Повеќето соговорници оценуваат дека новата методологија воопшто не претставува нов и револуционерен пристап во процесот за проширување на ЕУ. Напротив, стравувањата се дека таа, меѓу другото, може да послужи и како алатка за нови препирки и уцени кон земјите од регионот, каде што сѐ уште има многу нерешени прашања
Обелоденувањето на новата методологија за проширување на ЕУ предизвика различни коментари во политичката и во стручната јавност. Што е она по што новата методологија се разликува од претходната, дали со неа ќе се забрза или ќе се забави патот кон ЕУ, какви предизвици и ризици носи таа, се само некои од прашањата на кои побаравме мислење од аналитичари и долгогодишни познавачи на европските политики.
Во сублимиран заклучок, соговорниците со кои се консултиравме оценуваат дека новата методологија не е воопшто нова, туку таа по многу нешта личи на старата и не претставува нов и револуционерен пристап во процесот за проширување на ЕУ.
Сашо Клековски од Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) вели дека за новата методологија за проширување на ЕУ може да се каже дека, всушност, тоа е само препакувана стандардна методологија, која досега важеше за Унијата, а новините се единствено израз на задоволување на француските барања.
– Она што претходно беше составено на триесетина поглавја, сега се наоѓа во 6 кластери или подрачја, кои според новиот план ќе можат да се отвораат и затвораат и државите да се вратат на почеток од некој процес. Велам дека тоа не се суштински промени бидејќи и претходно важеше слична состојба во која без враќање наназад, ако една земја не напредуваше на патот кон ЕУ таа немаше да се приклучи кон Унијата. Таков случај може да се препознае со Турција, каде што оваа држава едноставно нема прекинати и вратени преговори со ЕУ, но таа истовремено и не напредува суштински во процесот за приклучување – вели Клековски.
Тој објаснува дека, сепак, една од битните разлики што се добиени со задоволувањето на француските барања се привремените рамки за пристапување, кои во минатото ги немаше.
– Имено, сега според новата методологија ќе постои поголем политички притисок врз политичкиот естаблишмент во Македонија за да исполни одредено очекување за членство во Унијата. Ако тука, на пример, се употреби процесот со носењето, на пример, на законот за Јавно обвинителство, македонските политичари ќе имаат и точен рок до кога ќе мораат да ја спроведат оваа работа, а не да се развлекува како сега – вели Клековски.
Тој во новата методологија препознава и можност државите во ЕУ посилно да влијаат врз процесот за зачленување на кандидатите.
– Во таква една состојба би можело да се очекува Грција и Бугарија да имаат засилена улога во нашиот пристап кон ЕУ, доколку одредени аспекти од договорите за добрососедство со овие држави, на пример, не би биле испочитувани од нашата земја – вели тој.
Клековски истакнува дека наредниот период челниците на ЕУ, најверојатно, ќе ги презентираат и попрецизно деталите за системскиот пристап на државите-кандидатки, кој по многу работи би личел на методот со морковот и стапот, односно што детално ќе добие една земја ако ги испочитува барањата и што доколку не.
Клековски оценува и дека новата методологија од оваа перспектива има и геостратегиско значење со кое на индиректен начин се спречува во регионот да дејствуваат и други економски политички суперсили, кои не се дел од Европа.
Иван Стефановски, извршниот директор на „Евротинк“, вели дека новата методологија за приближување на државите кон Европската Унија е ремикс на една иста песна веќе чуена претходно.
Според Стефановски, новиот механизам нуди поголема флексибилност на процесот за приближување на државите кон Унијата, но генерално во негативен контекст.
Тоа, според Стефановски, најмногу може да се препознае во најавеното поголемо финансирање на ЕУ на кандидатите за членство, иако во практиката ваквото финансирање скоро е невозможно да се реализира по замислената динамика.
Соговорникот истакнува дека кога би се раслојувало, на пример, детаљ по детаљ сѐ што содржи новата методологија по кластерите ќе може да се извлече заклучок дека скоро со сигурност владите на земјите-кандидати во иднина ќе бидат ставани континуирано на тест.
– Овој тест би бил изложен врз владите во реално време и во смисла какви се нивните перформанси во однос на реално ефектираните политики побарани од Европската Унија во реалниот живот на граѓаните за секојдневни политики – вели Стефановски.
