Експертите сметаат дека маркетингот на голема врата се провлекува и во светот на книжевноста, па за најдобро многу често се смета она што е најрекламирано. Бројките во литературата упорно се провлекуваат и се сметаат како доказ за тоа колку еден автор или дело се квалитетни
Најпродаван автор за оваа година, најпреведуван автор, трет тираж на одредена книга, автор што најчесто се појавува во медиуми… Бројките во литературата упорно се провлекуваат и се сметаат како доказ за тоа колку еден автор или дело се квалитетни.
– Ја бранам литературата од математика. Хит-изданијата се вовлечени во сѐ, како во Србија, така и во другите земји на Балканот – изјави неодамна познатиот српски автор Владислав Бајац во емисија за Ал џезира.
Доказ дека најпродаваните автори не се секогаш и најдобрите автори е фактот дека многу дела од светските класици некогаш биле забранети, со што не само што не биле реиздавани, туку не биле ни продавани. Еден од примерите е случајот со „Лолита“ на Владимир Набоков, книга што многу издавачки куќи не сакале ни да ја издадат. Потоа, делата на Франц Кафка по културното востание во 1968 година во Прага биле целосно забранети, „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Карол е забранувана во многу земји. „Улис“ на ирскиот писател Џејмс Џојс од 1922 година кренал голема прашина, САД и Англија не само што ја забраниле книгата туку запалиле и над 1.000 копии од неа. „Хаклбери Фин“ на Марк Твен не им се допаднал многу на Американците. Само неколку недели откако била објавена книгата во 1885 година, библиотекарите во Конкорд, во сојузната држава Масачусетс, ја одбиле затоа што била за луѓе со слаб интелект. Две децении подоцна од своите полици ја отстранува и библиотеката во Бруклин затоа што во делото биле користени прости зборови.
Ова се само мал број примери на книги од светската литература, кои не само што важеле за непродавани туку во одреден период биле и целосно недостапни за читателите.
– Имаме некоја линија на отпор и мораме да докажуваме дека бројките во книжевноста не се примарни и дека хитовите, листите со хитови, бројот на тираж, и сите тие бројки, не се суштински важни. Тие треба да се земаат предвид, ама тоа ја става книжевноста во стапица од која ние треба да се браниме и тоа е борба што не е неопходна – смета Бајац.
Ѓуро Видмаровиќ, претседател на Друштвото на хрватските писатели, смета дека во денешно време и оние автори што имаат светско признание од книжевната критика, можно е да не се продаваат во голем број.
– Елитните книжевни дела не подлежат на математика по бројот на продадени примероци. Ние по број сме малку народ, со мал број читатели, и ако секоја книга се третира како книжевно богатство што мора да донесе профит, тогаш тоа е погрешно. Не можете да очекувате Ранко Маринковиќ да го продадете денес во 10 илјади примероци, па дури и Крлежа. Книжевноста некогаш беше поделена на шунд и на квалитетна литература, а денес е изгубена таа разлика – тврди Видмаровиќ.
Како во целиот регион, така и во Македонија владее битката меѓу квалитетната и неквалитетната литература.
– Бројот на продадени книги и постигнати тиражи не мора да означува квалитет, затоа што во Македонија имаме примери на книги со голем број продадени примероци, како што се, на пример, романи што не успеале да влезат ниту во првиот круг на конкурсот за Роман на годината, а се многу продавани. Меѓутоа, во случајот со изданијата на „Или или“ тоа може да биде отстапка. Успеваме сѐ повеќе наши автори да се продаваат во голем број изданија и сме сигурни дека тоа е одраз на нивниот квалитет, а тоа се должи на нашата уредувачка политика, која е фокусирана кон квалитетот. Нашата литература би требало да значи повеќе во регионот. Во поголем дел литературата од регионот е обременета со историски случувања. Кај нас тоа е поиндивидуално и носиме поинаква поетика, па затоа можеме да бидеме интересни за публиката во регионот и штета е што не нѐ преведуваат повеќе – вели Ненад Стевовиќ од издавачката куќа „Или или“.
Експертите сметаат дека маркетингот на голема врата се провлекува и во светот на книжевноста, па за најдобро многу често се смета она што е најрекламирано.
– Книжевниот свет би бил многу поедноставен доколку тиражите на книгите и бројот на преводите на други јазици би бил правопропорционален со нивниот квалитет, со естетската вредност. Во идеални услови – тоа е така, но, во реални, во секојдневните практики и тактики, за жал, односот полесно приклонува кон обратнопропорционалност. Во дебела игра се маркетиншки стратегии, лични контакти и „имање контрола“, кажано во духот на новиве времиња. Кај нас, не гледам отстапки од светските состојби и практики, дури, понекогаш помислувам дека стоиме подобро, зашто некои од нашите најпродавани и најпреведувани автори се и меѓу најдобрите. Тоа е привилегија. Сакам да се држам до привилегиите на нештата, не до аномалиите; зашто верувам дека еднакво се моќни и едното и другото. Колку што аномалиите можат да ги голтнат привилегиите, исто толку и привилегиите можат да ги голтнат аномалиите. Она што многу повеќе ме вознемирува од говорот на „математиката“ на изданијата, е говорот на молкот. Ми се чини дека сите ние што се занимаваме со оваа работа знаеме што е што, ама не секогаш го покажуваме тоа или, уште полошо, не секогаш вистински се заложуваме да биде како што треба да биде. Како што, впрочем, сакаме сите – вели Оливера Ќорвезироска, македонска писателка, поетеса, есеистка и критичарка.
Бајац, пак, смета дека од голема важност се и самите медиуми, кои треба да пропагираат квалитет и книжевна критика.
– Индивидуалната борба може да стане и колективна. Работите мора да се прават поради убедување. Во Србија во моментов не постои книжевна критика и сега се бориме да ја вратиме во медиумите, зашто тоа е основа за филтрирање на квалитетот и неквалитетот. Медиумите имаат голема моќ, меѓутоа и тие знаат да ја пренесат политиката во литературата, не разбирајќи дека тие инструменти не важат во оваа област – заклучува Бајац.