Лидерите на водечките европски држави и дел од главните луѓе на Европската Унија немаат биолошки деца, а, според зборовите на аналитичарите, тоа се случува првпат во историјата. Во оваа околност ќе се осврнеме на еден интересен дел од пошироко истражување во кое се вели дека мутираниот вирус на белата чума заразил многу познати, јавни личности, политичари и лидери на европските држави, во чии глави чмаат и решението и клучот за националните и за глобалните демографски политики, но и алатките за силно спротивставување на овој негативен тренд
Континентална епидемија – со тие зборови демографите го идентификуваат сѐ поизразениот тренд на депопулација. И тоа не само кај нас туку, според нив, тоа е „болест скоро на цела Европа“ и во најскоро време треба да се соочиме со неа и ефикасно да реагираме. Имено, иако е познато дека нашата планета глобално се соочува со проблемот пренаселеност, сепак одредени нејзини делови патат од сосема спротивна болест – недостиг од население. Токму тие делови, а посебно европскиот континент се соочува со демографска состојба при која дури одредени подрачја се тешко инфицирани од т.н. бела чума. Некои од демографите-истражувачи постојано ја истакнуваат тезата во која се тврди дека лошата економска ситуација е прва, основна и најголема причина за намалениот наталитет (бр. на склучени бракови, родени деца…). Но други возвраќаат дека тоа е така само на прв поглед и површно гледано. Но некои подлабоки анализи, велат нешто сосема друго. Во оваа околност ќе се осврнеме на еден интересен дел од пошироко истражување во кое се вели дека белата чума заразила многу познати, јавни личности, политичари и лидери на европските држави, каде што токму лежат и решението и клучот за националните демографски политики и силното спротивставување на овој негативен тренд.
Имено, многу од лидерите на водечките европски држави и некои од главните луѓе на Европската Унија, освен што имаат заедничка улога во раководењето на иднината на земјите од Стариот Континент, тие случајно или не имаат и впечатлива судбина и немаат свои биолошки деца.
На пример, американскиот магазин „Њујоркер“ на оваа тема пишува дека меѓу оние политичари без потомство се германската канцеларка Ангела Меркел, премиерката на Британија Тереза Меј, претседателот на Франција Емауел Макрон, шефовите на владите на Италија, Шведска, Шкотска Холандија и Луксембург (Паоло Џентилони, Стефан Левен, Марк Руте, Гсавие Бетел и Никола Штурџен), како и шефот на Европската комисија Жан Клод Јункер.
Според одредена анкета, дел од Европа оваа ситуација ја гледа како целосно небитен податок, но има и такви што критички гледаат на состојбата со децата на првите луѓе на Унијата бидејќи тоа многу говорело за правецот по кој се движи Стариот Континент.
Психолози во врска со овој феномен истакнале дека оваа состојба се случува првпат во историјата и додале дека на оние политичари што немаат потомство размислувањето за идните генерации не им е приоритет.
– Тоа е така бидејќи тие луѓе се однесуваат како да се тие последна генерација на крајот на синџирот. Можеби токму поради тоа сѐ повеќе луѓе во Европа се одлучуваат да немаат свое потомство. Лидерите на државите се практичен, но и потсвесен пример за граѓаните. На пример Меркел нема деца, а според последните податоци, дури 30 проценти од жените во Германија ја делат нејзината судбина. Од друга страна, има и такви што размислуваат дека тоа што главните политичари немаат свои деца нема никаква врска со тоа дека таа личност не е добар лидер на својата држава – се обидуваат да објаснат психолозите.
На слична тема американскиот магазин „Њузвик“, пишува малку саркастично, а имено дека ако ништо друго ова состојба значела дека „кај овие политичари не може да се случи непотизам и тие да го сместат своето потомство на идни водечки политички позиции“.
Овој весник, пак, информира дека наспроти европските политичари, актуелниот американски лидер, Доналд Трамп, има 5 деца од 3 брака.
Од друга страна, македонските водечки политичари на ова поле имаат многу поголеми сличности со американскиот претседател Трамп отколку со своите колеги од Европа.
На интернет-енциклопедијата Википедија пишува дека и македонскиот премиерот Зоран Заев, но и лидерот на опозицијата Христијан Мицковски се татковци на по две деца.
Натаму, иако на Интернет нема јавни податоци судејќи според пишувањето на медиумите, татко на неколку деца што живеат во Швајцарија е и највлијателниот политичар во албанскиот табор партии во земјата, Али Ахмети.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски овие состојби во Европа, САД и во Македонија ги објаснува со фактот дека македонскиот менталитет за овие работи многу повеќе дели заедничка основа со Американците отколку со Европејците.
– Натаму, за електоратот во Македонија и во САД, за разлика од оној во Европа, е битно дали кандидатот што ќе биде гласан е успешен семеен човек и почитуван во околината во која живее или дали можеби тој бил способен како бизнисмен или храбар како војник во армијата. Европејците од друга страна, пак, ги занемаруваат овие моменти и ним многу не им значи семејниот и општествен статус на политичарот, туку гласачите во ЕУ повеќе се концентрираат на професионалното искуство на политичарот наспроти моментите од неговата лична биографија – вели Стефаноски.
Во секој случај, за издвојување е информацијата дека светските статистики покажуваат дека секоја петта жена го одложува мајчинството до 35-та година. Бројот на жените што се прворотки во периодот од 30та до 39-та година се удвоил во последните 15 години, а бројот на оние што раѓаат првпат со 40 години и повеќе, пораснал за 50 отсто. Како и да е, државите мора сѐ повеќе да развиваат квалитетни иницијативи, па и систем за борба против белата чума. И во нашиот случај, велат демографите, како што државата отсекогаш развива исклучително ефикасен систем што функционира за прибирање на давачките, така сега е крајно време да развие ефикасен систем за стимулирање на наталитетот и за задржување на младите во земјава. Но последново е тема што дополнително ќе се анализира.