Недостигот од обрасци за изработка на пасоши и лични карти може, но не мора, да влијае на претстојните избори во државата, тврдат експертите. За претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, многу поголем во моментов е фактот што огромен број граѓани сѐ уште не си ги подигнале новите документи за лична идентификација од шалтерите на МВР
Можно ли е проблемот со недостигот од обрасците за патни исправи и лични карти, како документи за лична идентификација на граѓаните, кои се актуелни деновиве во јавноста, да влијае врз процесот на гласање на следните парламентарни избори, закажани за 12 април. Ова е уште една од многуте дилеми што се наметнаа периодов поради недостигот од обрасци за пасоши, лични карти, но и за возачки дозволи, на што реагираат голем број граѓани што поднеле барање, но не знаат дали и кога ќе ги добијат новите документи. Според расположливите податоци, околу 14.900 лица чекаат нови патни исправи, додека уште неколку илјади граѓани се во процедура на вадење нови лични карти.
Во меѓувреме, социјалните мрежи вријат од секакви коментари и негодувања поради настанатата ситуација. Постојат стравувања и дека поради недостигот од обрасци и документи за лична идентификација на овие граѓани може да им се загрози уставното право за слободно движење, но и за остварување на правото на глас на следните избори.
Во таа насока, „Нова Македонија“ побара официјален став од релевантните институции на прашањето дали недостигот од обрасци за документите за лична идентификација би можел да има влијание врз процесот на гласање за парламентарните избори закажани во април. Дотолку повеќе што без валидни лични карти и пасоши граѓаните не би можеле да се идентификуваат на денот на изборите, а со тоа и да го остварат своето право на гласање.
Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, за „Нова Македонија“ вели дека недостигот од пасоши кај дел од граѓаните не би направил сериозен импакт врз претстојните избори. Според Дерковски, поголем проблем во моментов е фактот што повеќе од 38 илјади граѓани не си ги подигнале новите документи за лична идентификација од шалтерите на МВР.
– Досега практиката ни укажала дека недостигот од пасоши кај граѓаните драстично не влијаел врз процесот на изборите во минатото. Повеќе може да се одрази на изборите недостигот од личните карти кај граѓаните, но и тој проблем не е до МВР, како што деновиве се наметнува тезата во јавноста. Имено, според мои сознанија, но и информации на ресорното министерство за внатрешни, во моментов има околу 38 илјади неподигнати лични карти, кои од за мене нејасни причини сѐ уште се на шалтерите во МВР. Зошто граѓаните не си ги подигаат документите, не знам. Но тоа укажува дека граѓаните треба повеќе да водат грижа доколку сакаат да го остварат своето право на глас на следните избори. Од друга страна, пасошите многу малку се користат како документи за идентификација на изборите, па оттаму проблемот, кој се очекува да се реши до изборите, а деновиве е актуелен, според мене, не би требало да влијае некако врз изборниот циклус – вели првиот човек на ДИК, Дерковски.
Во меѓувреме на прашањето до МВР дали недостигот од обрасци за документите за лична идентификација би можел да влијае врз процесот на гласање на денот на изборите и која би била евентуалната процедура на идентификација на граѓаните доколку дотогаш не ги добијат документите, од ресорното министерство до затворањето на денешното издание на весникот не добивме одговор. Последен официјален став во врска со ова прашање на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев беше дека намерните пропусти се предизвикани од претходниот министер за внатрешни работи и се со цел да направи хаос за да се влијае врз граѓаните и да се усложнат изборите.
Од друга страна, претседателот на здружението „Цивил – центар за слобода“, Џабир Дерала, сепак, смета дека недостигот од документите за лична идентификација кај граѓаните актуелен периодов во пресрет на изборите, сепак, ќе се одрази врз следниот изборен циклус.
– Да, повеќе од очигледно е дека оваа состојба може да придонесе кон повреда на правото на глас кај оние што ќе бидат оневозможени да добијат документи за лична идентификација, што е услов за остварување на тоа право – вели Дерала.
Инаку, во врска со проблемот, во Владата веќе се размислува во повеќе насоки, а деталите ќе се објават кога ќе биде извесно решението, односно кога ќе има одржливо решение, како што изјави вчера на прес-конференција премиерот Оливер Спасовски.
Во однос на едно од можните решенија што завчера ги најави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, државата треба да испрати дипломатски ноти до сите други земји за да се продолжи рокот на оние пасоши чија важност истекла и на оние што во меѓувреме ќе им престане рокот на важење, Спасовски нагласи дека ако тоа е решение, очекува Чулев да го достави до Владата.