Како тогаш писателите, во случајов Туфан и Станишиќ, успеваат да се изборат за книжевната автономија на своите текстови наспроти несомненото влијание на филмот?
Треба да се нагласи – на различен начин. Зашто Туфан го користи воспоставениот жанр расказ да ги развие своите маалски приказни во кои галеријата „јунаци“ се главни ликови, додека кај Станишиќ, кој накратко, во десетина реченици, скицира портрети од предградието Ге-Ге, сведеноста на прозниот ефект е токму во филмската прецизност да го фати суштинското кај „малите“ луѓе, да ги кадрира и да ги ослушкува.
Го прашав Туфан што му било приоритетно додека ја создавал книгата. Атмосферата, ми одговори, мошне темна, на маалото во кое таксистите влегуваат неволно, а е честа цел на полицијата. Како читател, ја препознавав таа атмосфера на демнечки опасности во густо населеното маало, што ја поттикнува драматичноста на приказните во „Не ме давај ним“, во кои се случуваат насилства, тепачки, тешки разделби, дури и убиства. Но приказни низ кои исто така провејуваат и нежност, сомилост, жртвување. Знам дека Туфан е голем љубител на јужноамериканските раскажувачи, што се навестува и во описите на судбините на неговите отпадници од „пристојниот“ свет кај кои, и покрај сета безнадежност, се чувствува човечната нијанса.
Релативно понова населба, во Гола Гузица на Станишиќ живее разнолико население. Ромското маало важи за најживописен дел од населбата, има доселени бегалски семејства од Косово, а со почетокот на транзицијата, во новоизградените згради, панелни шестокатници, се населија претежно млади луѓе од Скопје, кои не можеле да си дозволат стан на подобро место. Подоцна, во новиот милениум, во населбата почнале да доаѓаат и побогати фамилии што си изградија куќи далеку од градскиот метеж. Ге-Ге има и индустриска зона со неколку фабрики од кои некои не работат, близу населбата се наоѓа психијатриската болница „Бардовци“, а тука е и железничката станица, која изгледа постапокалиптично. Вистински амбиент за галеријата откачени портрети кај Станишиќ, кои, на некој начин, се вообичаени за местото каде што постојат. Во муабетите со авторот, тој умее лесно да долови некој жив лик од Гола Гузица. На пример, како кроки: „Миле, со уметнички прекар Леонардо, еден од првите академски сликари во Ге-Ге. Црвенокосо човече со јарешка брада. Љубител на Пикасо, електронска музика, чварки и ракија“, или, како краток расказ: „Позната е легендата за Јоцо-таксистот, кој личи на Јонче Христовски. Јоце беше ситно, проќелаво човече со мустаќи ала Гоце Делчев. Работеше како хемиски инженер во ОХИС. Но деведесеттите за него беа тешки години. ОХИС отиде под стечај, жена му почина од рак, а двата сина во потрага по подобар живот отидоа во Америка на летна работа и не се вратија. Јоцо остана сам и без пари. Почна да вози такси во ’Теникс‘. Оттогаш потекнува и неговата омраза кон комуњарите, кои ја продадоа државата и се предавници на народот.
По некое време, Јоцо мистериозно исчезна. Почнаа да кружат секакви приказни. Некој вика дека куќата му е проколната. Други дека соросоидите го киднапирале. Трети дека наводно го виделе како со неговата шкода фелиција по мрачните улици на населбата ги бара предавниците. Четврти дека се храни од уличните мачки и кучиња. Како и да е, ништо од ава не е потврдено. Можно е и Јоцо да е некаде по светот со неговата мисија за спас на Македонија.“.
За писателот, и самиот жител во населбата Ге-Ге, животите на неговите комшии се одвиваат пред неговите очи, со што го инспирираат за кратките прози, на границата меѓу документарното и фиктивното.
(продолжува)