Правосудниот систем со години наназад останува рак-рана на државата

СТРУЧНАТА ЕЛИТА КАТЕГОРИЧНА: ВАКА НЕ БИДУВА ПОНАТАМУ

И покрај сите укажувања и предупредувања на стручната јавност и понатаму продолжува практиката двајца поглавари да зборуваат за законска материја што не ја познаваат. За тоа зборувам триесет години, што веќе е срамно што ништо не се менува. А впечатокот е дека немаме друга алтернатива, што, пак, ја убива надежта. На секои избори им даваме легитимитет на некои што не разбираат како функционира демократијата, а тие одлучуваат за нашите животи, тврдат аналитичарите

И покрај добро извежбаната реторика за итната потреба од враќање на довербата во правната држава, владеење на правото и независноста на правосудниот систем, политичките елити и понатаму продолжуваат да ја „кројат правдата“ според сопствените мери и интереси.

Речиси во исто време додека стигнуваат извештаите на релевантни светски истражувања за индексот на демократијата и за степенот на застапеноста на корупција, во кои македонското општество бележи пад и не може да излезе од зоната на хибридни режими, претставниците на власта и на опозицијата ги продолжуваат договорите за преуредување на Законот за Јавно обвинителство. И пак ја гледаме истата слика и ја слушаме истата приказна.

И понатаму таквите преговори веќе нескриено се водат како партиски пазарења, со меѓусебни квалификации и обвинувања, без голем обѕир за правната и законска поткрепеност на тој принцип на носење законски решенија. Иако во повеќе наврати се покажа дека таквата практика на меѓупартиски договори за законски решенија не придонесува за градење на правната држава (последен пример е СЈО), таа и понатаму продолжува да се применува како своевиден парадокс. Од друга страна, и понатаму останува предизвикот функционирањето на правото и правната држава целосно да се оттргне од канџите на политиката, а не правната држава да функционира во зависна позиција од политиката или по нејзин налог и желба.

– Секое договарање за некој закон надвор од Собранието, значи дезавуирање и дерогирање на правниот систем и правната држава. Можеби е екстремно гледиште, но таквата практика создава простор за опцијата да се распушти Собранието како непотребно ако партиите се договараат за законите надвор од него. Тоа значи дека непотребно плаќаме 120 пратеници. Според тоа, и актуелните преговори за Законот за Јавно обвинителство само ја поткопуваат надежта за враќање на правната држава и владеењето на правото. Сѐ додека не научиме да ги почитуваме основните постулати на демократијата, а тоа е дека Собранието не е филијала на партиите, дека Владата, односно извршната власт треба да работи за сите граѓани, а не само за спроведување на партиските интереси, слаби се изгледите за враќањето на правната држава. Кога би се случило тоа? Јас се надевав дека ќе се случи вчера, но бидејќи не се случи, морам да верувам дека тоа ќе биде еден ден, колку што е можно побргу. Инаку ќе пропаднеме како држава – вели Мирјана Најчевска, професорката на Институтот за политичкоправни истражувања.

Конкретниот закон за Јавно обвинителство, некои дипломати го наведуваат како услов за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, но таквиот аргумент позицијата и опозицијата во текот на меѓусебните договарања често, во различни периоди, го релативизираат како „незадолжителен услов“. Од друга страна, се поставува прашањето колку овој закон ќе придонесе за постигнување на толку бараното независно судство.

– Овој закон за Јавно обвинителство воопшто ништо не значи за независност на судството. Тргнувајќи од членот 2 на овој закон, според кој Јавното обвинителство е дефинирано како независен државен орган, и понатаму не претставува дел од правосудниот систем. Со таква законска поставеност, колкава независност може да се очекува од државен орган? Уште повеќе што како предлог се изнесува и можноста политичките лидери (независно дали од власта или од опозицијата) да одлучуваат за шефот на таквото обвинителство, што логички значи дека тоа е политички орган, кој воопшто не е независен од политиката. Според тоа, Законот за Јавно обвинителство, за кој сега преговараат партиите, е чист политички закон и воопшто не во интерес на независноста на судството и не може да одлучува за слободите и правата на граѓаните. За да добие таков легитимитет, за почеток Јавното обвинителство треба законски да се дефинира како правосуден, а не државен орган. Зашто, според Уставот, за слободите и за правата на граѓаните може да одлучува само судот – смета Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.

Професорот на Правниот факултет при УКИМ, Борче Давитковски, актуелните партиски договарања за Законот за Јавно обвинителство, надвор од Собранието, ги смета за нелегитимни и дека не носат надеж за правната држава и за владеењето на правото.
– Во услови на нормална демократска култура, поглаварите т.е. лидерите на партиите не смеат ни да помислат да разговараат за носење закони надвор од парламентот. Но и покрај сите укажувања и предупредувања на стручната јавност и понатаму продолжува практиката двајца поглавари без легитимитет да зборуваат за законска материја што не ја познаваат. За тоа зборувам триесет години, што веќе е срамно што ништо не се менува. А впечатокот е дека немаме друга алтернатива, што, пак, ја убива надежта. На секои избори им даваме легитимитет на некои што не разбираат како функционира демократијата, а тие одлучуваат за нашите животи – вели професорот Борче Давитковски.