Панголините или лушпари се загрозен вид цицачи што живеат во Африка и во Југоисточна Азија. Нивното месо во Кина е деликатес, а крлушките составен дел од древната кинеска медицина. Иако трговијата на панголини е илегална, побарувачката не стивнува. Вниманието кон овие животни се зголеми по експанзијата на коронавирусот, за кој се мисли дека е можно да го пренеле овие животинки.
Научниците Чен Ѕонгѕи и Џиао Лиху од Јужнокинескиот земјоделски факултет во Гуангзоу тврдат дека панголините се можен потенцијален преносител на вирусот на луѓето на темел на генетичка споредба на коронавирусот изолиран кај животните и кај заразените луѓе. Кинеските истражувачи тврдат дека тие генетски секвенци се совпаѓаат 99 отсто, но сѐ уште не го објавиле своето истражување во некој научен магазин.
Што се панголини? Многумина погрешно ги сметаат овие необични животни за влечуги, но станува збор за цицачи покриени со крлушки. Тие крлушки им се симетрично поредени, од грбот кон стомакот. Ги немаат само на муцките, надворешните делови на лицето и внатрешноста на екстремитетите. Според составот, потсетуваат на човечките нокти.
Најголемиот панголин е долг до 1,8 метар и тежок до 35 килограми. Лошо гледаат и слушаат, но имаат развиено сетило за мирис. Овие животни по правило се самотници, мажјаците се поголеми од женките, а сите се добри пливачи. Тие се ноќни животни, се хранат со мравки и термити, се движат полека и смирено, освен кога се загрозени.
Панголините се загрозен вид, бројноста на нивната популација постојано опаѓа поради лов. Некои ги сметаат за најпродавани животини на светот. Според Светското здружение за заштита на природата, меѓу 2011 и 2013 година, се убиени 233.980 панголини. Поради тоа е забранета трговијата со нив. Но новото истражување потврдува дека илегалната трговија само расте, дури повеќе од онаа на слонова коска.
Барани се на пазарот, затоа што месото се смета за деликатес во многу земји, а се користат и во традиционалната кинеска медицина. Од состојките во крлушките се прават речиси 500 рецепти на лекови, од кои некои се стари со векови. Лекуваат анорексија, чиреви и кожни инфекции, а се користат и за третмани на менструални тегоби, неплодност и артритис. Иако не постојат научни докази за лековитоста на крлушките, многумина веруваат во тоа.
Најмногу се шверцуваат во Кина, Хонгконг, Виетнам, Сингапур, Нигерија и Демократска Република Конго, и покрај строгите казни и до 15 години затвор или парични казни над 600 илјади долари.
Научните истражувања покажаа дека природен резервоар на коронавирусот е овошниот лилјак, од кого вирусот преминал на друг животински вид, кој бил посредник во ширењето на заразата кај луѓето. Првите анализи укажуваа на змиите, но таа теорија е отфрлена, па сомнежот падна на панголините.
– Ова е многу интересна опсервација. Иако треба да видиме повеќе детали, има смисла, бидејќи сега се појавуваат и некои други податоци дека панголините носат вируси што се тесно поврзани со новиот коронавирус – изјави Едвард Холмс, еволуциски виролог од Универзитетот во Сиднеј.