Загадувањето предизвикано од вооружените сили драматично се зголемува при војни

ЕУ усвои зелен договор за трансформација на Европа во зелен континент,
но ги изостави најголемите загадувачи, воената индустрија и вооружените сили

Секој нов извештај на Стокхолмскиот меѓународен институт за мир, СИПРИ, покажува дека производството и купопродажбата на оружје се зголемува од година на година, при што најголеми производители се компании од САД, Кина, Русија и од Европа.
Воената индустрија е индустрија што многу загадува, но истовремено претставува значаен и незаменлив дел од БДП на најмоќните земји на ЕУ. Тоа е така поради јакнењето на одбранбените сили на ЕУ предизвикано од барањата од НАТО, како и поради новите заеднички европски одбранбени проекти. ЕУ, предводена од Германија и Франција, има огромен воено-индустриски комплекс, со стотици индустриски гиганти и илјадници подизведувачи. Може само да се замисли колку е неговото вкупно загадување. Но тој не може да функционира без производство на висококвалитетни челици, специјални легури и композитни материјали, чие производство исто така е еден од најголемите загадувачи на животната средина.

Во таков контекст, објавувањето на грандиозните планови на Европската комисија, според кои ЕУ би требало да се претвори во зелена оаза и климатски неутрален континент изгледаат гротескно. Европскиот парламент го потврди т.н. Зелен договор, усвоен од Европската комисија, и повика на уште поамбициозни цели, па намалувањето на емисиите до 2030 година треба да биде 55 отсто во однос на 1990 година. Крајна цел е целосна климатска неутралност до 2050 година. Европратениците порачаа оти земјоделството, трговијата и другите сектори отсега ќе мора да дејствуваат во согласност со зелениот план. Притоа воопшто не се спомнати најголемите загадувачи на животната средина на европскиот континент – воената индустрија и европските и американските воени сили распоредени на европскиот континент. Ако тука се додадат и воено-индустриските објекти на Русија, загадувањето навистина е застрашувачко.

Неколку примери јасно покажуваат колку изгледа смешно и бесмислено натегањето околу емисиите од патничките автомобили. Американскиот стратегиски бомбардер „б-52“, со своите осум млазни мотори, за триминутен лет троши исто толку гориво колку што троши во просек еден возач на автомобил цела година. Американскиот тенк „абрамс м1“ троши по 750 литри гориво на 100 километри, а при директен борбен контакт и маневрирање, неговата потрошувачка може да достигне до 950 литри гориво на час.

Бери Сандер, американски професор и автор на книгата „Зелената зона: еколошките последици од милитаризмот“, со крајни напори успеал да ги добие податоците од Министерството за одбрана на САД за вкупната потрошувачка на фосилни горива на американската војска, преку кои може индиректно да донесе процена за штетните емисии и целосното влијание на одбранбениот систем врз животната средина. Другите армии во светот исто така строго ги чуваат во тајност податоците за нивното влијание врз животната средина. Иако тајноста за потрошувачката и евентуалните резерви на фосилни горива целосно е оправдана од безбедносен аспект, останува фактот дека одбранбените системи на државите го прикриваат своето катастрофално влијание врз животната средина и климата. Со помош на политичарите, одбранбените сектори се обидуваат да излезат од бранот зелена политика што го зафати светот. Политичко-воените структури на Русија и Кина, чии вооружени сили сигурно се меѓу најголемите загадувачи на животната средина, одбиваат воопшто и да разговараат за оваа тема.
Според податоците на Сандер, американската војска е најголем потрошувач на фосилни горива и најголем загадувач. Да е Пентагон држава, ќе се најдеше на 47-то место според емисиите на штетни гасови во светот. Една четвртина од вкупното гориво што годишно се троши за придвижување на млазните авиони во светот, се користи за придвижување на воените авиони на САД. Само во 2006 година, воздухопловните сили на САД потрошија исто количество гориво колку што потрошија сите авиони на САД во текот на Втората светска војна.

