Според најавите, новата методологија треба да биде објавена токму денеска од страна на Европската комисија (ЕК). Францускиот амбасадор Кристиан Тимоние вели дека новата методологија треба да обезбеди средства што ќе овозможат забрзување на економското и општественото приближување на засегнатите земји кон другите европски земји, односно видливост и конкретни ефекти што ќе може да ги почувствуваат граѓаните
ФРАНЦУСКИОТ АМБАСАДОР ТИМОНИЕ ЗА „НОВА МАКЕДОНИЈА“ ОТКРИВА ШТО СОДРЖИ НОВАТА МЕТОДОЛОГИЈА ЗА ПРОШИРУВАЊЕ
Македонија со нетрпение ја очекува новата методологија на ЕУ со која во иднина ќе се прецизира нашето приближување кон Унијата. Според најавите, новата методологија треба да биде објавена токму денеска од страна на Европската комисија (ЕК). Процедурата предвидува дека по утврдувањето на новата методологија од ЕК, таа неделава ќе биде испратена на консултации во телата на Европската Унија, во кои главниот збор го имаат државите-членки. Паралелно со процесот за одобрување на новата методологија, Европската комисија до крајот на овој месец би требало да излезе и со мини-извештаи за реформскиот напредок на земјите-кандидати, кои се надеваат на почеток на процесот за пристапување кон ЕУ.
За потсетување, новата европска методологија произлезе како резултат на францускиот нонпејпер, кој Париз го достави до земјите-членки на ЕУ лани во ноември, барајќи „обновен пристап“ во процесот за проширување кон земјите од Западен Балкан.
На францускиот документ, на шест страници, беа напишани барањата новиот процес за пристапување, кој ќе се одвива постапно за приклучување во Унијата и тоа во седум чекори. Првата фаза е владеење на правото и основните права, втората е образование и истражување, третата е труд и социјални прашања, четвртата е финансиски работи, петтата е единствен пазар, земјоделство и риболов, шестата е надворешни работи и седмата се други области зависни за секоја земја посебно. Нонпејперот предвидуваше и дополнителна финансиска помош во претпристапниот период за Западен Балкан, а тоа значи пристап до структурните фондови, кои сега се резервирани само за земјите-членки на ЕУ.
За тоа што содржи новата методологија и во која насока би се движел идниот европски пристап по прашањето на проширување на ЕУ, но и што би значел тој за граѓаните на Македонија, „Нова Македонија“ побара подетални одговори од францускиот амбасадор во Македонија Кристиан Тимоние.
Во однос на дилемите во што ќе се разликува новата методологија од претходниот процес за зачленување и како сето тоа ќе се одрази во иднина врз државата и граѓаните, францускиот амбасадор Кристиан Тимоние вели дека ако ги земеме предвид состојбите од минатото, очекува новиот пристап да биде подинамичен и помалку бирократски во споредба со едноставното отворање поглавја, кои знаат понекогаш да заглават и истиот тој да биде заснован врз постепено учество во европските институции.
– Исто така, новата методологија треба да обезбеди средства што ќе овозможат забрзување на економското и општественото приближување на засегнатите земји кон другите европски земји, односно видливост и конкретни ефекти што граѓаните ќе може да ги почувствуваат. Се надеваме дека преку реверзибилноста на процесот, ќе бидат земени предвид, доколку е потребно, и неуспесите што, пак, ќе го мотивира граѓанското општество поуспешно да влијае врз одлуките на властите. Се работи за промена на пристапот, кој, според нашето мислење, би одговарал на реалната практична волја да се интегрираат нови земји-членки, заменувајќи ја едноставната логика на давање позитивен сигнал со вистински процес за пристапување, комбинирајќи ги притоа посветеноста и реалноста – вели амбасадорот Тимоние за „Нова Македонија“.
Од друга страна, за тоа какви се нашите очекувања за евроатлантски перспективи, од Владата велат дека ставот е јасен и потсетуваат дека досега тој редовно јавно е деклариран повеќепати од страна на премиерот на државата Оливер Спасовски.
Од Владата информираат дека, како што посочил досега премиерот, датумот што го очекуваме за почеток на преговорите има врска и со оваа држава и со иднината на граѓаните на оваа земја, кои сите овие 29 години од независноста па досега дадоа многу жртви преку реформите, преку транзицијата за да ги остварат своите национални интереси, а ние сега како генерација треба да бидеме среќни поради тоа што го живееме тој сон во кој се фундираше македонската државност.
Од Владата појаснуваат дека токму затоа одлуката што беше донесена од Европскиот совет во октомври е одлука што не треба да нѐ разочарува, туку треба да биде мотив уште повеќе да ги исполниме овие приоритети и да дадеме уште повеќе позитивни аргументи на секоја земја-членка на ЕУ што ја носи одлуката за проширување.