Покрај симулаторите на земјотрес, учесниците биле подучувани како да користат противпожарни апарати, да минуваат низ простории исполнети со чад, да ѝ телефонираат на полицијата во случај на вонредна состојба, како и што да направат ако бидат заглавени во засолништа
Организаторите на Летните олимписки игри (ЛОИ) 2020 во Токио, на помалку од шест месеци до почетокот на Игрите, ги привршуваат подготовките, но останува загриженоста за евентуална природна непогода во тој период, јавува „Ројтерс“. Се очекува повеќе илјади странци да допатуваат во Токио за време на Игрите, па затоа организаторите подготвуваат јасни упатства на англиски јазик за тоа што да прават во случај на земјотрес или цунами.
Пред неколку дена над 200 од околу 570.000 странски жители на Токио се собраа во центарот „Мусашино форест“, каде што ќе се одржуваат спортски настани за време на Игрите, за дa направат одредени вежби при евентуални природни катастрофи. Покрај симулаторите на земјотрес, учесниците биле подучувани како да користат противпожарни апарати, да минуваат низ простории исполнети со чад, да ѝ телефонираат на полицијата во случај на вонредна состојба, како и што да направат ако бидат заглавени во засолништа.
– Ваквите настани навистина им се од помош на странците како мене, бидејќи децата во Јапонија овие работи ги учат на училиште, но ние немаме врска со тоа – вели ученикот од Виетнам, Хоа Нгујен, кој живее во Јапонија повеќе од една година.
Јапонија е една од најранливите земји во светот од тајфуни и земјотреси. Годишно во просек има околу 1.500, но малку од нив предизвикуваат некаква штета. Во минатата година организаторите на ЛОИ 2020 одржаа вежба за земјотрес во новоизградениот објект, центарот за гимнастика „Ариаке“, како дел од планот за справување со вонредните состојби. Организаторите, исто така, сакаат да извлечат поуки и од Светскиот куп во рагби минатата година, кога моќен тајфун предизвика откажување на три натпревари.