Познавачот на европските политики вели дека интересен момент во оваа приказна е што граѓаните на нашата држава, но и на преостанатите земји-кандидатки ќе бидат во состојба точно и конкретно да следат до каде е и дали нивната земја напредува во процесот кон зачленување и во спротивно лесно ќе се информираат зошто државата е закочена по одредени прашања.
Во свој осврт на актуелните случувања, од Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје информираат дека со предлогот за новата методологија суштествено се задоволува францускиот предлог за овој процес, иако се труди да го амортизира неговото негативно влијание.
– Декларативно се посилни формулациите за перспективата за членство, ставен е акцент на кредибилитетот и омекнати се формулациите за повратноста на процесот. Предлогот делумно ја отстранува контрадикторноста со процесот на стабилизација и асоцијација од францускиот нонпејпер и се приближуваат двата процеса – пристапување и стабилизација и асоцијација – истакнуваат од ЕПИ.
Оттаму подвлекуваат дека, сепак, во основа се почитува предлогот на Франција за преговори во кластери, но видоизменети, со зачувување поглавјата и преку нивно групирање.
– Ова потенцијално може да значи намалување на вето-точките за државите-членки, но едногласноста останува. Процесот се усложнува и политички и технички. Сериозно се зајакнува условеноста. Во преговорите се воведуваат економските критериуми, како и јавната администрација. Се става фокус на исполнување одредници за отворање на кластерите – исполнување приоритети пред отворање на преговорите за група поглавја. Ниедно поглавје привремено не се затвора пред да се исполнат преодните одредници за владеење на правото – велат од институтот.
Од ЕПИ напоменуваат дека проблематично останува прашањето за поставување и мерење на исполнетоста на условите – одредниците, особено со внесувањето на економските критериуми и јавната администрација во преговорите.
– За придобивките што би требало да ги почувствуваат граѓаните нема ништо конкретно. Се говори за „забрзана интеграција“ и потенцијални придобивки, кои ќе бидат утврдени во телата на ЕУ или за „постепена интеграција“ во воведувањето во политиките, пазарите и програмите, и зголемени средства од ИПА и соработка со МФИ. Од друга страна, нема најави за поголемо зголемување на буџетот на претпристапната помош, ниту за примени во нејзината структура – истакнуваат од институтот.
Според ЕПИ, предлог на комисијата ја продлабочува разликата меѓу државите во регионот, бидејќи категорично се вели дека преговарачките рамки за државите што веќе преговараат нема да се менуваат, но тие самите може да се согласат за практична имплементација на предложените промени, како што е групирањето во кластери или можностите за забрзана интеграција.
Козметички промени
Душан Релјиќ, од Германскиот институт за меѓународни односи и безбедност, во интервју за „Дојче веле“ ги критикува козметичките промени во новата методологија за проширување на ЕУ и вели дека со плати од 300 евра не се градат владеење на правото и на демократијата.
Според него, новините во новата методологија се главно од козметичка природа.
– Сега предложените, уште посложени формулации одошто во претходните документи, треба, очигледно, од една страна да ги задоволат француските барања да се измени начинот на кој ЕУ преговара со кандидатите за членство. Од друга страна, треба да овозможат продолжение на постојната повеќедецениска практика – вели тој.
Релјиќ додава дека со новата методологија приемот на новите членки, во согласност со европските повелби, е во надлежност на земјите-членки, Европската комисија само ја спроведува нивната волја.
– Периодот пред пристапувањето кон ЕУ е моментот кога земјите-членки можат најмногу да бараат од земјите-кандидати. Тоа е најповолниот момент за соседите надвор од ЕУ да се принудат на отстапки. Најдобри примери се промената на името на државата во сегашната Северна Македонија или барањата Србија да ја признае сецесијата на Косово. Ќе бидеме сведоци на уште многу препирки на подрачјето на поранешна Југославија бидејќи останаа уште многу нерешени прашања, гранични и други – вели тој.
Експертот по меѓународни односи верува дека, сепак, новата методологија отвора можност кандидатите да ги затвораат поглавјата за една година.
– Доколку постои политичка волја, сѐ е можно. Сетете се на забрзувањето на пристапувањето на Хрватска во 2013 година, кое почиваше на политичките интереси и на поддршката од голем дел на Унијата – резимира тој.