Рок-групата „Криденс клиервотар ривајвал“ е најпочитуваниот бенд во САД од раниот период на рок-музиката. Оваа група свирејќи рок, кантри, блуз и џез на крајот од 1960-тите години и почетокот на 1970-тите години израсна во една од најавтентичните и највозбудливите музички групи во наведениот период, кога рокенрол-групите цветаа. Тоа се симпатично распеаните Криденси (називот на бендот во превод значи прочистување на изворската вода). Овој бенд ми има извршено најголемо влијание доживотно да ја засакам рок-музиката, уште од периодот кога имав 12-13 години. Инаку, ние повозрасните, или вљубениците во рокот од периодот помеѓу 1963 година, па сѐ до крајот на седумдесеттите ги памтиме по нивниот дводелен метрономски такт што пулсира како срце. Тоа е толку познатиот такт на нивните едноставни песни – немилосрдни музички хитови на рокот од храбриот и бунтовен период.
Факт е дека нивните мелодии со нивниот хипнотички ритам лесно и веднаш влегуваат во уво и се спремни на сѐ, па дури и да ги направат бесмртни нивните автори и изведувачи. А со текот на времето се случи токму тоа. Ајде да одиме со ред. Првиот албум на групата го носи името „Криденс клиервотар ривајвал“. Го паметиме по хитот „Suzy Q“, со кој првпат се прославија во САД. Со вториот албум „Bajoy Country“ (1969 г.) дојде и мегахитот „Proud Mary“, а во истата година бендот издава уште два албума („Green River“, „Willy and the Poor Boys“), а следната 1970 г. го издаде и албумот „Pandulum“. И од овие албуми произлегоа 4-5 големи хитови, кои од нив направија големи светски ѕвезди и се чинеше дека повеќе ништо не може да ги спречи да станат најголема група на рок-музиката. Тоа траеше само до 1972 г., кога Криденси го издадоа нивниот последен албум „Mardi Gras“. Потоа следуваа кавги и расправии помеѓу членовите на бендот, како резултат на кој тие се разделија и престанаа заедно да настапуваат. Оригиналната постава последен пат заедно настапи по повод женидбата на Том Фогерти.
Криденси дефинитивно се рок-група со карактеристичен американски рок и уште покарактеристични рок-песни. Тоа се нивните познати светски хитови „Proud Mary“, „Suzy Q“, „Born on the Bayon“, „Fortunate Son“, „Have You Ever Seen the Rain“, „Almoyst Saturday Night“ и „Up Around The Band“, кои од членовите на Криденси, Џон Камерон Фогерти (пејач, гитара, текстописец, композитор), неговиот брат Том Фогерти (гитара), Даг Клифорд (тапани) и Стју Кук (бас гитара), направија големи музички ѕвезди. Сепак, централна и круцијална личност за Криденси и музиката што ја создадоа и изведуваа е Џон Фогерти. За него слободно може да се каже дека ако некој музичар најмногу влијаел на развојот на рок-звукот тоа е токму тој. Како автор на напред наведените музички нумери тој се потпре на јужњачкиот и свамп-рокот и создаде некои од најголемите песни во историјата на рокот. Токму поради оваа генијалност тој е една од најпочитуваните икони од светот на рок-музиката. Не случајно големиот Брус Спрингстин за него изјавува дека е Хенк Вилијамс (кантри-пејач од САД, извонредно влијателна личност во светот на музиката) на нивната генерација.
А самиот Фогерти за себе вели: „Мојот глас е единствен инструмент“. Сите песни на Криденси со својата едноставност и чистота сјаат на површината на океанот како појас за спасување од матните длабочини. Тие, покрај со блуз и јужњачки рок, обилуваат и со грас, соул и рок и со еден таков спој се моќни музички хитови, благодарејќи на изнијансираноста, минималистичката музичко-текстуална содржина и изненадувачката искреност. Така, на пример, „Proud Mary“ е нивна песна издадена во јануари 1969 г. и се смета за еден од најголемите музички хитови од таа година заедно со „Space Oddity“ на Дејвид Боуви и „Honky Tonk Women“ на Ролингстоунси. Во едно свое интервју Џон Фогерти објаснува дека кога ја создавал оваа песна, на ум ја имал Петтата симфонија од Бетовен. Истата е преработена од големи музички ѕвезди како што се Елвис Присли и Ајк и Тина Тарнер. А што да се каже за вонвременската „Have You Ever Seen the Rain“. Снимена е во 1970 година, има едноставен текст и симпатична тематика. Важи за антивоена порака и порака за успехот и падот на хипи-движењето. Инаку, за неа Фогерти вели дека за него е лична песна, во која тој се занимава со тешкиот период во неговиот живот, а тоа е смртта на неговиот брат Том.
Објаснува дека „дождот во сончевиот ден“ е метафора за комерцијалниот успех на бендот, од една страна, и депресијата и лошите односи во бендот, од друга страна. Од многуте подоцнежни обработки на оваа музичка нумера како најдобри ги издвојувам верзијата на Бони Тејлор од 1983 г. и на Род Стјуард од 2006 г.
Според музичкото списание „Ролинг стоунс“, Џон Фогерти како гитарист се рангира на 40. место, како пејач на 82. место, а како автор помеѓу првите 20. Криденси во 1993 г. се примени во Рокенрол-куќата на славните, а подоцна Џон Фогерти доби своја ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд. Во 1997 г. за албумот „Blue Moon Swamp“, Фогерти доби „греми“ за најдобро музичко издание на годината.
(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)