Вториот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ на Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде промовиран вечерва, во музејските простории, во 20 часот. Новиот број е фокусиран на постхуманизмот и вклучува есеи, уметнички проекти и извештаи, кои критички дискутираат и презентираат различни гледишта во врска со темата.
– Изданието е конципирано во три секции поврзани помеѓу себе: „Постхуманистичка телесност“, каде што прилозите се однесуваат на различното поимање на телото во однос на хуманистичката традиција; „Пејзаж на вознемиреност“, прилози што посочуваат на релациите на културата со животната средина, екологијата и климатските промени; „Погледи кон радикалниот хоризонт“, каде што се дискутира како се вклучени постхуманистичките перспективи во самиот чин на политиката и културата – посочи Тихомир Топузовски, главен и одговорен уредник на „Големото стакло“.
Ова издание вклучува ексклузивни прилози на дваесет и двајца автори, меѓу кои се: Стеларк, кој е перформативен уметник и преку користење различни протези и роботика го надградува своето тело; Сузанa Хентрих, која ги презентира своите фотографии на девастиран пејзаж и околината на Фукушима; Крис Салтер, автор што тематизира за проблемот на техносферата; Сол Њуман, професор на колеџот „Голдсмитс“ со дискусија за постанархизмот; Шантал Муф, професорка на „Вестминстер“ со текст за критичките уметнички практики, Аманда Боетскиз, професорка на универзитетот „Гуалф“ со есеј за постхуманистичката планетарност.
Поместени се и прилози на Игор Грубич со претставување визуелен проект за поинаков пристап во третманот на животните; Хегборг и Блумтрит со експериментален проект помеѓу уметноста и биомедицината, Џозефина Бери, предавач на колеџот „Голдсмитс“ со есеј за уметноста и онтолошките контексти како и други автори и содржини.