Била жена што успеала да слика во време кога тоа им било забрането на жените. Покрај тоа, била и калуѓерка што родителите на 14 години ја испратиле во манастир за да не подготвуваат мираз. Нејзиното заборавено ремек-дело „Тајната вечера“ дури сега повторно се открива пред јавноста. Кон крајот на минатата година во Фиренца е откриена реставрираната слика „Тајната вечера“ од времето на ренесансата. На прв поглед, уште едно ремек-дело во градот каде што од секој агол капат уметнички бисери. Но ако го погледнете потписот, ќе забележите нешто необично. Автор на сликата е жена, Плаутила Нели (1524-1588), современичка на Микеланџело, Тицијан и Тинторето. Родена е во Фиренца, градот во кој дури неодамна е откриено нејзиното најдобро и засега единствено потпишано дело. Имено, за време на животот била истакната сликарка, но во меѓувреме историјата ја заборавила. Сега научниците грижливо работат да ѝ го вратат заслужениот углед.
Американка Џејн Фортјун, писателка и филантропка, за време на посетата на Италија, пред 15 години, на пазар случајно налетала на книга од 1998 г. во која се објавени дела на научници од една конференција посветена на Плаутила Нели. За сликарката јавноста од нашето време првпат слушнала во 1990-тите години, кога професорот Џонатан Нелсон од универзитетот „Сиракјуз“ наишол на едно побожно дело за Плаутила, кое го напишала друга калуѓерка. Во книгата било споменато делото на сликарката „Оплакување на Христос“ во музејот „Сан Марко“ во Фиренца. Отишла да го види, а чуварот на музејот ѝ рекол дека никој дотогаш не го побарал. Била одушевена. Тогаш, во 2009 г., ја основала организацијата „Предност на жените уметници“, за да ги пронајде делата на Нели и на други жени што историјата на уметноста ги избришала. Проценила дека по подрумите, таваните и разни депоа на музеите и црквите во Фиренца се наоѓаат околу 1.500 цртежи, слики и скулптури на женски автори.
Така е откриена „Тајната вечера“, насликана во 60-тите години на 16 век. Ремек-делото на Плаутила е платно долго седум и високо два метра. По четири години реставрација, сега е изложено во музејот „Санта Марија Новела“ во Фиренца.
Нели ја одбрала сцената во која се разоткрива предавството на Јуда, веројатно имитирајќи ја динамиката на Леонардо меѓу ликовите на неговата славна обработка на истата тема од манастирот „Санта Марија деле Грација“ од 1495-1498 г. во Милано.
– Но нејзината верзија е многу поовоземна и подетална од другите „тајни вечери“. Јагнешкото и салатата се служат во најфин кинески порцелан, а на масата се видливи испеглани набори – вели Линда Фалконе, директорка на музејот.
Првиот историчар на уметност Џорџо Вазари рекол дека Плаутила би направила прекрасни работи само да студирала ликовна уметност, како што тоа го правеле мажите. Нели немала пристап до моделите во разни мајсторски работилници, но и покрај тоа успеала да ги нацрта апостолите во природна величина, со извонредна смисла за анатомските детали, како што се мускулите на рацете, вените на надлактиците, заноктиците на прстите или брчките на челото. Во свое време била многу успешна, една од само четири жени што ги споменува Вазари. Додека била жива, нејзините дела исклучително ги ценеле и ги барале богатите фирентинци. Исто така, начинот на кој ги потпишувала сликите, по своето име додавала „Молете се за сликарката“ (Орате про пиктора), бил важен чин на самодекларирање, бидејќи го потврдувала својот статус на уметник.
Пулисена во 1538 г. била одведена во доминиканскиот манастир „Св. Катарина“ и станала сестра Плаутила. Тоа ќе ѝ ја отвори вратата за кариерата дотогаш нечуена за една жена во Фиренца во 16 век. Почнала да води школа во манастирот и на сликата „Тајната вечера“ ѝ помагале осум калуѓерки. Оваа слика била нарачана за ѕидот на трпезаријата во нејзиниот манастир.
Плаутила умрела во манастирот во 1588 г., а „Тајната вечера“ останала таму до 19 век, кога манастирот е затворен. Се појавила во 1817 г., на ѕидот на друга доминиканска градба, манастирот „Санта Марија Новела“. Помалку од еден век подоцна, тргната е во магацин.
Завиткана и заборавена, запуштена речиси три децении, сѐ до 1930-тите години кога е пронајдена, но од поплавата во 1966-та е многу оштетена.
– Историјата на уметноста не им припаѓа само на мажите. Наша должност е да ги паметиме и женските протагонисти, меѓу кои Плаутила Нели е една од најважните – рекол градоначалникот на Фиренца, Дарио Нардела, за време на откривањето на сликата.
Тогаш ѝ е оддадена почест на Џејн Фортјун, која не доживеала да го види моментот за кој толку се борела и залагала. Починала од рак во септември во 2018 година.
Значајни уметници на ренесансата
Софонизба Ангвисола (1532-1625)
Родена во Кремона, почнала да слика по наговор од татко си. Го запознала Микеланџело во Рим и тој ѝ станал учител. Единствена ренесансна уметница што добила формално ликовно образование. Експериментирала со новите форми на портретното сликарство.
Лавинија Фонтана (1552-1614)
Портретна сликарка во Ватикан. Мајка на 11 деца, била прва жена што себеси и семејството го издржувала од уметноста, додека мажот ги чувал на децата и го водел домаќинството.
Маријета Робусти (1560-1590)
Ќерка на Тинторето, работела како чирачка во неговата работилница, кога сфатил колку е талентирана. Иако починала млада, била угледна портретистка чии дела ги ценеле и благородниците.
Проперција де Роси (око 1490-1530)
Вајарка што учела кај Маркантони Рајмонди во Болоња. Не била од уметничко семејство, но успеала да се запише на универзитет. Била позната и по музичкиот талент, интелект и убавина.
Левина Терлинк (1510-1576)
Фламанска минијатуристка што работела на кралскиот двор. Татко ѝ Симон Бенинг бил угледен илустратор на книги и сликар минијатурист и веројатно ја подучувал ќерка си. Левина на дворот на Тјудор имала поголем хонорар од многу попознатиот колега Ханс Холбајн.
Катарина ван Хемесен (1528. – после 1565)
Позната по изработка на женски портрети со мали димензии, Катарина се смета за прв уметник (од двата пола) што сликал автопортрети на штафелај. И неа ја подучувал татко ѝ, Јан Сандерс ван Хемесен.