По веста дека сме биле кај депонијата, Сашо Јанакиевски, ни се закани со тужби за клевета и навреда

„Нова Македонија“ уште пред седум години новинарски го истражи и публикува сторија за непрописно горење медицински отпад. Битолската фирма „Екоклуб“, која деновиве се најде на удар на надлежните служби поради непрописниот третман на медицинскиот отпад, кој бил доставуван за уништување во скопската депонија „Дрисла“, претходно, до 2013 година, сама го уништуваше отпадот во импровизирана печка во еден од хангарите на аеродромот во битолското Логоварди

Непрописниот третман на медицинскиот отпад, кој бил доставуван за уништувањето во скопската депонија „Дрисла“ од страна на битолската фирма „Екоклуб“, иако за најголемиот дел од македонската јавност и за надлежните државни институции претставува шок, за битолчани не е. „Нова Македонија“ уште пред седум години, поточно на 19 јули 2013 година, пишуваше за труењето на битолчани, а особено на жителите од битолското село Логоварди од страна на фирмата „Екоклуб“.

Иако по објавувањето на текстот за труењето на битолчани сопственикот на фирмата Сашо Јанакиевски демантираше дека наводите во текстот објавен под насловот „Во Логоварди ноќе ниту се спие ниту се дише“ и се обиде со притисоци да го спречи пишувањето на нашиот дописник од Битола, Менде Младеновски, сепак, под притисок на битолската јавност, импровизираната печка во еден од хангарите на аеродромот во Логоварди беше затворена. На тој начин жителите од Логоварди се спасија од загадувањето што го вршеше „Екоклуб“, така што во импровизираната печка го уништуваше не само медицинскиот отпад од Клиничката болница во Битола туку и од другите градови низ земјава. Тогаш фирмата го носеше отпадот главно ноќе и го уништуваше во доцните ноќни часови, кога битолчани главно спиеја. Но поради смрдеата што ја предизвикуваше горењето на отпадот, жителите на Логоварди не можеа ниту да спијат ниту да дишат.

Ќе потсетиме што напиша тогаш, меѓу другото, „Нова Македонија“:
„…Загаденоста на воздухот во Битола деновиве е главна тема во градот под Пелистер. Податоците дека концентрацијата на суспендирани честици во Битола е дури 20 пати поголема од дозволеното и достигнува вредност од 1.000 микрограми на кубен метар, наспроти дозволената гранична вредност од 50 микрограми, ја крена на нозе битолската јавност. И наместо градските советници со своите политички загадени говори и реплики да ја’избистрат‘ темата, уште повеќе ги загадија случајот и атмосферата во градот, а неупатените битолчани како на квиз погодуваат од каде доаѓа загадувањето во градот, дали од РЕК ’Битола‘ или од асфалтната база на ’Гранит‘. Од битолското село Логоварди до нашата редакција пристигна алармантно известување дека во тоа битолското село, кое се наоѓа само на неколку километри од Битола, се случува вистински хорор. Откако во близината на спортскиот аеродром во Логоварди е поставена импровизирана печка за уништување медицински отпад, локалните жители буквално се трујат од непријатна миризба, а со оглед на близината, таквиот загаден воздух се шири и до Битола, па според нив оттаму доаѓа загадувањето на градот…“

„Нова Македонија“ тогаш ги пренесе и реакциите на граѓаните.
– Имаме чувство како да живееме во некој концентрационен логор, каде што се палат човечки тела – изјавуваа жителите на Логоварди, кои поради притисоците и заканите што ги трпеле да не креваат глас против оваа депонија, не сакаа јавно да зборуваат.
За загадувањето зборуваа и некои од тогашните вработени, но и претходно избрканите од работа.

– Во тие вечерни часови Логоварди и околината како да се една голема скараџилница во која се прави скара од расипано месо – објаснуваа тие.
По веста дека сме биле кај депонијата, за кратко време од Србија ни се јави сопственикот на фирмата „Екоклуб“, Сашо Јанакиевски, инаку почесен конзул на Унгарија во земјава. Тој откако нѐ праша што сме барале кај депонијата, ни се закани со тужби за клевета и навреда.

Но иако тогаш моќниот сопственик на „Екоклуб“ Сашо Јанакиевски на секој начин се обидуваше да го спречи пишувањето за уништувањето на медицинскиот отпад, сепак, токму пишувањето на „Нова Македонија“ го принуди да ја изгасне печката и да престане со незаконското уништување на медицински отпад на спортскиот аеродром во Логоварди. 


ОЈО води предистражна постапка за „Еко клуб“

Основното јавно обвинителство – Скопје, по пријавата од градот Скопје, издало наредба за проверка на наводите за третманот на медицинскиот отпад што компанијата „Еко клуб“ го доставувала на уништување во „Дрисла“.
Надлежниот јавен обвинител веднаш, истиот ден по приемот на кривичната пријава, издал наредба до СВР-Скопје да се направат неопходни проверки со кои ќе се обезбедат докази за утврдување на фактите и за проверка на наводите во пријавата. По издадената наредба, како што наведуваат оттаму, сè уште се постапува. Со оглед на тоа што предметот се наоѓа во предистражна постапка, ОЈО-Скопје во моментов не споделува повеќе детали. Инаку, фирмата „Еко клуб“ лани во печката на депонијата „Дрисла“ уништила 4,7 тони медицински отпад, а само во јануари годинава во „Дрисла“ биле донесени 1,7 тон ваков вид отпад. Директорот на депонијата „Дрисла“, Коста Начевски, изјави дека на четврти февруари, само неколку часа откако градоначалникот Петре Шилегов на прес-конференција кажа дека „Еко клуб“ несоодветно го третирала отпадот, од оваа фирма на депонијата пристигнале три камиони. „Еко клуб“ го транспортира медицинскиот отпад од болниците во Битола и во Прилеп.