Има многу аргументи зошто не е добро тоа решение на спорот за името да биде напишано слеано. Македонија се залага за одржливо решение, кое ќе биде постигнато и прифатено од јавноста и од граѓаните на двете земји. Наше е да го понудиме тоа и да го одбраниме. Иако застапуваме различни страни, се обидуваме да постигнеме заедничка иднина. Историјата е важна, но не можеме да ја промениме, за разлика од сегашноста и иднината, порача министерот Димитров по разговорите со Коѕијас
Република Македонија и Грција можеа вчера в очи да си ги кажат разликите во однос на потрагата по излезни решенија за наметнатиот спор за името од страна на Грција. И додека шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас за време на посетата на Македонија го повтори грчкиот предлог за слеано и непреведено име и барањето за уставни промени министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, јасно се спротивставени на ваквиот предлог нагласувајќи дека ваквото решение не е прифатливо за македонската страна. Двајцата министри, кои вчера во МНР генерално одбиваа поконкретно да одговорат на прашања што директно навлегуваат во суштината на разговорите се согласија дека клучните разлики ќе се дискутираат следната недела во Виена, на разговорите под покровителство на посредникот Метју Нимиц, а засега според нив е доволно да се изгради довербата.
Димитров рече дека вчерашната е „втора вистинска средба“ на која се разговарало за сите суштински елементи во деценискиот спор. Oдговарајќи на новинарски прашања министерот за надворешни работи Димитров на прес-конференцијата изјави дека слеано име на македонски јазик и без превод, не е најдобриот правец во разговорите.
Има многу аргументи зошто не е добро тоа решение на спорот за името да биде напишано слеано, додаде Димитров, по средбата со грчкиот колега Никос Коѕијас, кој беше во дводневна посета на Македонија. Димитров вели дека би било тешко да му се каже на македонскиот народ дека такво име е прифатливо.
– Сегашната привремена референца Поранешна Југословенска Република Македонија го содржи името Република Македонија и тоа е преведено на шесте официјални јазици во ОН. Тешко е да му кажам на мојот народ дека сложено име со некаква одредница, заедно со името Македонија, во еден збор, е добро решение. Може ако се каже набрзина може и да се подизгуби, да не звучи како Македонија. Мислам дека тоа е тежок аргумент. И јас можам многу аргументи да најдам да објаснам зошто тоа веројатно не е најдобриот правец – рече Димитров.
Според него, со филигранска прецизност се работи на овој процес, за да произлезе нешто добро за двете страни. Како што рече, ова е втора вистинска средба за името на која се разговарало за суштинските елементи, а по средбата со Нимиц следната недела, ако има потреба ќе се видат пак.
Шефот на грчката дипломатија на прашањето зошто Грција инсистира на промена на македонскиот Устав, рече дека според практиката на европските уставни судови националните устави се над европското и меѓународното право.
– Затоа е потребно ова прашање да се разјасни, но тоа во моментов не е тема, бидејќи сме на средина од преговарачкиот процес – рече Коѕијас. Тој додаде дека менувањето на Уставот не е страшна работа тоа се случува и во Грција.
– И во Грција правиме уставни промени, тоа не е ништо страшно. Законите, уставите, менталитетите со текот на времето се менуваат. Како што имам и кажано, две главни и пет помали промени има направено тука земјата, не сакам да навлегувам сега во тоа прашање. Морална промена е таа што ќе ги задоволи и двете страни – додаде грчкиот шеф на дипломатијата, Коѕијас.
За нацрт-спогодбите што си ги разменија Скопје и Атина, Коѕијас рече дека тоа се документи со кои треба да се разјаснат позициите на страните, а не да се отежни процесот. На крајот треба да добиеме еден текст што посредникот Метју Нимиц ќе го преточи во договор и ќе го достави до Советот за безбедност на ОН, како потврда дека проблемот е решен, објасни шефот на грчката дипломатија.
На истото прашање Димитров објасни дека Македонија се залага за одржливо решение, кое ќе биде постигнато и прифатено од јавноста и од граѓаните на двете земји.
– Наше е да го понудиме тоа и да го одбраниме. Иако застапуваме различни страни се обидуваме да постигнеме заедничка иднина. Историјата е важна, но не можеме да ја промениме, за разлика од сегашноста и иднината. Потребно е одржливо решение што на двете страни ќе им овозможи да одат напред – рече Димитров.
Коѕијас, пак, рече дека е потребно праведно решение, кое не се однесува на минатото, туку на иднината и ќе ги отвори патиштата и нема да создава проблеми во иднината.
Двајцата министри во неколку наврати дипломатски потсетија дека се надеваат „оти и другата страна има вистинска желба да се надмине проблемот“.
Инаку Коѕијас освен со Димитров, за вчера според најавеното требаше да се сретне и со претседателот на Собранието Талат Џафери, со премиерот Зоран Заев, и со лидерите на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски. До затворањето на весникот Коѕијас оствари средба со премиерот Заев. Од кабинетот на премиерот Заев не излегоа со соопштение за средбата.
Во меѓувреме додека грчкиот министер е во, како што вели, посета на северна пријателска земја, стотина граѓани протестираа против промена на името и против преговори меѓу двете земји. И додека Коѕијас престојува во Македонија грките политичари веќе подготвуваат отстапница за евентуалниот неуспех на преговорите.
– Моја лична процена е дека прашањето за името е тешко да се реши, а со тоа и тешко дека евентуален договор би стигнал до грчкиот парламент – изјави вчера потпретседателот на опозициската Нова демократија, Костис Хаѕидакис, во интервју за грчката телевизија Скај.
Костис Хаѕидакис не е оптимист дека актуелната грчка влада би можела да донесе договор во парламентот, а доколку го стори тоа, според него, по реакциите кај народот, ќе ја смени тактиката. Ваквата изјава на најдобар можен начин ги отсликува грчката превртливост, двојните стандарди и глумењето наводни преговори во целиот процес.
Прием во грчката Канцеларија за врски
Грчката Канцеларија за врски во Скопје вчера организираше прием по повод Денот на независноста на Грција, кој се поклопи со посетата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас на Македонија. На приемот главна ѕвезда беше токму Коѕијас, кој пристигна заедно со својот македонски колега Димитров. И двајцата во неформална и опуштена атмосфера и надвор од објективот на камерите разговараа со голем број гости од политичкиот, економскиот и јавниот живот во Македонија. Меѓу присутните беа и претседателот на Собранието Талат Џафери, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, претставници на политичките партии и на дипломатскиот кор. Инаку Грција Денот на независноста го одбележува на 25 март, но годинашната церемонија во Скопје се случи на 23 март.