.

Сепак, Денис признава дека околината понекогаш навистина имала прашања и недоумици, но истакнува дека тие не биле со негативна конотација туку предизвикани од чиста љубопитност.

Нашиот соговорник, сепак, е најсреќен што во сопругата нашол сродна душа за градење заедничка естрадна кариера, која е навистина добро ефектуирана преку заедничките настапи во дуото „ДиС“.

– Функционираме многу опуштено, се разбираме со поглед, нѐ бараат бидејќи шириме позитивна енергија. Свириме популарни песни, ретро и актуелни, странски и македонски. Планираме нешто авторско кога ќе ни дозволи времето и кога ќе се реализира ќе бидете известени и поканети на промоција – вели Денис.
Нивната љубов неодамна резултира и со најубав плод. Им се роди синот Каин, за кого велат дека ќе го воспитуваат по сите космополитиски стандарди, кои ги наследиле од своите предци.

– Иако сум дете на мешан брак, моите родители одлучиле да остават на нашата одлука дали ќе се приклониме кон христијанството или не. Сепак, ние сме само луѓе што имаат право на избор. Па, така, јас пред 4 години се крстив на најголемиот празник Водици, во Охрид, а и венчан сум со сопругата во црква. На синот исто така ќе оставиме да одлучи сам и ќе го воспитуваме по сите морални и правилни вредности во животот. Тој, секако, веќе живее во мултиетничко општество, па и мислам дека ќе му биде полесно – нагласува Дени.

Тој се надева дека неговиот син ќе биде поуспешен од него во изучувањето на турскиот јазик.
– Разбирам турски, но малку знам да вратам. Од татко ми не го научивме јазикот, бидејќи тој си зборуваше на литературен македонски. Имаме желба да го научиме со сопругата и се надеваме на тоа во блиска иднина. А понатаму и синот да го научи, доколку има желба – вели Денис.

Со оглед на фактот дека човек што познава јазик плус вреди како двајца луѓе, не се сомневаме дека Денис Мурат ќе ги инспирира и наредните поколенија да зачуваат барем дел од католичките, православните и муслиманските традиции на неговото семејство.


Културата и воспитувањето ги прави Турците максимално лојални на нашата држава

Иако Денис не знае турски, како што самиот ни призна, имал можност преку неговиот татко, а и сам, да се запознае со голем број припадници на оваа етничка група, кои со векови живеат во Македонија. Тој за нив ни ја потврди нашата претпоставка дека се навистина најлојалните граѓани на нашата држава, а тој има и теорија зашто е тоа така.

– Сметам дека културата на Турците како народ е пресудна во лојалноста кон македонската држава. Тие се многу воспитани, гостопримливи и трпеливи. И тука се среќаваме секојдневно со Турци, кои навистина нѐ изненадуваат со нивниот однос и култура, но имавме можност со сопругата да одиме на одмор на едно од нивните туристички места и бевме воодушевени од услугата, љубезноста и коректниот однос кон сите гости – нагласува нашиот соговорник.

Очигледно поимот „еснаф луѓе“, кој се користи по чаршиите низ Македонија за афирмативно да се опишат припадниците на оваа националност, не е случаен.