На ЛОИ 1936 двајцата големи пријатели одбиле да се натпреваруваат меѓу себе за второто место, судиите го одредиле редоследот, но Нишида и Ое не биле среќни и задоволни од оваа одлука. Затоа, кога двајцата пријатели се вратиле во Јапонија, ги однеле своите медали на златар, кој ги исекол двата медала на половина и составил два нови, секој со по една половина од сребрениот и од бронзениот олимписки медал
Едно големо пријателство пресече на половина два олимписки медала за од нив да се состават два нови. Тоа е дел од приказната за Јапонците Шухеи Нишида и Суео Ое од Летните олимписки игри (ЛОИ) во 1936 година во Берлин.
Освојувањето олимписки медал е едно од најважните достигнувања во кариерата на секој спортист, нешто за што се работи напорно со години, пожртвувано и посветено за исполнување на спортскиот сон. Но има олимписки приказни што нѐ потсетуваат дека спортот може да биде многу повеќе од конкуренција, нешто потрајно и повозбудливо од едноставна спортска извонредност.
Летните олимписки игри во 1936 година во Берлин донесоа многу возбудливи натпревари, а еден беше во атлетската дисциплина скок со стап. Во трка за златниот медал беа четворица спортисти, кога Ерл Медоус од САД прескокна 4,35 метри, а уште еден Американец и двајца Јапонци уште беа во игра, но не успеаја да ја прескокнат височината за златниот медал. Следуваа плејоф-скоковите за среброто и за бронзата.
Американецот Бил Сефтон не успеа да ја прескокне пречката, а двајцата јапонски натпреварувачи успеаја, со што обезбедија медали. Нишида и Ое, кои не беа само спортисти од иста репрезентација туку и добри пријатели, одбија да продолжат да се натпреваруваат директно меѓу себе за второто место, тие само сакаа да ги поделат почестите, пишува „Индепендент“.
Нивното барање било одбиено од судиите. Некој мораше да земе сребро, а некој бронза. По долгата дискусија било решено дека Нишида ќе го освои второто место со скокот од 4,25 метри во првиот обид, а Ое ќе го освои третото место со истиот скок, но од вториот обид.
Ниту еден од нив не бил среќен и задоволен од оваа одлука. Затоа, кога двајцата пријатели се вратиле во Јапонија, ги однеле своите медали на златар, кој ги исекол двата медала на половина. Потоа составил два нови, секој со по една половина од сребрениот и од бронзениот олимписки медал, создавајќи полусребрен-полубронзен медал за секого од нив. Медалите станаа познати како „Медали на пријателството“.