Според процените на светските епидемиолози, коронавирусот може да инфицира 60 отсто од глобалното население, односно во случај да не може да се контролира, епидемијата на коронавирус може да се прошири на околу две третини од светското население

Министрите за здравство на земјите на Европската Унија утре ќе одржат вонреден состанок во Брисел за да се координираат за кризата со коронавирусот и неговите последици по јавното здравје и економијата, откога вирусот, кој почна да се шири од Кина, однесе над илјада животи низ светот, а бројот на заразени расте и на европскиот континент. Министрите за здравство на Унијата ќе разговараат дали треба да се воведе ограничување врз летовите од и кон Кина, за репатријацијата на европските граѓани и за одговорот на кризните центри.

Македонија, иако не е членка на ЕУ, во принцип, ги усогласува своите активности со тие на Унијата, така што евентуално засилување на мерките за справување со коронавирусот би можело да се очекува и во земјава. Во меѓувреме остануваат во сила веќе воведените превентивни мерки, а надлежните и вчера известија дека ја следат состојбата на тројцата македонски државјани што се заглавени на закотвениот брод во близината на Јокохама, а на кој бројот на заболени секојдневно се зголемува. Македонските државјани, според епидемиолозите од Институтот за јавно здравство, не се меѓу заразените и се во добра состојба.

Инаку, пред да се појави новиот коронавирус што почна да се шири низ Кина, а потоа низ светот, имаше и други епидемии, кои, според статистиките на заболени и починати, биле помалку смртоносни од пандемиите во минатото. Според последните бројки, во Кина починале 1.017 луѓе како резултат на инфекција од коронавирус. За време на епидемијата САРС (тежок акутен респираторен синдром), кој се појави во Јужна Кина, во ноември 2002 година, бројот на починати во светот беше 774 лица, а заразени беа 8.096 лица. Вирусот се прошири на човек од лилјак и зарази луѓе во околу 30 земји. Тогаш стапката на смртност била 9,5 отсто. Со тоа, бројот на смртни случаи како резултат на коронавирусот го надмина бројот на жртвите на САРС.

Сега, има 42.708 заразени лица од коронавирус само во Кина, нешто што, според нашите епидемиолози, има сосема различен однос помеѓу заразените и смртните случаи. Сепак, според нив, успешното сузбивање на ширењето на коронавирусот може да им се припише на меѓународно координираните напори.

Последната смртоносна епидемија на ебола во Западна Африка ги однесе животите на повеќе од 11.300 луѓе, главно во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне, од декември 2013 до 2016 година. Еболата е помалку заразна од другите вирусни заболувања, но со многу висока смртност, односно убива 40 отсто од болните. Вирусот повторно се појави во август 2018 година во Демократска Република Конго, каде што досега животот го загубија повеќе од 2.200 луѓе.

Блискоисточниот респираторен синдром мерс е вирусна респираторна инфекција што првпат беше регистрирана во Саудиска Арабија во 2012 година. Кај речиси 40 отсто од заболените, болеста завршиле со смртен исход. Од него починале 862 лица.
Според процените на светските епидемиолози, коронавирусот може да инфицира 60 отсто од глобалното население, односно во случај да не може да се контролира, епидемијата на коронавирус може да се прошири на околу две третини од светското население.

Водечкиот епидемиолог Габриел Леунг од Хонгконг за „Гардијан“ вели дека шеесет проценти од светската популација е многу голема бројка.
Повеќето експерти сметаат дека секое заразено лице ќе продолжи да го пренесува вирусот на околу 2,5 други луѓе. Токму тоа ја дава „стапката на напад“ од 60 до 80 отсто на светското население.

Дури и ако општата стапка на смртност е мала, како 1 отсто, што Леунг смета дека е можно откако ќе се земат предвид поблаги случаи, бројот на загинати би бил голем.
Инаку, Чжун Наншан, раководителот на специјалната комисија на Државниот комитет за здравство на Кина, смета дека врвот на епидемијата во Кина, предизвикана од новиот коронавирус, се очекува на средината на февруари. 


Како да се заштитиме?

Научниците сѐ уште не знаат со сигурност дали пренесувањето на овој вирус е преку капки од кашлица или можеби преку честички во воздухот.
Велат дека е потребно да се прават дополнителни анализи, нешто што за време на САРС никогаш немале шанси да направат таков вид студии.
Симптомите на заболен од коронавирус се кашлање, висока температура и тешкотии при дишењето. Периодот на инкубација е од 0 до 24 дена. Вирусот може да се пренесе и пред појавувањето на симптомите, но и по закрепнувањето. Засега нема специфична терапија ниту, пак, вакцина.