Од АСНОМ 1944 година, државен јазик во Македонија е македонскиот јазик. Тоа е јазикот што треба да биде кохезивен елемент во општеството. Во досегашните дебати за Законот за употреба на јазиците, најмногу се зборува за службен јазик, а некако се пренебрегнува државниот јазик. Постојат различни видови службеност на јазикот, но секоја службеност не треба да го загрозува државниот јазик – вели професорката по уставно право Гордана Силјановска-Давкова
Во целата политичка ситуација во земјава, која се разви откако започна процедурата на донесување на Законот за употреба на јазиците (ЗУЈ), која влегува во кулминација и „јазол од правни толкувања“, колку и да сметаме дека имаме уникатна состојба предизвикана од ЗУЈ, сепак ние не сме единствената земја во Европа со вакво искуство за закони за употреба на јазиците на малцинските заедници. Откако беше вторпат изгласан законот во Собранието, но сепак без потпишан указ од страна на претседателот на државата, Владата презема обврска дека ќе го испрати на разгледување пред Венецијанската комисија (Европска комисија за демократија низ правото). Сепак, изгласаниот ЗУЈ во македонскиот парламент не е првиот закон со таква проблематика што го разгледувала Венецијанската комисија. Уште во 2010 година Венецијанската комисија работела и подготвила мислење за предлог-закон испратен од претседателот на украинскиот парламент, кој се однесувал на јазиците во Украина.
Украина како и Македонија е мултиетничко општество, а Украинците во Украина, како и Македонците во Македонија го сочинуваат мнозинството на населението во Украина, односно во Македонија. Во таа смисла, и според украинскиот Устав – украинскиот јазик, односно според македонскиот Устав – македонскиот јазик, е државен јазик.
Во заклучоците на Венецијанската комисија, кои Врховната Рада (парламентот) на Украина ги добила една година подоцна се вели дека предлогот на законот ги задржува главните принципи на зајакнувањето на статусот на украинскиот јазик како државен јазик и дека тоа е главна алатка на кохезија и интеграција во самото општество кое е корен на украинскиот Устав.
– Искуството на Украина со одлуките на Венецијанската комисија е илустративно, но не е единствено во поглед на закони што ја регулираат употребата на јазиците во мултиетнички општества. Слични случаи има во Словачка, Летонија, Естонија. И во сите случаи, во мислењата на Венецијанската комисија се истакнува дека легитимна цел е да се штити државниот јазик, кој е кохезивен инструмент во општеството на една држава – вели професорката на Правниот факултет при УКИМ и поранешен претставник на Македонија во Венецијанската комисија Гордана Силјановска-Давкова.
Правејќи паралела на законските искуства со употреба на јазиците во други мултиетнички општества, со сличната ситуацијата која го обележува политичкиот амбиент во Македонија последниве осум-девет месеци, професорката Силјановска-Давкова смета дека кај нас „некој се повикува на стекнати права, а го негира државниот јазик“.
– Од АСНОМ 1944 година, државен јазик во Македонија е македонскиот јазик. Тоа е јазикот што треба да биде кохезивен елемент во општеството. Во досегашните дебати за Законот за употреба на јазиците, најмногу се зборува за службен јазик, а некако се пренебрегнува државниот јазик. Постојат различни видови службеност на јазикот, но секоја службеност не треба да го загрозува државниот јазик. Во тој контекст, би го истакнала примерот со Естонија, каде што има големо руско малцинство, но дозволено е рускиот да биде службен јазик на локално ниво на Естонија, каде што руското население е 50 отсто. Во Естонија, рускиот јазик се смета за регионален и малцински јазик. Таква би требала да биде паралелата во третманот на албанскиот јазик и во Македонија – објаснува Силјановска-Давкова.
Потребата за носење на Законот за употреба на јазиците, честопати од албанскиот политички блок во Македонија, е истакнувана како последен чекор во заокружувањето на Охридскиот рамковен договор. Но професорката Силјановска-Давкова вели дека таква обврска за носење закон за јазици не е децидно наведена во рамковниот договор.
– Во анексот Б на Охридскиот рамковен договор се наведени законите што треба да произлезат од него за усогласување со Уставот. И во тој анекс, меѓу првите е наведен Законот за локална самоуправа, но нема закон за јазици. Понатаму во текстот се наведува дека треба да се донесат закони што се однесуваат на употребата на јазиците, но тоа не значи дека е потребен исклучив Закон за јазици со кој би се заокружил рамковниот договор – вели професорката Силјановска-Давкова.