Што донесе балканската турнеја на новиот европски комесар за проширување. За Македонија, Србија и за Црна Гора беа изложени и поединечни услови, но за сите нив заедничко е што ќе мораат да ги исполнат правилата, кои се содржани во новата или во старата процедура за пристапување во ЕУ. Пречекот на Вархеи беше различен во земјите, а комуникацијата со него се одвиваше од вообичаена гостопримливост до употреба на протоколарен и студен дипломатски речник
Претходно во Скопје, во четвртокот во Белград, а во петокот во Подгорица, беше маршрутата по која се движеше новиот европски комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеи, на својата прва балканска турнеја. Пораката што тој ја испрати од сите три држави е веќе позната, а тоа е дека основната цел на Европската Унија останува непроменета, односно тоа е проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан. Конкретни датуми не беа соопштени, но затоа беа јасно искажани познатите задачи за земјите што сакаат да се најдат во „одбраното“ европско друштво. За Македонија, Србија и за Црна Гора беа изложени и поединечни услови, но за сите нив заедничко е што ќе мораат да ги исполнат правилата, кои се содржани во новата или во старата процедура за пристапување во ЕУ. Но крајната цел е секоја потенцијална земја-кандидата за членување во ЕУ да овозможи функционална демократија и пазарна економија со воспоставени добри меѓусебни односи.
Eвропскиот комесар за проширување неделава ја презентираше новата методологија, која се однесува, пред сѐ, за Македонија и за Албанија.
– Работиме на три патеки. Првично предлагаме конкретни чекори за тоа како да го засилиме пристапниот процес. Второ, комисијата останува со цврст став за препораките за отворање пристапни преговори со Македонија и со Албанија. Наскоро ќе информираме за напредокот од двете држави. На самиот на ЕУ во Загреб во мај, комисијата ќе истапи со економски и инвестициски план за регионот – изјави Оливер Вархеи.
Домашната македонска јавност беше воздржана во коментарите, а главно тие се однесуваа на истакнување на заложбите за исполнување на условите што се предвидени во новата методологија.
– Веруваме дека овој обновен пристап ќе резултира со двојна победа во наредните недели: отворање на преговорите заедно со усовршен процес. Ние, во регионот, немаме од што да се плашиме од воведувањето на реверзибилноста – рече Никола Димитров, македонскиот министер за надворешни работи.
Оливер Вархеи дојде во Белград, откако во Брисел официјално беше претставена новата методологија од процесот за пристапување на Европската Унија. Српските медиуми посветија поголем простор за „непријатната случка“ на состанокот организиран од премиерката Ана Брнабиќ. „Курир“, повикувајќи се на свои извори, објави дека „состанокот течел нормално додека Дачиќ не се јавил за збор“, при што упатил неколку жестоки критики кон европскиот комесар. Наводно, Дачиќ на европскиот комесар со повишен тон му рекол „дека не знае каде дошол“.
– Апсолутна невистина е дека Оливер Вархеи го напуштил состанокот во Владата, затоа што наводно вербално сум го нападнал. Тој го напушти состанокот затоа што имаше закажан состанок со лидерите на опозицијата – изјави Ивица Дачиќ, за порталот на „Новости“. Тој објасни дека не му се обраќал лично на европскиот комесар и го прашал што ќе преземе ЕУ по повод неколкугодишното кршење на Бриселскиот договор од страна на властите во Приштина. Прашал и до каде е иницијативата за формирање на заедницата на српските општини, која не била формирана, иако на тоа се обврзале Албанците. Исто така, се интересирал и за тоа зошто никој од Брисел не се огласил по повод спорниот Закон за слобода на вероисповед во Црна Гора, со кој, како што рече Дачиќ, ѝ се одзема имотот на СПЦ.
Одговорот на Оливер Вархеи бил дека тој лично ги осудил и донесувањето на косовските царини за српските производи и тоа што се случува во Црна Гора во врска со Законот за вероисповед.
Во овој момент за српската јавност е важен ставот на комесарот на Европската Унија што го изнесе по состанокот со лидерите на Сојузот за Србија, кои се залагаат за бојкотирање на парламентарните избори. Вархеи директно ги повика претставниците на опозицијата во Србија да учествуваат на изборите, бидејќи е потребна соработка на сите актери во спроведување на реформите на европскиот пат.
– Мојата порака до опозицијата е на меѓупартискиот дијалог да се постигне заеднички минимум и да учествуваат на изборите и да бидат дел од новиот парламент – изјави Вархеи.
Од Србија, тој замина за Црна Гора, каде што се сретна со претседателот на државата Мило Ѓукановиќ и со премиерот Душан Марковиќ. Европскиот комесар јавно порача дека Законот за слобода на вероисповед е важно прашање и затоа ги повика сите страни на дијалог да најдат заедничко решение. Тој ја повика опозицијата да работи на смирување на тензиите и најави дека ќе се сретне и со митрополитот црногорско-приморски Амфилохије.
– Втората порака до Црна Гора е дека таа може да биде успешна ако сите работат во таа насока, вклучувајќи ја и опозицијата. Таа треба да учествува на изборите. Реформите треба да се забрзаат – рече Оливер Вархеи.
Црногорскиот премиер Душан Марковиќ, пред европскиот гостин, се заложи дека „ЕУ-интеграциите немаат алтернатива“.
Еврокомесарот на крајот од посетата на Црна Гора ја искажа својата лична желба во неговиот мандат барем една земја од Западен Балкан да влезе во Европската Унија.