Зборував со играчи што ги избришале своите интернет-профили. Тоа е само поради мноштвото информации што ги добиваат. Размислете за тоа, некои од нив имаат 50, 60, 100 илјади следбеници и ако добивате негативни повратни информации од поголем дел од тие лица, тоа ќе влијае врз вас, вели Бенет, директор на ПФА за благосостојба на играчите
Фудбалерите почнуваат да ги одбегнуваат социјалните медиуми поради стресот што може да им го приредат, тврдат од Здружението на професионални фудбалери на Англија (ПФА).
Бројот на играчи што побарале советодавни услуги од ПФА се зголемил на 643 во 2019 година, што е повеќе во однос на 2018 година, кога таа бројка изнесувала 438. Во 2016 година 160 играчи ги користеле услугите за советување на ПФА, а во 2017-та 403.
Директорот на Здружението на професионални фудбалери на Англија за благосостојба на играчите, Мајкл Бенет, вели дека социјалните медиуми значат дека нема „бегање од фудбалот“. ПФА има повеќе од 200 советници низ Англија, но Бенет признава дека клубовите би можеле повеќе да ги поддржат играчите.
– Зборував со играчи што ги избришале своите интернет-профили. Тоа е само поради мноштвото информации што ги добиваат. Размислете за тоа, некои од нив имаат 50, 60, 100 илјади следбеници и ако добивате негативни повратни информации од поголем дел од тие лица, тоа ќе влијае врз вас – изјави Бенет за „Би-би-си“.
Поранешниот коментатор Гери Блум, сега спортски психотерапевт во Оксфорд јунајтед, кој им помага на многу професионални фудбалери, вели дека социјалните медиуми се нешто што играчите „сакаат и мразат“.