Москва ја зграпчи можноста да го врати влијанието на Блискиот Исток и тоа да го искористи како адут за остварување на своите политики во Евроазија
Блискиот Исток има нов клучен играч. Четврт век по распаѓањето на Советскиот Сојуз, Русија речиси целосно отсуствуваше од регионот. Денес, таа е клучен играч со големо воено присуство и со добри односи со сите главни ривали и протагонисти во регионот, од Израел до Саудиска Арабија.
Работите одат во прилог на Владимир Путин. Рускиот лидер го прослави Божиќ со прва посета на Дамаск откако неговите воздухопловни сили почнаа со бомбардирање цели на бунтовниците во 2015 година, што го промени текот на конфликтот. Бунтовниците сега се бомбардираат во нивниот последен бастион во Идлиб, Исламската држава ги губи последните остатоци од својот т.н. калифат, а САД и нивните курдски сојузници се повлекоа кон далечниот исток на Сирија, оставајќи ги руските сили да ги преземат нивните празни бази.
Путин потоа отпатува за Турција, каде што тој и турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган објавија дека договориле прекин на огнот меѓу двете главни завојувани групи во Либија, чии лидери потоа отпатуваа во Москва на преговори за да се зацврсти примирјето. Командантот на либиската национална армија Халифа Хафтар, чии сили од април вршат притисок врз Триполи, со помош на руски платеници, можеби си замина без да го потпише договорот, но преговорите покажаа дека Кремљ ќе игра водечка улога во сите обиди за смирување на конфликтот. Германската канцеларка Ангела Меркел потоа ја посети Москва за да добие поддршка од Путин пред мировната конференција за Либија во Берлин.
Но ако рускиот лидер сега е сеприсутен на Блискиот Исток, тешко е да определи каква е неговата идеолошка стратегија или да се утврдат неговите сеопфатни цели, иако во сето тоа голема улога игра апатијата кон промена на режими.
Русија заработува пари од договори за оружје и инфраструктура, ама тоа го правеше и пред да стане регионален посредник. Наместо тоа, се чини дека пристапот на Путин е опортунистички. Додека западните земји го намалуваат присуството на Блискиот Исток, тој ја искористи можноста за да ја врати Русија како голема сила на светската сцена.
Советскиот Сојуз со години беше голем снабдувач на оружје на Блискиот Исток, поддржувајќи ги арапските држави во конфликтите со Израел. Катастрофалната инвазија на Авганистан го забрза неговото распаѓање, а новите лидери на Русија немаа апетит за мешање во регионот. Но тоа се промени со два настани во 2011 година. Првиот настан се Арапската пролет и протестите во Москва истата година. Западот ја сметаше Арапската пролет за извор на демократија, а Русија за извор на хаос и дестабилизација. Ова гледиште само беше потврдено со доаѓањето на Муслиманското братство во Египет и со конфликтот во Либија.
Путин, кој веќе гледаше како прозападни сили доаѓаат на власт со шарени револуции во Украина и во Грузија, протестите во Москва ги сметаше за нова проба за наводната промена на режимот во Русија, поддржана од САД. Тој ја обвини тогашната државна секретарка на САД, Хилари Клинтон, за поттикнување на протестите во Москва и тврдеше оти тие разгоруваат национализам и исламистички екстремизам.
Вториот настан беше гласањето во ОН за формирање зона на забранети летови над Либија и почетокот на воздушните напади врз земјата, што на крајот доведе до пад и убиство на либискиот лидер и руски сојузник Моамер Гадафи.
Тогашниот руски претседател Дмитриј Медведев се воздржа од гласање без да се консултира со Путин, кој ја вршеше функцијата премиер на Русија. Путин беше гневен, особено по убиството на Гадафи, и подоцна тврдеше дека Вашингтон го организирал убиството. За Путин, кој своевремено сугерираше дека Русија би можела да се зачлени во НАТО или во еврозоната, падот на Гадафи повторно ја демонстрира перфидноста на САД и нивните сојузници.
Во Сирија, Путин со незадоволство гледаше како се разгорува граѓанската војна, а Исламска држава зазема големи територии. Но не реагираше до 2015 година, кога Сирија понуди излез од политичкиот ќор-сокак во Европа. По анексијата на Крим во 2014 година, администрацијата на Барак Обама воведе санкции против Русија. Тогаш, сирискиот претседател Башар ал Асад ја повика Русија да помогне во борбата против исламистичкиот екстремизам. Русија почна да испраќа тенкови, артилерија, авиони и бродови според план што наводно го разработил иранскиот генерал Касем Сулејмани, кого САД го убија во Ирак.
Во септември 2015 година, Русија почна воздушни напади за кои Путин велеше дека се поддршка за Дамаск „во легитимната борба против терористите“, но тие беа насочени и кон бунтовниците поддржани од САД. Со поддршка од Русија, Асад успеа да ја врати контролата врз поголем дел од земјата, а Русија повторно стана клучен член на клубот држави што одлучува за светските настани.
– Сирија ја извлече Русија од постсоветскиот простор и ја претвори во видлива светска сила – вели Дмитриј Тренин, шеф на центарот „Карнеги“ во Москва.
Бидејќи сеќавањата за Авганистан сè уште беа свежи кај многу Руси, Путин беше внимателен да не ветува војници на боиштата во Сирија, туку креативно да ја вклучи Москва. Сличен рецепт има и за Либија. Идејата дека Русија става крај на хаосот во Либија, предизвикан од западната интервенција во 2011 година, мора да е многу привлечна за Путин. Но сето тоа е и добар бизнис за Русија, која загуби многу со падот на Гадафи. Сега, руски платеници наводно веќе чуваат неколку либиски нафтени полиња, а Триполи би можел повторно да стане голем купувач на руско оружје, како во времето на Гадафи.
За Путин, политичките и економските интереси се тесно испреплетени на Блискиот Исток. Една рана придобивка од операцијата во Сирија беа договорите со кои Русија и Саудиска Арабија почнаа во 2016 година да го намалуваат производството на нафта и да ги зголемат цените. Тие преговори беа можни со новооткриената моќ на Москва во регионот, смета Фјодор Лукјанов, претседател на Советот на Русија за надворешна и одбранбена политика.
Сега, кога САД се повлекуваат од Ирак, економските успеси на Русија ја ставија во позиција да стекне политичко влијание во уште една земја на Блискиот Исток. Москва изминатата деценија инвестира десет милијарди долари во енергетскиот сектор во Ирак и развива неколку полиња на нафта и гас. Русија во 2012 година потпиша договор од 4,2 милијарди долари за вооружување на Ирак. По убиството на Сулејмани, Ирак објави оти може да набави руски ракети.
Но најголема придобивка за Путин од сите овие вложувања не се парите, воените бази или влијанието на Блискиот Исток, туку можноста да поставува разни барања за регионите од нејзиното соседство. Она што Путин го сака од Блискиот Исток е да добие подобар адут за состојбите во Европа и во Азија.
– Колку Русија е посилна во светот, толку полесно може да ги оствари своите политики во Евроазија. Бидејќи има слаба економија, Русија компензира во другите сфери, со дипломатија, воена моќ и со можност за решавање други прашања. Русија во тоа ги надминува сите други сили – оценува Лукјанов.