Приштина – Во 2018 година германската амбасада во Приштина издала околу 13 илјади работни визи за граѓаните на Косово, а за 2019 година сè уште нема податоци.
Новиот закон за миграција на квалификувана работна сила што го усвои Германија, а кој ќе стапи во сила во март годинава, ја оживеа надежта на косовските државјани што бараат работа во ЕУ. („Зери“)

Атина – Поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас, преку социјалните мрежи реагираше за одлуката на Владата повторно да формира министерство за миграција, истакнувајќи дека на Мицотакис му беа потребни шест месеци за да го сфати хаосот што се создал во бегалското прашање.
– Му честитам на господинот Мицотакис, кому му беа потребни само шест месеци и седум дена за да го разбере хаосот што го создаде во бегалското прашање и колку голем гаф беше неговата одлука да го укине Министерството за миграциска политика во земјата со најголеми бранови бегалци и мигранти во цела Европа – напиша Ципрас на социјалните мрежи. (МИА)

Тирана – Мисиите на Европската Унија и на ОБСЕ во Тирана го поздравија постигнатиот договор меѓу власта и опозицијата за изборните реформи, оценувајќи го како многу значаен чекор. Амбасадорот на делегацијата на Европската Унија во Албанија, Луиџи Сореца, рече дека ова е важно достигнување за враќање на политичката стабилност во Албанија и во контекст на процесот на интеграција на Албанија во ЕУ. Мисијата на ОБСЕ оценува дека договорот е важен чекор кон сеопфатна изборна реформа до 2021 година.


Бисер балкански

Демократијата низ бројки

– Знае ли некој колку партии има во парламентот? Па, не знае, дури 32, а независни пратеници 21. Дали мислите дека со намалување на цензусот ќе се зголеми демократијата и тука ќе има повеќе партии? Сите знаат за што станува збор. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не знае каде удира, затоа што сѐ му се распаѓа – Драган Ѓилас, претседател на партијата Слобода и правда, за идејата на Вучиќ за намалување на изборниот цензус од пет на три отсто, во намера да го спречи бојкотот на дел од опозицијата во Србија.
Драган Ѓилас, еден од лидерите на опозицискиот блок Сојуз за Србија, го претстави планот „Србија 2020“, со кој се предвидува шест месеци по сменување на Вучиќ, лекарот почетник да има почетна плата од илјада евра, додека наставниците да имаат почетна плата од 700 евра.