Познатиот хрватски писател и колумнист Миљенко Јерговиќ на својата веб-страница, во рубриката „Ајфелов мост“, всушност интимен книжевен онлајн-магазин, објавува расказ од македонскиот писател Александар Прокопиев. Препораката за читателите е исклучително топла, со многу пофалби за нашиот автор.
– Александар Прокопиев е македонски прозаист, романописец, автор на кратки раскази и жанровски неодредливи, но главно прозни форми. Апсурдист, авангардист, традиционален раскажувач, лудист, склон на играта, постмодернист на враќање на модернизмот, голем писател на мал јазик, на некој начин намерен аутсајдер и писател од маргините на големиот јазик. Сашо Прокопиев, зборувајќи сосема едноставно, е писател на нечуено забавна книжевност. Тој е еден од ветераните на „Ајфеловиот мост“. Кога би се собрале сите негови прози објавени на „мостот“, би имале подебела книга, и секогаш ми е силно уживање да го читам. На крајот, го измислив „Ајфеловиот мост“ заради сопствено задоволство, но не се ни надевав дека вакви писатели ќе ги испраќаат своите текстови баш за таа намена. И да, Прокопиев самиот си ги преведува своите прози за „Ајфеловиот мост“ – вели Јерговиќ во препораката за расказот „Чадор“ на Александар Прокопиев, порачувајќи им на читателите да се вљубат во овој автор.
Под текстот е објавена фотографија од нашиот писател, направена од самиот Јерговиќ.
Тој го почнува овој онлајн-магазин поради револтот од недостигот од простор за култура во медиумите. Списанието, како што вели, е јавно, бидејќи секој може да го чита, но по изборот на соработници е елитистичко и приватно.
Миљенко Јерговиќ (Сараево, 1966) е книжевник и новинар, кој живее во село недалеку од Загреб. Првиот новинарски текст го има објавено во 1983 година, а првата поетска збирка „Опсерваторија Варшава“ во 1988 година. За неговата збирка раскази „Сараевско Марлборо“ (1994) критичарите сметаат дека го почнува трендот на т.н. стварносна проза. Потоа објавува уште неколку збирки раскази („Мама Леоне“, „Иншалах Мадона, иншалах“), како и десетина романи. За романот „Род“ во 2015 година ја добива наградата „Његош“.