„Паразит“ триумфираше на „оскарите“

Кога режисерот на „Паразит“, Бонг Џун-хо, ја започнал својата нова идеја за приказна заснована на неговото 20-годишно искуство како тутор на богатите семејства во Сеул, не му ни паднало на памет дека ќе триумфира на „оскарите“. Досега, во историјата ниту еден јужнокорејски филм не бил номиниран во категоријата за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, а уште помалку во главната категорија за најдобар филм. Но неговата вознемирувачка и тажна класна комедија за семејство Парк од работничката класа во Сеул, кое се инфилтрира во добро домаќинство, маскирајќи се како тутори и слуги, стана хит кај светската публика. Пред да станеме свесни, тој веќе гостуваше кај Џими Фелон, а потоа продолжи да освојува трофеј по трофеј во текот на сезоната на наградите.

Тоа што „Паразит“ го освои „оскарот“ за најдобар филм е само задоцнето признание за креативната јужнокорејска кинематографија, која во текот на последните две децении стана најдинамична и најоригинална филмска индустрија на планетата. Тука се родија режисерските имиња како што се Бонг и Парк Чан-вук, но и фестивалските фаворити: Хонг Санг-Су, Ким Ки-Дук и режисерот на „Горење“, Ли Чанг-Донг.
Светот најпрво стана свесен дека се случува нешто интересно кога „Олдбој“ ја имаше својата премиера на Запад во 2004 г. Насилството и мрачната премиса во овој филм го поставија во кошницата на екстремни азиски филмови што веќе беа лесни за извоз. Но „Олдбој“ и другите филмови од трилогијата „Одмазда“ на режисерот Парк Чан-Вук беа многу повеќе од тоа. Тие прикажаа чудна мешавина од жанрови, апсурдната комедија што се плеткаше директно во скриена трагедија, која се чинеше уникатно корејска – како протагонист О Де-су, конечно ослободен по 15 години затвор, пика цел жив октопод в уста.

Овој жанровски состав, кој се препознава и во работата на многу други режисери, може да се смета како реакција на големите пресврти во поновата историја на земјата. Ликот О Де-Су е затворен од 1988 година, прва година на целосна републиканска демократија за Јужна Кореја, па до 2003 година. Во тоа време, земјата влезе во светот на слободниот пазар и капитализмот, „замачкувајќи“ го претходниот мрачен период на воено владеење. Дали Јужна Кореја, исто како и О Де-Су, колективно доживеа губење на свеста и одби да го прифати значењето на овие промени? Филмаџиите во земјата се определија да не го сторат истото тоа. Справувајќи се со овие социјални состојби, тие го родија феноменалниот јужнокорејски филм. Ним им помогна и дарежливата екранска квота, која до 2006 година бараше кината да прикажуваат домашни филмови 146 дена годишно.

Истата конфликтна перспектива е видлива на почетокот на величествениот филм „Пеперминт кенди“ на Ли Чанг-Донг во 1999 година. Еден бизнисмен сака да се самоубие, надвиснувајќи се над реката, додека неговите поранешни пријатели го игнорираат и пеат носталгична песна, а потоа филмот нѐ враќа назад низ времето, низ годините што ги испушти „Олдбој“, за да откриеме што го вознемирило.
Многу корејски режисери од бранот халју (нов бран) ја населуваат оваа зона на жанровско преклопување. Оние на Бонг, Парк и Канг Џе-гју (кој го режира трилерот „Шири“, првиот голем домашен блокбастер во земјата) произлегоа од периодот на граѓанските превирања од 1980-тите, што ѝ стави крај на воената диктатура. Сите тие беа членови на универзитетските киноклубови што прикажуваа филмови забранети со законот за цензура. Оттука и вкусот за истражување надвор од ограничувања на националната психа, како што е опседнатоста на јужнокорејската индустрија со комунистичкиот север, прикажано во филмот на Парк, „Здружено безбедносно подрачје“, филм за пукање во демилитаризирана зона; „Шири“, каде што комунистичките шпиони поставуваат бомби во Сеул, како и во корејскиот воен блокбастер „Тегуги“, од режисерот Канг. Таа опсесија е веќе избледена, но не и потребата од остар социјален коментар, кој веќе станува препознатлив за корејската кинематографија. Тој е особено присутен во филмовите на Бонг. Филмот „Сеќавање на едно убиство“, неговото ремек-дело од 2003 година, ја искористи одличната нерешена сага од сериските убиства во Хвасеонг од 1980-тите, за да ги обелодени бруталноста и неспособноста во ерата на диктатурата. Ова го забележуваме дури и во неговиот филм за мутираното чудовиште од реката Хан, „Домаќинот“, од 2006 година. Во овој филм, еден американски научник фрла хемикалии во реката Хан, кои создаваат разјарен мутант, потег што посочува на американското воено присуство на полуостровот. За своите филмови на англиски јазик „Сноупирсер“ и „Окџа“, тој работеше во срцето на хиперкапиталистичкиот американски ѕвер, но секогаш сатирично подбуцнуваше однатре. И други јужнокорејски режисери ги истражуваат истите теми: чувството дека американскиот капитализам ја труе земјата може да се види и во анимацијата „Кралот на свињите“ во 2011 г., филм за бруталното натпреварување во училиштата, или масовно признаениот филм „Горење“ на Ли, од 2018 г., за (не)пријателскиот однос помеѓу еден писател и плејбој од Гангнам.

Но истата таа корпоративна идеологија и силната трговска етика ѝ понудија на Јужна Кореја навидум бескрајна поворка од маестрални жанрови: од Бонг и Парк до Ким Џи-Вун (нисилниот одмазднички трилер „Јас го видов ѓаволот“), како и Јеон Санг-Хо („Воз до Бусан“, зомби-конкуренција на „Сноупирсер“ на Бонг), па до најновата надеж На Хонг-Џин (воодушевувачкиот трилер за рурален егзорцизам „Лелекот“). Тајната е веќе откриена. По намалувањето на екранската квота во 2007 година, неизбежно се изгуби дел од првобитниот момент. Бонг и Парк сега се меѓународни играчи. Но ако Бонг – откако сними два филма на англиски јазик – мораше да се врати назад во својата родна земја за да го даде својот најостар став кон нееднаквоста, освојувањето на „оскар“ за најдобар филм е ултимативното признание за големината на јужнокорејската кинематографија. На крајот на краиштата, локалното е универзално. Или како што вели Бонг: „Сите сега живееме во иста земја – капитализам“.


„Медена земја“ направи редици во Белград

Македонскиот документарец „Медена земја“ предизвика голем интерес кај публиката во регионот. Деновиве пред билетарницата на киносалата на Културниот центар во Белград се формираа долги редови. Сите три проекции беа распродадени, а поради големиот интерес беше продолжено прикажувањето на филмот на репертоарот.
„Метеж поради нешто убаво! Филмот е фантазија“… „Одамна не ме трогнало нешто толку како земјата на медот. Прекрасен“… „Честитки до Македонците за брилијантниот филм“…, ова се само некои од коментарите на белграѓани.