Во една студија на аналитичари од Универзитетот во Ланкастер се посочува дека американските вооружени сили во 2017 година дневно просечно купувале по речиси 270.000 литри нафтени производи. Со горење на набавените количества фосилни горива, вооружените сили на САД испуштиле 25 милиони тони јаглероден диоксид. Истата година американските воздухопловни сили купиле горива во вредност од 4,9 милијарди долари, морнарицата во вредност од 2,8 милијарди долари, копнената војска во вредност од 947 милиони долари, а Маринскиот корпус потрошил 36 милиони долари на гориво.
Загадувањето предизвикано од воените сили драматично се зголемува за време на конфликти. Аналитичари на „Оил чејнџ интернешнел“ ги измериле емисиите на гасови во војната во Ирак. Според нивната студија од 2003 до 2007 година, војната во Ирак предизвикала емисии на 141 милион тони јаглероден диоксид, што значи при секоја година војување се испуштаат повеќе гасови отколку што годишно во атмосферата испуштаат 139 земји во светот. Во пресметката не се земени и други штетни гасови, а кои сигурно се мерат во милиони тони. Според нивните процени, војската на САД дневно троши по еден милион барел нафта и учествува со пет отсто во вкупните емисии, кои влијаат врз климатските промени. Така, армија со 1,4 милион војници и друг персонал учествува со пет отсто во вкупните емисии на штетни гасови во светот со 7,5 милијарди жители.

Добиените податоци за војската на САД можат да се искористат и за армиите на најмоќните европски земји. Количеството на штетни емисии е пропорционално помало колку што се помали и воените сили, но сепак станува збор за огромни количества. Ако се додадат и воените сили на европските земји во подем, може да се добие реална слика за погубното влијание на воено-индустрискиот комплекс врз животната средина. Во сето тоа треба да се вклучи и нуклеарното оружје на Франција, како и американското оружје распоредено во Европа.

Во таква ситуација, ЕУ усвојува план за трансформација на Европа во зелен континент, при што воената индустрија и силите премолчено се исклучени од кругот на загадувачите, иако е јасно дека планот не може да се примени без да се отстранат еколошките ефекти на воено-индустрискиот комплекс.
Европа, според политичките елити, би требало да стане климатски неутрален континент, кој истовремено ќе биде дом на моќна воена индустрија. Притоа, во земјите на ЕУ би требало да се зголемат вооружените капацитети за да се постигне поголема безбедност и воена независност од САД и да се создадат инструменти на цврста моќ за ЕУ, која прогласува нова глобална улога во меѓународните односи. Истовремено, во ЕУ се внесуваат дополнителни американски и сојузнички воени сили. Така, Европа би требало да стане вистинска бизарна империја на оружје и зелена идеологија.


Кого штити зелениот договор на ЕУ?

Дали Европа ја штити планетата, но и својата индустрија со новиот зелен договор, прашува „Фајненшл тајмс“, анализирајќи ги компонентите на европската зелена политика. Според весникот, развојот на валканата европска воена индустрија додека европската зелена кампања е во полн ек несомнено укажува на тоа дека зелената политика е во некаква спрега со европската тешка индустрија, чиј најголем адут е токму воено-индустрискиот комплекс, а со тоа и со големиот европски капитал што стои зад политичката динамика.
Не е тајна дека европската челична индустрија, која покрај информатичката индустрија, е темел на воената индустрија, силно ја поддржува европската зелена политика. Тоа го прави од причина што најавените мерки за воведување посебни царини на увезен челик и други производи од тешката индустрија, засновани врз проценетите вредности на емисии на јаглероден диоксид при нивно производство, ќе ги стават европските компании во доминантна позиција на европскиот пазар и ќе го намалат притисокот од увезениот, поевтин челик. Додека помалите извозно ориентирани компании ќе треба да инвестираат во развој на зелена енергија, тешката индустрија и големиот капитал ќе добијат дополнителна заштита од надворешната конкуренција. Оттука, одговорот на „Фајненшл тајмс“ е едноставен, а тоа е дека европската зелена идеологија и политика ги штитат домашната тешка индустрија и крупниот капитал.