Една од најмаркантните и најстамените фигури на современата македонска поезија, човек со фасцинантна уметничка ерудиција, кој зад себе остави грандиозно дело, раскошна дарба и талент што од него направија величина што ги надмина границите на нашата земја, истакна претседателот на МАНУ, Таки Фити, на комеморацијата за академик Матеја Матевски што вчера ја организираа Македонската академија на науките и уметностите и Факултетот за драмски уметности.
– Тој беше човек-епоха во македонската поезија. Но не беше само вонсериски поет и интелектуалец, академик и општественик, туку и благороден човек со големо срце, со интелектуална мудрост, промисленост, смиреност и толерантност што фасцинираше – истакна претседателот на МАНУ.
Академик Влада Урошевиќ рече дека Матевски е најпреведен македонски поет – со препеви на повеќе од 20 јазици, а и самиот преведувач од осум јазици меѓу кои, рече Урошевиќ, ингениозни му се препевите од шпанската поезија.
– Тој е поет што направи огромен исчекор во осовременувањето на македонскиот поетски јазик, во изострувањето на неговиот сензибилитет, во откривањето на неговите скриени можности – истакна Урошевиќ.
Професорката од ФДУ, Јелена Лужина, рече дека педагогијата за Матевски не била професија, туку мисија. Како и другите говорници, и Лужина зборуваше за карактерот и личноста на Матевски, нарекувајќи го активист по раѓање и, како што рече, човек од денес веќе изумрената сорта луѓе со крстот на чело, на кои приоритети секогаш им биле јавниот интерес и општото добро.