Економскиот раст изразен во проценти не е доволен показател за реалната состојба, која упатува на огромни разлики меѓу развиените земји и Македонија. Имено, БДП по човек во Европа изнесува 36 илјади евра, додека истиот тој во Македонија достигнува одвај 6 илјади евра
Македонската економија во последниве години расте со стапки помеѓу 2 и 3 отсто, но, сепак, истите тие не создаваат доволно голем економски раст што ќе го подигне животниот стандард. Македонија драстично заостанува зад Европа, а тоа особено го чувствуваат граѓаните, кои најголем дел од своите приходи трошат за намирување на основите трошоци.
Чести се извештаите од реномирани светски институции што го предвидуваат растот на економијата во земјава, но и пошироко, за регионот и за светот. Едни од таквите извештаи се на Меѓународниот монетарен фонд, кој во својата последна прогноза посочи дека од оваа година економскиот раст ќе оди во нагорна линија и се очекува да биде над 3,6 отсто, а веќе од следната и поголем. Но економскиот раст изразен во проценти не е доволен показател за реалната состојба, која упатува на огромни разлики меѓу развиените земји и Македонија.
Имено, БДП по човек во Европа изнесува 36 илјади евра, додека истиот тој во Македонија достигнува одвај 6 илјади евра. Ваквата состојба јасно укажува дека се потребни големи промени во економијата, кои ќе резултираат со поголем раст, но раст што ќе го подобри животниот стандард на граѓаните. Економските експерти укажуваат дека за да се остварат стапки на раст на БДП што ќе резултираат со подобрување на животниот стандард е потребно пред сѐ правично општество, во кое ќе владее правото и ќе има правичност во примена на законите.
За професорот Марјан Петрески од „Американ колеџ“, повисоки и одржливи стапки на раст на БДП се можни само ако економијата се преструктурира и значајно се подигне конкурентноста. Тој посочува дека се потребни структурни реформи на неколку клучни пунктови, а како прв пункт ја истакнува трудовата продуктивност, која го најголема мера е детерминирана од образованието.
– Еве, да си земам за право да го вулгаризирам ова и да кажам дека силна желба да се работи во јавна администрација, само за да се осигури каква-таква платичка со никаков или минимален напор е спротивна на каква било заложба да се вложува во знаење и вештини што ќе го донесат општеството на повисок стадиум на развој. Второ, тоа е продуктивноста на машините. Земете ја текстилната индустрија, која тешко се бори со порастот на минималната плата, главно затоа што дел од таа индустрија е недоволно технолошки унапреден и оттука не може да генерира вредност што ќе може лесно да поддржи зголемување на платите. И, спротивно, неколку текстилни фабрики што направија позначајна технолошка инвестиција веќе значајно отскокнуваат и во поглед на својата продуктивност и во однос на платите и профитите – објаснува професорот Петрески.
Тој исто така истакна дека како трет клучен пункт е ефикасноста со која ги користиме ресурсите, за што, по негово лично убедување, клучен фактор е институционалната стабилност.
– Една фабрика може да ги има најдобрите работници и најдобрите машини, но ако се соочи со лоша услуга кога ќе се обрати кај јавната администрација, или ако не може да ги оствари своите права поради лабилна правна средина и слабо владеење на правото, тогаш растот на компанијата, а оттука и на вкупната економија, ќе биде значајно поткопан – истакна Петрески.
Сличен став има и поранешниот гувернер Петар Гошев, кој истакна дека без правичен економски и политички систем и без правна сигурност, не може да има континуитет и раст на економијата.
– Поттикнувањето на економскиот раст е доста сложен процес и тој не може да се подобри само со една или две мерки. Напротив, неговиот раст зависи од работата и влијанието на сите инволвирани, како од владините мерки така и од судските органи, од администрацијата, од правдата, од технолошкиот развој и од самите фирми и работници. Но ако имаме држава каде што сите се корумпирани и каде што нема правичност, луѓето бегаат и се одлева капиталот. Неопходен е стабилен економски и политички систем. Колку може поправични економски и политички системи, и ќе има раст на економијата – истакна Гошев.
Поранешниот гувернер додава дека има сигнали што укажуваат дека се намалува инвестициската активност во земјава и посочува дека еден од сигналите е и намалениот интерес за кредити што ги земаат компаниите од банките. Бидејќи кредитите се вообичаен начин за проширување или подобрување на технологијата, недостигот од кредитирањето е сигнал за намален интерес за инвестирање.
Во Македонија вообичаено при известување за економскиот раст се објавуваат процентите за економскиот раст, кои се движат околу 3 отсто. Иако истите тие се променливи од година на година, сепак, се создава впечаток дека растеме со солидно темпо. Ова особено ако се спореди растот од 3 и повеќе проценти со 1 или 1,5 отсто раст карактеристичен за европските земји. Експертите укажуваат дека растот во развиените земји што веќе имаат повисоки стандарди во реални бројки е многу поголем од нашиот, но, сепак, тоа не значи дека процентите се погрешни.
– Кога се објавуваат процентите за економски раст, тие се реален приказ на состојбата, но разликата лежи во самата основа за пресметка на растот. Во нискоразвиените земји многу е полесно да се постигнат повисоки стапки на раст, бидејќи основата за раст е мала, додека, пак, во земјите со високоразвиена технологија не се остварува толку голем раст, но, сепак, тие и понатаму се развиваат – додава Гошев.
Тој истакна дека со вакви стапки на раст, Македонија дури за 50-60 години ќе го стигне стандардот на европските граѓани, односно на развиените земји. Поради ова, тој смета дека е време да се преземат конкретни чекори во насока на подобрување на условите за развој на економијата и дека кон тоа треба да тежнеат сите инволвирани во спроведувањето фер и правично општество, почнувајќи од Владата, преку судските органи, до администрацијата.